Понудата за откуп на Мермерниот комбинат од страна на грчкиот Долит Инвестменс ќе има позитивен ефект врз интересите на прилепската компанија. Ова е ставот на Одборот на директори, произлезен по анализирањето на податоците и информациите содржани во Проспектот и Понудата за преземање на Мермерен Комбинат АД Прилеп.
- Успешната реализација на плановите и стратешките цели на Преземачот наведени во Проспектот и Понудата за преземање ќе придонесе за подобрување на состојбата и ќе има позитивни импликации врз деловното работење на Друштвото, особено на вработените во смисла на континуираното обезбедување на работа и плата, како и нивното стручно оспособување и усовршување. Стратешките планови на Преземачот се во насока на продолжување на стабилен раст на постојните деловни активности и континуиран развој на Друштвото,“ стпои во образложението на мислење доставено до Македонска берза од Одборот на директори на друштвото.

Во образложението е наведено и дека се водени преговори со Долит Инвестментс АД, чија понуда се однесува за преземање на сите 193.708 обични акции со право на глас издадени од Мермерниот комбинат АД Прилеп. Грчката компанија веќе поседува 4.493.150 обични акции со право на глас, односно 95,87 отсто од вкупно издадените обични акции со право на глас на прилепското Акционерско друштво.
Во таа насока од Одборот на директори изјавуваат дека „не поседуваат акции издадени од Мермерен Комбинат АД Прилеп“ и дека „ги подржуваат стратешките цели и планови на превземачот за натамошниот развој на Друштвото“.
Како што се наведува понатаму во образложението, последните усвоени ревидирани неконсолидирани финансиски извештаи на Комбинатот се за деловната 2021 година, а ревизијата е извршена од „Грант Торнтон“ ДОО Скопје. Според податоците содржани во нив, приходите од продажба реализирани во 2021 година изнесуваат 1.856.679 илјади денари, цената на чинење на продажбата изнесува 546.824 илјади денари, административните и продажни трошоци изнесува 297.425 илјади денари, додека останатите деловни приходи изнесува 3.426 илјади денари. Имајќи ги во предвид реализираните нето финансиски расходи во износ од 6.439 илјади денари, добивката пред оданочување изнесува 1.009.417 илјади денари. Во текот на 2021 година, Друштвото оствари нето позитивен финансиски резултат во износ од 911.864 илјади денари.
На крајот од 2021 година вкупната актива била 2.713.573 илјади денари, а вкупниот капитал и резервите изнесувале 2.649.117 илјади денари. Обврските, пак, се во износ од 64.456 илјади денари. Воедно се посочува дека книговодствената вредност на обичните акции издадени од Мермерниот комбинат изнесува 565,22 денари.
Инаку, Долит Инвестментс АД е основано од едно лице, а регистриран е во Грција. Основната дејност е инвестирање во мали и средни фирми од секторот на природните ресурси, енергетиката и минералните суровини. Дел е од ЕЦМ Групацијата, каде што доминира ЕЦМ Партнерс.
Во јануари годинава Комисијата за заштита на конкуренцијата објави известување за концентрација, односно дека Долит Инвестментс ќе стекне контрола над Павлидис АД Мермер – Гранит Грција. Притоа, беше посочено дека „стекнувачот пред реализацијата на трансакцијата не е директно ниту индиректно присутен на македонскиот пазар“.
Што се однесува до Павлидис АД Мермер, тоа е холдинг чии друштва-ќерки делуваат во доменот на минералните суровини, а едно од целните друштва е присутно на нашиот пазар преку прилепскиот Мермерен комбинат.
Комбинатот има долгогодишна традиција, постои од 1946 година, а прилепскиот сивец е етаблиран на светските пазари.
Според информациите, десет проценти од акциите на Мермерниот комбинат се тргуваат на Атинската берза (ATHEX), а на Македонската берза за хартии од вредност се тргува со 0,75 отсто од акциите.