Дизел моторот може да користи и други горива? Всушност, дизел моторот првично бил развиен да работи на масло од кикиритки, а не на горивото на кое работи денес. Неговиот творец го создал да работи на секое гориво што гори, дури и на производи со слаб квалитет, за да може дизел моторот да се користи во делови од светот кои не биле допрени од индустриската револуција, пренесува порталот е-капија.

Ова воедно значи, барем во теоријата, дека дизел моторите можат да работат на други опции кои не се толку штетни како дизелот.

Иако ова не се широко користени решенија, постојат одредени работи кои можат да го заменат дизел горивото.

Биодизел


Ова е генеричко име за дизел гориво кое е направено од природни извори кои не вклучуваат компоненти базирани на нафта.

Тоа може да биде растително масло, па дури и животински масти кои се преработени за да можат да се користат како гориво.

Како најдобри извори се сметаат растителното масло од репка и палмино масло, но секој принос богат со масло може да послужи.

Маслото може да се меша со обично дизел гориво или да се користи самостојно.

Меѓутоа, ова не е совршена основа бидејќи не може да се складира како дизел и ја губи својата корисност по осум месеци.

Користено растително масло


Рециклираното масло за јадење во основа спаѓа во категоријата биодизел. Но, тоа е различно бидејќи не му треба сопствен производствен процес. Не само што заштедува енергија за да се направи, туку е и значително еколошки прифатливо.

Сепак, не можете само да го исцедите маслото од фритезата во резервоарот. Маслото прво мора да се филтрира за да се отстранат сите нечистотии и треба да се додадат одредени хемикалии на моторот за да функционира правилно.

Всушност, моторот што работи само на масло за јадење мора некаде да има вграден грејач на гориво бидејќи во спротивно може да дојде до загушување на системот.

Диметил-етер


Ова е гас што може да се најде како состојка во лак за коса, но неговата употреба оди подалеку од тоа.

Докажано е дека може да биде гориво за мотори со компресирано палење со минимални модификации.

При тоа, ги подобрува емисиите на дизел моторите бидејќи ги елиминира емисиите на штетни честички, а истовремено не ги намалува перформансите на моторот.

Други важни алтерантиви


Горенаведените горива најмногу ветуваат, но тие не се единствената опција за покренување на дизел моторот.

Бутанолот, исто така се споменува во некои студии, но тешко се користи сам и треба да се комбинира со стандарден дизел во одредени пропорции за да функционира.

Може да се користи и етанол, но исто така треба да се меша со други горива за да гори и да се постигне потребното подмачкување. Сепак, може да сочинува 15 отсто од мешавината на горивото.

Горивото од алги е исто така на листата на ветувачки алтернативи.

Наводно, некои видови микроалги се одлични во производството на нафта. А остатокот од процесот е во основа ист како и процесот за правење обичен биодизел.