Добар абер пристигна од Белград. Македонските музичари Дина Јашари, како и групата „Funk Shui“, заедно со Вера Љубојна со нивните песни „Бои“ и „Не време“ се меѓу 14-те финалистите за наградата „Милан Младеновиќ“, која веќе трета година ја организира Задужбина која го носи името на овој голем музичар. 

Жирито не беше со лесна задача – стои во објаснувањето за процесот, со нагласување дека победникот, традиционално, ќе се знае на 21-ви септември, денот кој се одбележува како роденден на Милан. 

Претходно беа објавени имињата на 47 финалисти, меѓу кои беа и скопските ПМГ Колектив, кои за жал отпаднаа, како и популарните The Splitters, Сара Ренар, Kezz… Mакедонскиот музичар Кирил Џајковски, некогашен водач на електро-поп составот „Бастион“, кој подоцна во 90-те изгради реномирана кариера на музичар кој подеднакво успешно се занимава со создавање електронска и филмска музика, е член на годинашново жири за престижната музичка „Награда Милан Младеновиќ“. 

Освен Кирил, во жирито се уште и: Дамир Урбан од Хрватска, фронтмен на составот Urban & 4, Иван Феце Фирчи (Србија), музичар, некогашен тапанар на „Екатарина Велика“, Катарина Епштајн, музички уредник во РТС и автор на радио-емисија, како и Зоран Стајчиќ (Хрватска), главен уредник на респектираниот портал „Равно до дна“. „Наградата Милан Младеновиќ“ е основана со цел да се поттикне музичката креативност која се карактеризира со вредностите својствени на уметничкото наследство на Милан Младеновиќ. 

Добитник на првата награда, која беше доделена во 2019 година, беше групата „Артан Лили“ со песната „D.E.P.R.A“, а втор лауреат беше групата „Драм“ во 2020-та, со песната „Дај ми сè“.  

Design by Futro Design Studio (преземено од фејсбук-профилот на Задужбина Милан Младеновиќ)