Турист од Швајцарија пријавил во полиција дека бил измамен од скопски таксист, кој за возење од Центар до Средно Водно му наплатил астрономски 7.800 денари, соопшти полицијата.

43-годишниот Швајцарец пријавил дека за време на патување со такси бил
брутално прелажан. Откако го сфатил износот што му бил побаран за кратката
релација, туристот реагирал, но наместо извинување, добил агресивно
однесување од страна на возачот, кој веднаш потоа избегал со возилото.
Ова е само еден од низата поднесоци до МВР за диви таксисти кои хараат во
Скопје. И повторно го отвора сериозни прашања за безбедноста и за третманот на туристите во метрополата, особено во делот на нерегулирани такси услуги и
злоупотреби од поединци.

Ваквите инциденти со диви таксисти сериозно ја нарушуваат репутацијата на
Скопје и Македонија како туристичка дестинација. Нелегалниот такси-превоз го
уништува угледот на главниот град. Странците се најчеста цел на дивите таксисти, кои ги гледаат како магнет за брза и нереална заработка. Се наплатуваат нереални цени за кратки дестинации, бидејќи многумина од дивите возачи мислат дека ако се странци, не ги разбираат парите, па се обидуваат да им наплатат големи суми и брзо да заработат.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на странските
туристи во Македонија бележи пораст, со зголемување од 10.8% во јануари 2025 година во споредба со истиот период претходната година. Меѓутоа, ваквите инциденти со диви таксисти можат сериозно да го загрозат овој позитивен тренд и да ја намалат атрактивноста на Скопје како туристичка дестинација.

Ситуацијата со дивите таксисти во Скопје не е нова, туку постои од раните 2000-ти години и се провлекува до денес. Недоволната контрола од страна на градските власти е меѓу најголемите пречки. Инспекторите за патен сообраќај, иако постојат и вршат контроли, се премалку на број за да можат да ги покријат сите проблематични локации. 

Градот Скопје се жали на недостаток на кадар, а Агенцијата за управување со одземен имот веќе неколку години нема место за сместување на времено одземените такси возила, што ја оневозможува ефикасната борба против нелегалните превозници. Покрај институционалните слабости, недоволната политичка волја и комуникацијата помеѓу властите и превозниците дополнително го комплицираат проблемот. Оваа пасивност ги принудува сè повеќе легални таксисти да ги напуштат компаниите и да преминат во сивата економија.

Дивите таксисти наоѓаат и плодна почва за своите активности во сенка на
нефункционалниот градски автобуски превоз. Граѓаните, исфрустрирани од
долгите чекања на автобуските станици, се решаваат да влезат во првото такси
кое ќе им дојде, а тоа многу често се случува да е нелегално. Дивите таксисти не плаќаат даноци, придонеси или други давачки, што им овозможува поголема
заработка и нелојална конкуренција кон легалните оператори.

Контролата на такси превозот во Скопје е во надлежност на повеќе институции:
инспекторите за патен сообраќај при Градот Скопје, полицијата и Управата за
јавни приходи. Законот предвидува казни до 500 евра за физички лица и
привремено одземање на возила, но овие мерки ретко се применуваат доследно.

Дивите таксисти нанесуваат значителна штета на легалните такси компании,
државниот буџет и екологијата. Тие го крадат прометот на легалните превозници,  не плаќаат даноци и придонеси, а често користат стари и истрошени возила што зголемуваат загадувањето на воздухот. Дополнително, постои ризик за безбедноста на патниците, бидејќи дивите таксисти често користат возила кои не ги исполнуваат безбедносните стандарди.

За да се врати редот во такси-превозот во Скопје, потребна е поголема политичка волја, зголемени инспекциски контроли, доследна примена на казните и подобрување на јавниот превоз. Само со координирана акција на сите надлежни институции може да се реши овој хроничен проблем кој ја загрозува репутацијата и безбедноста на главниот град.