Менаџерката за човечки ресурси во велешката „Маркарт“, Тања Пенкова, вели дека приказната за дуалното образование, компанијата ја започнала во 2016 година, преку соработка со локалното средно стручно училиште. На самиот почеток, се „судриле“ со недостигот на профилите кои одговараат на нивните потреби за работа. Па така, одлучиле да обучат компаниски локален ментор за соработка со училиштето „Коле Неделковски“. Набрзо, ученици од електротехнички и машински профил, започнале да ја одржуваат праксата во „Маркарт“.
Тања Пенкова - менаџерка за човечки ресурси во„Маркaрт“,
„Тоа беше во септември 2016-та година. Тие веќе завршија во 2017-та година и на наше големо задоволство денес се наши вработени. Истото се случи и во 2017-та. Ние веќе денеска имаме 10 наши вработени кои својата пракса ја извршуваа кај нас со наши интерни ментори. Голема предност на формирањето на смерот за производно машинство е што на овие паралелки, ние директно се вклучуваме во креирањето на наставната прогмама и ставање фокус на предметите кои се потребни во пракса, како и нормално поголем број на часови. Забележлива е голема разлика“, вели Пенкова.
Компанијата „Маркарт“ во Велес
Учениците кои доаѓаат во „Маркарт“ се од профилот техничар за производно машинство. Заочнуваат со општ дел - разбирање на мерни инструменти и нивно ракување, работа со рачен алат, разбирање и ракување на ковенционални машини, концептот на електропневматика, функционалност на сензори. За понатаму да влезат во производство. Односно, да се соочат со модерно машинство, работа на фина механика, сетирање на машини. Учат како да детектираат проблем во производство и како да го решат и отстранат дефектот од механиката. Според Пенкова, тоа е широк спектар на знаење кои учениците го стекнуваат. Со ова задоволително знаење, тие можат да се вклучат во процесот на работа.
Работна атмосфера во „Маркарт“
„Имаме посебна просторија каде праксата е поделена во два дела. Учениците во втора и трета година, во првото полугодие, праксата ја поминуваат целосно во кабинетот со менторот. Во вториот дел од трета година и веќе во четврта година, се распоредени во одделите каде понатаму и ќе работат. Тоа е алатница и производство каде ќе работат механичарите и техничарите за одржување. Сега во сите тие оддели имаме обучени ментори кои работат со учениците“, раскажува Пенкова.
Бенифиции - и за учениците и за компанијата
Компанијата „Маркарт“ им нуди на учениците понуда за вработување. Искуството на компанијата досега покажува дека ниту еден од учениците не сака да продолжи во високото образование. Доколку некои од нив изразат желба за дообразување во високото образование, „Маркарт“ ги поддржува и финансиски во студирањето. А подоцна, и со понуда за работа.
Работна атмосфера во „Маркарт“
„Учениците тука се стекниваат со знаења кои немаат можност да ги научат во училиште. Па и знаења кои немаат можност да ги научат во друга компанија. Конкретно, нашите ученици се стекнуваат со знаење од модерно машинство. Така што, добиваме квалитетни профили и се надеваме дека квалиттот ќе расте и ќе се усовршуваме и подобруваме“, смета Пенкова.
Главни аспекти - обезбедување квалитетни вработени и општествена одговорност
„Ние вложуваме во наши идни жители на државата. Се надеваме дека истите ќе останат кај нас и ќе ја градат иднината дома. Во денешно време, тоа е значаен аспект во услови кога младите си одат. Верувам дека се поголем број компании ќе се вклучат во ваков вид на инвестиција. Не е само да се каже да учествуваме, да примаме ученици на пракса. Тоа е вложување во наставен материјал, во машини, дидактички средства и обука на ментори. За нас тоа е исплатливо, бидејќи резултатот кој го добиваме е многу значаен. Нашата мајка компанија во Германија тоа го практикува веќе 30 години. Се обидувме да го пресликаме истиот модел на работа. Бенефитите се доста големи и ќе продолжиме да инвестираме во обука на нашата младина“, вели Пенкова.