Иако мислиш дека со некој со кого се познаваш четврт век, сите теми се исцрпени, со Дориан Јовановиќ секогаш има за што да се зборува. Човекот кој ги создаде „Стринг форсис“, еден од најубавите македонски состави, член на „Чалгија Саунд Систем“, овој пат, во друштво со стара другарка Добрила Грашеска има нов албум – „Апокриф“, во издание на престижната дискографска налепница „Скопје џез фестивал рекордс“. Тоа овој пат беше иницијалната каписла за разговорот на двајца стари другари…

„Апокриф“ е твојот најнов албум, овој пат со Добрила Грашеска. Едноставно – дуо. Прашањето е… секогаш ме фасцинирала твојата моќ за прилагодување – од арт-рок состав, преку чалгаџиски состав, до – Едноставно- дуо.

– Веројатно на тоа може да се гледа и како на моќ за прилагодување, меѓутоа поривот кој мене ме води е желбата за нови работи: нови предизвици, нови неистражени (барем за мене) територии (музички, секако), нов звук/созвучие. Како изминуваат годините, така тоа што сум го поминал и истражил останува, на некој начин, позади мене, интересите ми се шират и барам нова средина за истражување. Бидејќи, што е животот ако не е едно големо, животно, истражување и учење? Многу индивидуално и специфично, но во суштина е тоа. Единствено останува да најдеме начин тоа знаење ефикасно и практично да може да се пренесува на помладите. Но…

„Апокриф“ е материјал снимен лани, а премиерно изведен на Offest 2020…

– Да, снимен е минатото, пандемиско, лето во период од неколку студиски сесии. Снимен е во живо, нема никакви доснимувања, доработки и поправки. Секако дека при пост-продукцијата некои работи се донесени до израз, некои ефекти додадени, но во основа е запис од еден момент од нашите животи. Бидејќи тоа беше едно топло и мирно лето, а материјалот што го снимавме тивок, снимавме со отворена врата и така снимката ни е збогатена со природни звуци од околината што ја прави дополнително автентична на моментот.

Материјалот го објавивте под закрилата на СЈФ рекордс. Колку во денешно време значи голема издавачка куќа? Ако не голема, барем престижна?!

– Што е тоа „голема издавачка куќа“ во Македонија? Меѓутоа, престижна и етаблирана и, најбитно, со добра мрежа на луѓе/соработници, пред с`е од странство, тоа како и секогаш, значи. Во конкретниот случај и во денешно време, тоа мислам дека е побитна димензија на музичкиот бизнис бидејќи с’е друго е префрлено на „мрежата“. СЏФ не е само издавач, туку институција која би можела да му обезбеди соодветен развој и живот на овој материјал. А животот на овој конкретен материјал е во живите настапи, снимениот материјал е само дводимензионална претстава на она што е стварноста. Тоа е материјал кој што, бивајќи во голема мерка импровизиран, се развива на секој настап и кој што добива конкретна форма во моментот на изведбата. И на нас како актери ни останува да го изживееме и истражиме тоа.

Што понатаму ќе се случува со Добрила & Дориан дуо, Стринг Форсис, Чалгија Саунд Систем?

– Додека има музика која што својот пат ќе го бара низ овие состави, ќе продолжат со работа. Секој според своите можности и желби. Ќе има нови албуми, ако е тоа воопшто форма на представување на музиката денес. За мене лично, позначајни се живите настапи, и се надевам дека тие наскоро (што и да е скоро) ќе се вратат со полна пареа и дека секоја од овие групи ќе го покаже она што најдобро го знае.

На музичката сцена си повеќе од четврт век. Во различни формации, со различни стилови. Кога ти било најубаво? Кога си бил најмногу свој?

– Не знам дали јас можам да го одговорам тоа прашање објективно. Субјективно, јас мислам дека во секој период сум бил свој онолку колку што сум знаел во тој момент. Секое искуство н’е менува, и со тоа во секој момент треба одново и одново да се осознаваме, и тоа е еден процес што трае, помалку или повеќе, цел живот. Ете тука се појавува прашањето за капацитетот на индивидуалната моќ за самосознавање како фактор кој што ќе одреди кога тој процес би успорел или застанал. Мене ми останува да го откријам тоа за мене.

Какви се плановите за иднина? Ако воопшто нешто може да се планира? Очекуваш ли да се случи нешто убаво?

– Секогаш очекувам да се случи нешто убаво, значајно, освежувачко. Пандемијата направи да станеме свесни колку не сме го ценеле она што го имаме, и да копнеем по враќање на тоа. Јас лично очекувам да ми се случат неколку убави работи во след, наскоро, но с’е во свое време.

Иван Беќковиќ
фото: Дина Дума