Компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ поддржана од инвеститорот Групацијата „Трафигура“, донираше опрема во кујната на првиот етно-ресторан во државата „Кај Виктор“ во Босилово, кој обезбедува пристап за деца со аутизам. Сопственик на ресторанот кој е отворен пред една година е Коста Тимов. Во него, заеднички работат со неговиот син Виктор, кој е полнолетно момче со аутизам.


„Кај Виткор“ е проект на едно семејство кое има дете со посебни потреби, односно со аутизам. Направено е да функционира сакајќи да му дадеме правец на детето, да биде социјално прифатен во општеството. Воедно, да добие работни навики. Го направив системот како да фунцкионираме со син ми Виктор. Од рано будење треба да бидеме активни. Даваме храна во малата зоолошка, одиме во набавка на роба, учествуваме во кујната. Со тоа ја постигнуваме социјализацијата и комуникацијата со самите гости. Ги охрабруваме и добредојдени се и другите родители кои имаат деца со посебни потреби. Но, ресторанот не е само деца со посебни потреби. Отворен е за сите. Само на тој начин може да дојде до социјализација и паралелно да бидат дека тие деца не се поразлични од нив“, вели Тимов.

За ресторанот да функционира беспрекорно, вели Тимов, потребно е многу упорност за да постигнат квалитет. Преку организација, подготовка на здрава храна, запазување на традиционалните вредности, бидејќи ресторанот е направен во тој дух.

Со помошта од компанијата „Еуромакс“, ресторанот полесно ќе функционира во делот на подготовка на храна и ќе може со поголема професионалност да одговори на потребите, смета Тимов.

Од компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ велат дека во овој тежок период на здравствена и економска криза, едноставно, се наметнува потребата компаниите да бидат општествено одговорни.


„Да најдеме начин да придонесеме за градење на општество кое ќе биде инклузивно. Односно, каде секој ќе биде и ќе се чувствува реализиран и среќен од својот придонес во општеството“, велат од компанијата.

На 21 мај 2021 година, компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ која е инвеститор на рударскиот комплекс „Иловица – Штука“, го отвори повикот за финансирање на проекти од локално значење во струмичкиот регион, во вредност од еден милион евра. Преку финансиската поддршка, планот на компанијата е да се ревитализира регионалната економија во следните неколку години. Досега, воспоставиле соработка со здравствените институции во Струмица, кои се центар за целиот регион. Компанијата донираше маски и заштитни скафандери во Здравствениот дом во Струмица во вредност од пет илјади евра. Потоа донираше комора за ковид-19 тестирања, со што практично лабораторијата во Струмица се опреми самостојно да изработи околу 100 000 тестирања за целиот регион.  Инфективниот оддел во струмичката Општа болница го опремија со 25 нови болнички кревети и 25 сетови кислородни протокомери, наменети за хоспитализација на болните од ковид-19, соопштуваат од компанијата.

http://antoris.mk/%d0%b5%d1%83%d1%80%d0%be%d0%bc%d0%b0%d0%ba%d1%81-%d1%80%d0%b8%d1%81%d0%be%d1%80%d1%81%d0%b5%d1%81-%d1%81%d0%be-%d0%bc%d0%b8%d0%bb%d0%b8%d0%be%d0%bd-%d0%b5%d0%b2%d1%80%d0%b0-%d0%b7/