На проф. д-р Михајло Марковиќ и проф. д-р Соња Новотни денеска во Собранието им е доделена државната награда „Гоце Делчев“ за особено значајни остварувања во интерес на Република Северна Македонија во областа на науката. Наградата им е доделена за делото „Континуитетот на Македонскиот јазик I“ (Приказ на лексиката меѓу Слепченскиот патерник, огледало и различна поучителна наставленија).

Дипломите и статуетките со ликот на великанот Гоце Делчев на добитниците им ги врачи претседателот на Одборот за доделување на наградата „Гоце Делчев“, академик Живко Попов.
– Идејата за востановување на ова најзначајно научно признание кај нас е да се наградат и поттикнат научните творци да содаваат нови дела кои имаа вредност и се од интерес за нашата држава, но истовремено придонесуваат за развојот на науката на меѓународен план. Таа за првпат е доделена во 1949 година на првиот претседател на МАНУ, академик Блаже Конески, научен деец, кој животот му го посвети на прочувањето на македонскиот јазик и неговата кодификација. Пред нас имаме дело кое ја продолжува традицијата на прочувањето на јазикот со значаен специфичен придонес кон тоа, додаде академик Попов.
На церемонијата се обрати и министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, според која денешниот ден не е само датум во календарот на кој му се оддава почит на великанот Гоце Делчев. Денес, посочи министерката, е денот кога македонската држава ја слави моќта на умот, трудот и научната мисла..
„Ова дело се вбројува меѓу оние што анализираат клучни лингвистички прашања за македонскиот јазик и неговиот лексички фонд. Ја обработува врската помеѓу старите текстови и современиот македонски јазик, односно систематски ја документира неговата еволуција, ја анализира структурата и употребата, и ја истакнува неговата улога како носител на културниот и националниот идентитет“, рече Јаневска, упатувајќи честитки до авторите - проф. д-р Соња Новотни и проф. д-р Михајло Марковиќ.
Министерката истакна дека во време на брзи промени и глобални предизвици, научната работа е најсилен аргумент за опстојување и напредок. Во таа насока, Владата има должност да ја поттикнува научната дејност, истражувањата и иновациите, кон кои, во изминатите две години третманот е значително променет.
„Предложивме нова Национална програма за научно-истражувачка дејност. Буџетот за наука го зголемуваме две години по ред, па така од 380 милиони денари во 2024 година, во 2026 имаме над 770 милиони денари од кои најголем дел за финансирање на научно-истражувачки проекти од национален интерес. Лани поддржавме седум проекти на јавните научни установи и 45 проекти на државните универзитети, факултети, научни институти, МАНУ и на бизнис заедницата. Секој проект се финансира до осум милиони денари, со исплата според однапред утврдена динамика, а имплементацијата мора да заврши најдоцна до 31 октомври годинава“, додаде министерката.
Информираше дека наскоро во законодавниот дом пред пратениците ќе се најде и новиот Предлог закон за научно – истражувачка дејност, заедно со предлог законите за високо образование и за обезбедување на квалитет во високото образование, кои исто така имаат стимулирачки компоненти за оние кои работат во науката.
Базите на Web of science и SCOPUS станаа бесплатно достапни за сите научници и истражувачи од јавните високообразовни и научни установи, а меѓународните програми за наука, како Хоризонт, останаа отворени за нашата земја.
„Апелирам при одредување на приоритети во делувањето, во фокусот на нашите научници да бидат целите од Стратегијата за паметна специјализација на државата. Тие ќе бидат и институционални цели“, нагласи Јаневска.
Со државната награда „Гоце Делчев“ се оддава општествено признание за особено значајни остварувања во областа на науката. За Јаневска, да се прими ова признание, значи да се застане во истиот ред со првиот добитник Блаже Конески, но и да се преземе одговорноста за иднината. На сите кандидати за наградата, кои присуствуваа на доделувањето им порача дека токму тие се патоказот за младите генерации истражувачи кои допрва ќе ја градат својата и нашата заедничка иднина врз темелите на фактите и вистината.
Проф. д-р Соња Новотни во обраќањето пред присутните рече дека признанието за нив не е само личен успех, туку и поттик и обрвска да продолжат да работат со уште поголема посветеност, одговорност и љубов кон тоа што го создаваат во областа на историјата на македонскиот јазик. Таа посочи дека делото претставува прв том од планираните три тома обработен материјал за Континуитетот на македонскиот јазик.
Делото, како што нагласи Новотни, дава свој придонес во областа на прочувањето на врските меѓу стариот и новиот лексички фонд во македонскиот писмен јазик и кон нови сознанија за речничкиот фонд на македонскиот јазик, како и сознанијата за врските од Кирил Пејчиновиќ меѓу современиот македонски јазик и старословенскиот, односно старомакедонскиот јазик, дава придонес и во областите на историјата на македонскиот јазик, неговата лексикологија и лексикографија, нормативната граматика на македонскиот јазик, а е од значење и за соодветните проучувања во јужнословенската славистика и славистиката воопшто.
– Овој проект претставува обид да се осветли историскиот развој, богатството и издржливоста на македонскиот јазик низ вековите, односно како што вели нашиот Бог „да се познае вистината, бидејќи вистината ќе не ослободи“, а нашата вистина е дека Македонија и македонскиот јазик имаат свој непречен милениумски континуитет, за што впрочем говори и нашето дело, додаде проф. д-р Новотни.