Прво задолжување на државата од речиси 48 милиони евра на домашен пазар по формирањето на новата влада. Од денеска на Македонска берза котира нова државна обврзница со рок на враќање на 15 години. Министерството за финансии ја издало пред една недела, на 11 јули, а рокот на доспевање е 11 јули 2039 година.

Според берзанското известување, станува збор за хартии од вредност без девизна клаузула. Емисијата е со вредност од 2.947.340.000 денари (односно 47,87 милиони евра).

Издадени се 294.734 обврзници со единечна номинална вредност од 10.000 денари со каматна стапка од 5,6 проценти.

Информацијата се појави на берза, само еден ден по претставувањето на ребалансираниот буџет. Министерката за финансии најави дека дел од дефицитот на буџетот кој со ребалансот се искачи на 720 милиони евра ќе биде финансиран со задолжување на домашниот пазар.

Дел од ова задолжување на домашниот пазар е токму и оваа обврзница преку која во државната каса сега би требало да се слеат околу 50 милиони евра, што секако ќе ги враќаат некои идни генерации по 15 години.

Инаку, на почетокот на јуни годинава, додека новата Влада се уште не беше формирана, техничката влада издадела два вида државни обврзници, со вкупна вредност на задолжувањето од близу 26 милиони евра. Едната петгодишна обврзница  која треба да се врати на 6. јуни 2029 година. Нејзиниот износ е 9,61 милиони евра, а бидејќи има помала рочност, и каматна стапка е пониска и изнесува 4,2 проценти. Втората издадена државна обврзница е со износ на повисока сума, од 25,87 милиони евра со каматна стапка од 5,6 проценти. Таа е 15 годишна, односно доспева на 6. јуни 2039 година.