Компаниите членки на Стопанската комора на Северна Македонија, „Костал“, „ЛТХ Леарница“ и „ОДВ Електроник“, со повик до четвртата генерација на ученици да ја изберат својата струка како техничар за производно машинство и за техничар за индустриска мехатроника.
Извршниот директор на „Костал“, Виктор Мизо, вели дека досега, имаат 41 ученик од прва до четврта година гимназија, кои досега биле или од 1. септември ќе одат во компанијата на пракса.
„Од први септември ќе почнеме со 11 ученици во прва година, 9 ќе бидат техничари за индустриска мехатроника, а двајца техничари за производно машинство. Тоа е четврта година во која имаме дуално образование и во моментот вкупно имаме 41 ученик. На прашањето дали сме задоволни од бројката на заинтересирани, можам да кажам дека не се работи секогаш само за бројки. Туку и колку ќе научат учениците. Иако, имаме и друг момент. Никој не може да гарантира дека одреден дел од нив, подоцна не би заминале на факултет. Бидејќи ова е во зачеток, засега сме задоволни, но, нели, секогаш треба повеќе. Барем го почнавме процесот да креираме кадри, кои ќе можеме да ги користиме и да се апликативни согласно нашите процеси и потреби“, објаснува Мизо.

Според статистичките податоци со кои располага Стопанската комора, вкупно 211 компании од септември, се вклучуваат во процесот на дуално образование. Според нивната структура, тие опфаќаат 188 приватни фирми, 23 компании се јавни и државни претпријатија и здравствени установи, а 10 се занаетчиски дуќани. Оформени се 97 паралелки во 46 средни училишта, кои заедно со компаниите со стартот на новата учебна година, ќе го спроведуваат дуалното образование на ниво на држава.
Министерството за образование и наука, пак, предвиде и 2 000 стипендии од 3 500 денари месечно во времетраење на учебната година, за оние ученици кои ќе се запишат во дуална паралелка. Со оглед на сериозната епидемиолошка слика на заразени од ковид-19, учениците од средните училишат кои се дел од дуалното образование, практичната настава ќе ја следат во производствените погони. Но, со однапред дефинирани протоколи за здравствена заштита.
Дуалното образование - шанса и за учениците и за бизнисот
Германскиот систем на дуално образование е успешна приказна со долга традиција. Овој систем ги комбинира содржините кои се предаваат во училиште со практична обука во компанија. Тоа е еден од клучните фактори Германија да има најниска стапка на невработеност кај младите во Европа. Северна Македонија го презеде дуалното образование како модел од 2017-та година. Досега беа вклучени 10 компании како и средни стручни училишта во државата. Иако, нивниот број постојано се зголемува.
Системот на дуално образование претставува јавно - приватно партнерство помеѓу индустријата, стручните училишта и политичкиот сектор. А е координирано од Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија.
За компаниите, ова е начин да вработат квалификувани работници со соодветни вештини. Бизнис заедницата со години реагира на сериозниот недостаток на квалификувани кадри.
Ако интересот и желбата на учениците се „поклопи“ со понудата на компаниите, во суштина, тоа ќе значи дека за период до четири години, учениците ќе имаат отворени работни места, а компаниите ќе придобијат нов стучен кадар. Градовите, пак, ќе гледаат шанса за развој, наместо да бидат неми сведоци на иселувањето на младите.
https://www.youtube.com/watch?v=yo3K4xAK-3M