Вториот македонски Swatch од платформата „Swatch на кирилица“ ќе го брои времето во духот на седум осминскиот такт. На јавниот повик за избор на креативно решение, победи дизјанот на Андреј Павлов, насловен „Такт, ритам, време“.
„Она што на прва освојува во победничкиот дизајн е доловеното чувство на прегратка кое на некој начин ја отсликува емоцијата која ја чувствуваме во моментите кога го слушаме 7/8-от такт како најавтентичен македонски код. Љубовно прегрнување, кое секогаш предизвикува промена на срцевиот ритам кое понекогаш е проследено и со прескокнување на некое отчукување- аритмија, љубовна аритмија.
- 7/8 е ритам не е инструмент,
- 7/8 е ритам кој можеби се слуша со уво, но се доживува со други сетила, се доживува како емоција, еуфорија и страст,
- 7/8 не е Византија, не е среден век, не е наша историја, туку е наша иднина,
Победничкиот дизајн нé погоди во срце. Радоста е уште поголема што победничкиот дизајн е креиран од млад дизајнер. Креативец, кој давајќи еден модерен твист и „out of the box“ доживување на приказната, ни укажува дека ритамот на нашата душа силно ќе продолжи да отчукува и во иднината како основа за потрага на нови форми и нова инспирација“, опишуваат во објавата членовите на жирито.

- Ако големиот маестро Трпчевски може овој македонски ритам да го фузира со Брамс, и со својот оркестар да ја потреси Европа и светот преку проектот Македонисимо,
Ако еден од најголемите гитаристи Влатко Стефановски, на својата гитара речиси визуелно му го доближа на секој Македонец и Балканец 7/8скиот ритам преку едноставна секвенца „ јен-два-три, јен-два, јен-два„
Ако Милчо Манчевски во своето ремек дело „Пред дождот“ емоциите ги исцртува со македонскиот ритам, а нашиот сограѓанин Крсте Роџевски со својот андроген глас ја возбудува селективната и деликатна публика по целиот свет никогаш незаборавајќи ја основата и коренот на македонскиот мелос и ритам, тогаш ние се чувствуваме одговорни и повикани на свој начин и во својата област да ги споиме историјата, традицијата, иновативноста и иднината, и на свој оригинален начин да го запечатиме постоењето и важноста на овој автохтон ритам, толку важен за нас македонците“- нагласуваат од тимот на Божиновски.
Првонаградениот, 26-годишен Андреј Павлов е дипломиран машински инженер по индустриски дизајн (на УКИМ) и моментално вработен како главен уредник на дизајн на СКАЛА магазин.
Покрај првата награда, поради огромниот број на креативни решенија жирито одлучило да додели и дополнителни награди за тројца финалисти. Дополните награди се доделени на авторите: Марија Смилевска, Сандра Котевска и Марина Трајковска. Изборот на победникот меѓу 80-те испратени креативни решенија, беше направен од страна на тимот на „Божиновски часовници и накит“ заедно со стручната жири комисија во состав: Крсте Роџевски, Влатко Стефановски, Симон Трпчевски, Милчо Манчевски, Славимир Стојановиќ – Футуро и Михаил Корубин.