Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) отвори телефонска линија за советување, со цел
да ги поддржи лицата во процесот на откажување од пушењето. Квалификувани
стручни лица веќе нудат персонализирани совети и стратегии за успешно
ослободување од пушењето, информираат од Институтот.

„Линијата ќе биде достапна секои понеделник и среда од 11 до 13 часот.
Заинтересираните да се откажат од пушење, може да се јават на телефонскиот
број 078 285 873 и да добијат совети“, велат од Институтот.

Од ИЈЗ порачуваат да не се чека, да се почне со патот кон подобро здравје.

Поразителни статистики

Македонците се незаинтересирани да се откажат од употребата на тутун. Речиси и
да не биле посетувани советувалиштата за откажување од пушење во 10-те
Центри за јавно здравје, нотирано е во извештајот Институтот за јавно здравје за
минатата 2023 година.

Податоците од ИЈЗ укажуваат дека седум од 10 активни пушачи во Македонија
немале сериозен обид да прекинат со пушење, а повозрасните пушачи имале
помал интерес за откажување.

Оние кои сепак сакаат да стават крај на  лошата навика и зависност, освен
телефонски, во иднина би можеле да добијат и совет плус во канцеларијата за
советување со физичко присуство, која Институтот најавува дека ќе ја отвори.
„Во неколку наврати се обидов да ги оставам цигарите, но безуспешно. Имав
кризи, проблеми и повторно им се вратив. Иако во денешно време, веќе е и луксуз
да пушиш цигари, бидејќи еднаш до два пати во годината поскапуваат. Но, еве,
иако велат дека од секоја навика има и одвикнување, тоа во пракса не е баш
лесно и туку така“, вели 33 годишниот Зоран од Скопје.

Здравствени проблеми од пушењето

Состојбата со пушењето цигари во земјава алармантно. Истражувањата на ИЈЗ
посочуваат на многу висок број на активни пушачи, без некакви тенденции за
некое големо намалување. Нивните податоци откриваат дека високи 45, 4% од
македонските граѓани се пушачи.

Многу истражувања покажуваат дека пушењето на родителите е асоцирано со
зголемено пушење кај младите. Во Северна Македонија, 30% од децата на 15 годишна возраст барем еднаш во животот пушеле, според податоци од
меѓународна студија ЕСПАД, велат од ИЈЗ.

Страдаат и непушачите

Пушењето не го загрозува само  здравјето  на активните пушачи, туку и на
пасивните, оние кои не пушат, а делат просторија со пушачи.
Вкупно 88, 7 % од пушачите се согласуваат дека пушењето е штетно за сите, 3, 8
% не веруваат во тоа, другите немале став, покажуваат податоците на ИЈЗ.

Според македонскиот закон за заштита од пушењето, забрането е да се пуши во
сите јавни простории. Но, дозволено е надвор од објектите, на  терасите или
летните бавчи . Проблемот настана пред шест години,кога се тргна членот од
законот во кој се дефинираше што е тераса, односно каде смее да се пуши.

Според Светската здравствена организација, пушењето е една од најголемите
здравствени закани за здравата популација, и секоја година одзема по околу 7
милиони животи. Според истражувањата во земјава пак, тутунот е втора причина
за смрт од кардиоваскуларни заболувања кои годишно земјаат по околу 15 000
животи и е главна причина за рак на белите дробови.

Кина е рекордер по број на пушачи

Од октомври 2023 година, Кина има најголем број пушачи во светот, со проценки
дека околу 300 милиони луѓе пушат во земјата. Високите бројки може да се
припишат на неколку фактори:

Културно прифаќање: Пушењето е длабоко вкоренето во кинеската култура,
често поврзано со дружење и деловни зделки. Вообичаено е луѓето да пушат за
време на оброци, прослави и состаноци.

Достапност и достапност: Цигарите се широко достапни и релативно евтини во
споредба со многу други земји, што им олеснува на луѓето да почнат и да
продолжат да пушат.

Недостаток на силни регулативи: Иако имаше напори за спроведување на
законите против пушење и кампањи за јавно здравје, спроведувањето може да
биде слабо, а јавното пушење останува вообичаено.

Маркетинг и рекламирање: тутунските компании историски го таргетираа
кинескиот пазар агресивно, промовирајќи го пушењето преку реклами и
спонзорства.

Зависност: Зависноста од никотин игра значајна улога, при што на многу пушачи
им е тешко да се откажат откако ќе почнат.

Овие фактори се комбинираат за да создадат средина каде што пушењето е
распространето и општествено прифатено, што придонесува за големиот број
пушачи во Кина и општо во светски рамки.