Извршителите во Македонија важат за една од најозогласените професии. Со години граѓаните алармираат дека плаќаат баснословни суми за нивните постапки. Дури и институцијата Народен правобранител во првиот квартал од годината обзнани дека една третина од претставките кои стигнуваат до нив се однесуваат на превисоките камати кои се дури три пати повисоки од основниот долг. Оваа институција рече дека ќе се заложи да предложи нов закон со кој каматата на долг не може да изнесува повеќе од 100 насто.
На последниот јавен настап на Комората на извршители, се сподели информацијата дека последните години е намален интересот на младите за извршителската дејност. Причина за тоа била економската неисплатливост, откако државата претходно ги регулираше и притоа ги намали тарифите за извршителските налози.

Статистиката на Комората на извршители покажува дека во првата половина на годината извршувањето е 11 насто. Постојат над 75 000 предмети, од кои над 66 000 се од правни лица, околу 8 000 од граѓани и останатите 1 000 од државни органи.
Сумата на наплатени средства од извршување е близу 3 милијарди и 900 милиони денари. Најголем дел од овие пари се наплатени од должници кои се правни лица, потоа граѓани и државни органи.
Приходи и добивки во милиони евра
И додека граѓаните се жалат на високите камати од присилните наплати, а извршителите на економска неисплатливост од работата, проверивме - кои се најуспешните извршители во Македонија според податоците добиени од Централниот регистар. Сумите се однесуваат на две ставки и тоа за вкупните приходи и остварената добивка во период од 2017 до 2022 година.
Во најдобрите 10 на листата секоја година се забележуваат имињата на извршителите Гордана Џутеска, Гордан Станковиќ, Крум Коцарев, Славица Крстевска. Ако се погледнат сумите на вкупните приходи, покажуваат дека најплодна била 2019-та година. Сублимираните податоци во делот на остварените приходи покажуваат дека:
Во 2017-та, вкупните приходи на најдобрите 10 извршители изнесува 351 903 874 денари или 5.722.014 евра.
Во 2018-та, 198 141 982 денари или 3.221.820 евра.
Во 2019-та, 337 624 969 денари односно 5.489.836 евра.
Во 2020-та, 139 079 996 денари или 2.261.463 евра.
Во 2021-ва, 167 252 913 денари или 2.719.559 евра.
Математички, вкупно за период од пет години, нивниот пријавен вкупен приход изнесува 19 414 692 евра.
Во делот на остварена добивка, пак, имињата генерално варираат од година во година. Има случаи каде некои се појавуваат повеќе пати во овој временски период, но, има и нови.
Во 2017-та, вкупната пријавена добивка на топ 10 извршители во Македија е 49 345 006 денари или 802.357 евра.
Во 2018-та, 78 452 942 денари или 1.275.657 евра.
Во 2019-та, 69 995 258 денари односно 1.138.134 евра.
Во 2020-та, 43 335 657 денари или 704.644 евра.
Во 2021 година, 77 347 907 денари или 1.257.689 евра.
Вкупно за период од пет години, вкупната добивка на топ 10 извршителите во Македонија за период 2017-2021 година изнесува 318 476 770 денари или 5 178 484 евра. Разликата помеѓу пријавениот вкупен приход и остварена добивка изнесува 14 236 208 евра.