Дизајнот на Дејан Христов-електрично Yugo, можен производен проект на „Застава“

-Планирам, кон крајот на месецов да воспоставам контакт и со српската влада за развој на палета автомобили кои би се произведувале во фабриката на „Застава“. Предлог-планот и концепт-автомобилите што ќе им ги понудам ги развивам во соработка со Владимир Матијашевиќ, еден од најеминентните конструктори на автомобили од Србија“, вели во интервју за Анторис магазин македонскиот дизајнер, Дејан Христов .

 Дејан Христов-моите креации на слободна тема обично носат значки на големи марки, но тоа е така единствено со цел да привлечат поголемо медиумско внимание

Дизајнот на електричната реинкарнација на легендарното Yugo што неодамна се појави на платформата Behance ги разбуди духовите не само на бившите ЈУ простори, туку и во остатокот од автомобилскиот свет. Концептот на електрично Yugo е уште еден дизајн во низата на Христов, талент чии автомобилски дизајни ги среќаваме на светските автомобилски интернет страници.

Овој млад и креативен дизајнер е роден и пораснат во Скопје, a по вокација е  графички дизајнер и дипломиран професор по философија.

За себе вели: „Главно заработувам од графичкиот дизајн. Пасиониран сум кон многу форми на креативност, но вистински вљубен во филосоијата и духовноста воопшто. Кога не би бил опседнат со креативноста, мислам дека главна преокупација би ми биле философијата и истражувањето на древните култури и знаења. Поради таквите лични афинитети, преферирам умерена социјална изолација, а најубаво се чувствувам надвор од урбаната средина.“

Yugo- една од најголемите икони на Југословенската Федерација


* Неодамна регионалните медиуми беа преплавени со вашиот дизајн на екс ЈУГО како современ електричен автомобил- Yugo BEV (скратено од „Battery Electric Vehicle“). Зошто баш ЈУГО? Што беше мотивот да креирате нов изглед токму на автомобил произведен на овие простори и еден од најчестите на нашите патишта?

Дизајнот на Дејан Христов-електрично Yugo, можен производен проект на „Застава“.

- Оригиналниот Yugo е настанат во седумдесетите години од минатиот век, а започна да се произведува во 1980 години. Сега, сведоци сме дека тој период е прилично инспиративен за денешните креативци на многу полиња. Сличен беше случајот и со мојот дизајн за модерно Yugo. Бев уверен дека неговиот автентичен дизајнерски стил може успешно да се адаптира на денешните стандарди и трендови.

Дополнителен мотив беше носталгијата која се покажа дека, и тоа како е присутна во земјите од бившата Југословенска федерација, а една од најголемите нејзини икони е токму Yugo. Вниманието кое го привлече мојот дизајн ширум Балканот, повеќе е резултат на таа носталгија, одошто на самиот дизајн.

Покрај овие два фактора, на Балканот се појавуваат околности кои одат во прилог на производство на автомобили со модерен електричен погон. Како пример во таа насока ќе ги наведам најавата за големи инвестиции од страна на Rio Tinto за ископување на литиум во Србија. Потоа, појавувањето на компанијата Rimac во Хрватска, која за кратко време стана еден од најсериозните играчи во конкуренција на електричните автомобили. И конечно светлиот пример на Dacia, што може да ги охрабри големите производители за нови инвестиции во производство на автомобили на овие простори.

* Кои се карактеристиките на концептот на вашиот дизајн- Yugo BEV?

- Во автомобилската индустрија во тек е голема кампања за исфрлање од употреба на моторите кои согоруваат фосилни горива. Поради најавите за забрани на таквите мотори во не така далечна иднина, веќе станува апсурдно дa се смета на таков погон при започнување на нови проекти. Постојат неколку сериозни алтернативи на еколошки погони, но од некоја причина властите најмногу ги поттикнуваат и субвенционираат електричните мотори на батерии. Затоа таквите мотори се најразумен избор при развој на нови автомобили.

Електричните мотори со поголема моќност овозможуваат поголеми забрзувања, а поради поставеноста на тешките батерии во подот на возилото, таквите автомобили имаат ниско тежиште, односно поголема стабилност во свиоците. Тоа би биле основните возни карактеристики на новото Yugo, што одлично се надоврзува на умерено спортската силуета со по една странична врата и релативно низок кров.

* Од каде идејата за цртање и дизајнирање на автомобили? Односно како Дејан Христов стана дизајнер на автомобили?

- Цртам откако научив да држам молив, а една од омилените теми уште во стартот ми беа автомобилите. Но никогаш не ме привлекуваше предизвикот да цртам постоечки автомобили, туку оној, сам да ги обликувам. И никогаш не ја загубив таа страст. Го сакам дизајнот и естетиката воопшто, но најмногу би сакал да се бавам со архитектура и автомобилски дизајн.

 Се додека постојат сиромашни луѓе- поседувањето скап автомобил не е етичко


* Што те водеше на овој пат- опсесијата кон автомобилите од дете, си бил вљубеник на некоја марка, или пак, желбата и фантазијата да се има кул автомобил? 

- Уживам во возните особини на спортските автомобили и адреналинот кој кај мене го стимулираат. Воедно многу ги сакам патувањата во автомобилите кои нудат врвен комфор и луксуз во ентериерот.

Уверен сум дека убавината навистина би можела да го спаси светот...

Но, веќе не сонувам да имам таков автомобил. Лично сметам дека се додека постојат сиромашни луѓе, поседувањето скап автомобил недоволно кореспондира со етиката. Па сепак, се уште уживам во нивното дизајнирање. Мислам дека со дизајн би се занимавал дури и да знам дека до крајот на животот нема да заработам ни денар од тоа.

До сега кај мене е доминантен мотивот да предлагам нови решенија во дизајнот и да ги предвидувам трендовите. Но нестрплив сум да влезам во фаза кога најбитно ќе ми биде да ги разубавувам улиците и да трагам по некаква возвишена естетика во дизајнот. Естетиката ја сметам за сродна со етиката и верувам дека вистинската убавина може во добра насока да го обликува менталитетот на човештвото. Уверен сум дека убавината навистина би можела да го спаси светот...

* Колку дизајни досега си креирал и како избираш автомобил за кој би подготвил нов дизајнерски концепт?

- Долг е процесот на создавање на еден дизајн. Најчесто не завршува дури ни откако автомобилот ќе влезе во производство, туку продолжува да еволуира и после тоа. Затоа ниту еден мој дизајн не го сметам за совршен, ниту довршен.

Сепак некои мои дизајни ги сметам за доволно развиени за да ги прикажам пред јавноста. Таквите ги претставувам низ фото-реалистични рендери, кои ги поставувам на своето портфолио, со што сметам дека сум ја заокружил најважната фаза во нивниот развој. Имам неколку десетици такви дизајни и стотици идеи претставени низ брзи скици. Технички е неизведливо на јавноста да и ги прикажам сите свои идеи. До сега изборот за реализација главно паѓаше на оние за кои сметам дека се пореволуционерни.

Се уште учам и се развивам како дизајнер


* Колку време ти е потребно за да го изработиш комплетно концептот на дизајнот за одреден автомобил? Каков концепт користиш, што се ти е потребно за да го добиеш целосниот ефект на моделот?

- Основната цел ми е реално и детално да ги прикажам своите дизајни. За тоа ми се доволни рендери врз основа на CGI 3D модел, за што ми е потребно околу еден месец посветена работа. Сепак, поради различни причини, некои дизајни може да се покажат како проблематични и да ми одземат повеќе време одошто очекувам.

Пред да започнам да користам компјутерска програма за 3D моделирање, ми требаше повеќе време за реално да го прикажам дизајнот. Тогаш објавував по еден до два дизајни годишно. Сега сум неколкукратно попродуктивен.

* Кој од твоите дизајни ти е омилен, на кој си најгорд, кој те експонира, на кој си потрошил најмногу време ?

- Не сум горд на ниту еден мој дизајн. Доколку некогаш недоволно сум самокритичен и сомничав во своите дизајни, може да се случи експресно да бидам приземјен од критиките во автомобилската јавност. Никогаш не постоел автомобил кој секому се допаѓа, кој има еднаков успех на сите континенти и кој ги задоволува сите естетски критериуми. Се уште учам и се развивам како дизајнер.

Признавам, одредени мои дизајни ми се подраги од други, но само од субјективни причини...

Откако некој мој дизајн ќе излезе во јавност, престанувам со негови покрупни корекции. Но пред да отворам јавно портфолио, не брзав со објавување на дизајните, па си дозволував долго да ги развивам и бесконечно да експериментирам врз нив. Некои мои стари дизајни се плод на постепен и трпелив развој во траење од повеќе од една година.

* Како ја презентираш својата работа, дизајните пред јавноста ?

- Кога ќе завршам со развојот на одреден дизајн, перфекционизмот го насочувам кон изработка на сликите. А кога ќе направам доволен број слики со кои сум задоволен, ги поставувам на своето портфолио, од каде можат да ги преземаат и објавуваат заинтересираните интернет страници и списанија. Така лансирани во јавност, дизајните сами го пробиваат патот до евентуален комерцијален успех. Покрај готовите дизајни, стојам на располагање за креирање дизајн по нарачка.

Најмногу ги ценам софистицираните дизајни со безвременска убавина


* Постои ли соработка со некоја автомобилска куќа?  Која е целта, можноста да ги понудиш своите дизајни на одредени производители и ако има каков е фидбекот?

- Во 21-от век секој поголем производител има свој дизајнерски центар, а некои центри располагаат со повеќе од 1000 вработени дизајнери. Таквите дизајнерски центри имаат повеќе причини да бидат прилично затворени за соработка со фриленсери.

Од друга страна, мене не ме привлекува да бидам дел од голем дизајнерски тим со строга хиерархиска структура и воспоставен и вкалапен стил во дизајнот. Вистина е дека моите креации на слободна тема обично носат значки на големи марки, но тоа е така единствено со цел да привлечат поголемо медиумско внимание.

Како креативец многу повеќе ме привлекуваат помалите произведувачи и стартап компаниите кои допрва го градат стилот на брендот и имаат пофлексибилен однос кон дизајнот. Во континуитет контактирам со такви, но не сите контакти се успешни и перспективни.

* Како гледате или ги оценувате современите дизајнерски креации на широката палета на автомобили на пазарот? Колку се тие реални и достапни до обичниот возач?

- Дизајнерските стилови и правци на големите производители се базираат на опсежни истражувања на вкусот на купувачите. Сепак, како никогаш порано на пазарот се застапени најразлични стилови. Некои марки главниот акцент го ставаат на елеганцијата, наспроти оние кои ја развиваат комплексноста на деталите, едни алудираат на традицијата, други на револуционерноста во дизајнот, едни се инспирирани од класичната естетика, други од модерниот изглед и напредната технологија...

Повеќето дизајни имаат своја комерцијална оправданост. Јас не се осмелувам да давам категорични оцени, но лично најмногу ги ценам оние кои ми делуваат софистицирано и за кои сметам дека имаат безвременска убавина.

* Имате ли вие идол меѓу дизајнерите на автомобили- кој бренд дизајн од актуелните за вас е на пиедестал?

- Застапник сум на тезата дека врвот во автомобилскиот дизајн е достигнат во шеесетитте, се до половината на седумдесетите години од минатиот век, и тоа пред се на тло на САД. Сепак, моите омилени дизајнери се наоѓаат и работат во Европа.

Фан сум на креациите кои имаат излезено од дизајнерското студио Pininfarina до крајот на осумдесетите, и веројатно тука треба да се бара најдобрата диригентска палка во дизајнерскиот менаџмент.

Ако се бара дизајн кој поседува најголема уметничка вредност и кој најмногу наликува на дизајнерско и инженерско откровение, мојот глас оди кај Citroen DS (произведуван од 1955 до 1975). Од таму обврската да го споменам неговиот креатор Flaminio Bertoni. Доколку имаше подолг живот и поширок опус, можеби лесно ќе го прогласивме за најдобар меѓу сите дизајнери.

Службено за најдобар дизајнер на дваесеттиот век е изгласан Giorgetto Giugiaro. Со овој избор можам лесно да се сложам: се работи за влијателен дизајнер кој зад себе остави многу ремек дела и кој генијално владее со атрактивноста, пропорциите и складноста на формата.

Сепак, во последно време најмногу сум фасциниран од богатото творештвото на Marcello Gandini. Импресиониран сум од тоа како владее со различните стилови во дизајнот, од разновидноста на елементите кои ги користи, од препознатливоста на неговите дизајни и конечно од силниот впечаток кој го оставаат кај набљудувачот.... Кој би рекол дека се работи за дизајнер кој поголемото внимание го посветува на архитектурата на автомобилот, и кој цврсто стои на ставот дека формата треба да ја следи функционалноста.

За неколку години ќе  ја достигнеме петтата генерација на роботизираното управување?


* Што очекувате во иднина на полето на електричните и автономните автомобили, до каде ќе оди имагинацијата на дизајнот?

- На почетокот на XX век, електричните автомобили биле многу перспективни. Со развојот на патната инфраструктура и зголемувањето на влијанието на нафтените лобија, горивните мотори малку неправедно ги истиснале електричните, а развојот на електричниот погон едно цело столетие бил прилично запоставен. Денес не само што се дозволува електричниот погон да се врати на голема врата, туку и плански се наметнува како главна погонска варијанта. Во неговиот развој сега се вложува многу. Очекувам батериите постепено да бидат се помали, полесни и поефикасни, а времето за нивно полнење се пократко.

Воедно, очекувам да продолжи и развојот на полето на автономните автомобили, па за неколку години да ја достигнеме петтата генерација на роботизираното управување. Паралелно ќе се развива и вмрежувањето на автомобилите, а во догледно време веројатно ќе се развијат и компјутеризирани централи за координирање на возилата и целосна контрола во сообраќајот. Може да се случи побрзо од очекуваното луѓето да го загубат правото да управуваат со возилата, се со цел поголема безбедност и контрола.

А кога тоа ќе стане реалност, и сообраќајните незгоди бидат реткост, ќе дојде до попуштање на крутите безбедносни регулативи и ограничувања во однос на конструирањето на автомобилите, што ќе доведе и до крупни промени во нивниот изглед. Моите очекувања се дека кон крајот на оваа декада ќе сведочиме на битни промени во автомобилската индустрија, што ќе се одрази и на визуелен план.

Што се однесува конкретно до естетиката, очекувам еден нејзин аспект да ја потенцира технолошката модернизација. А, друг да го следи феноменот на цикличен развој во модата, па не би ме изненадило и наскоро да биде оживеан и Art Deco пристапот, а не го исклучувам и враќањето на брутализмот кој го навести концептот Tesla Cybertruck.

* Какви се вашите планови- дали некои од вашите дизајни ќе се најде на производните линии на автомобилската индустрија или понатаму ќе го негувате слободниот дизајнерски дух?

- Доколку продолжам да се занимавам со ова, најмалку би сакал да ја загубам креативната слобода.

Не можам да предвидам до кога ќе се бавам со дизајн, но можам да говорам за моите планови во блиска иднина. Веќе имам започнато неколку дизајни, а обично ги довршувам своите проекти.

Што се однесува до контактите со производители, моментално сум во контакт со Microlino за изработка на модификација за теренска варијанта на нивното градско возило. Рендерите од проектот веќе излегоа во јавност...

Дизајнот на Дејан Христов за изработка на Microlino

* Идејата за интервју започна со дизајнот на електрично југо за 21 век, така и ќе го завршиме. Најавивте дека својот дизајн за овој бренд ќе го понудите на производителот. Остваривте ли контакти? 

- Кон крајот на месецов планирам да воспоставам контакт и со српската влада за развој на палета автомобили кои би се произведувале во фабриката на Застава. Предлог-планот и концепт-автомобилите што ќе им ги понудам ги развивам во соработка со Владимир Матијашевиќ, еден од најеминентите конструктори на автомобили од Србија, светски признаен инженер, со големо искуство и длабока трага пред се во германската автомобилска индустрија.

Мојот дизајн за ново Yugo беше пробен балон за овој обемен проект. Можам да кажам дека помина многу подобро од очекувањата. Јавноста позитивно ја оцени идејата и без дилеми даде зелено светло. Преостанува да се произнесат властите и потенцијалните инвеститори. Се надевам на добар одѕив и дека следи еден возбудлив период од мојот живот.

М.Балдазарска