Шест македонски конзорциуми составени од  37 фирми – членки на Стопанската комора, четири стручни училишта и две високо образовни институции од земјава добија грантови во вкупен износ од 2,72 милиони евра, за да го продолжат или да започнат со дуално или кооперативно образование и обука што соодветствува на потребите на компаниите, од Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ) во соработка со Германската банка за развој (KfW) и германското Федерално министерство за економска соработка и развој (BMZ).

Средствата од доделениот грант во рамките на вториот повик ќе бидат искористени за набавка на машини и опрема за реализација на практичната обука на учениците и студентите за образовни и студиски програми за одредени квалификации, како и за изградба и реновирање на работилници и лаборатории за практична обука на учениците, студентите, невработените лица и за обуки на човечкиот капитал.

Грантовите беа доделени на конзорциуми предводени од СОУ „Гоце Делчев“ Валандово, СЕТУГС „Михајло Пупин“ Скопје, СОУ „Јосиф Јосифовски“ Гевгелија, Институтот за текстилно инженерство при Технолошко-металуршки факултет, Скопје (Универзитет Св. „Кирил и Методиј“), Машински факултет, Скопје (Универзитет Св. „Кирил и Методиј“), и Општинското средно техничко училиште „Гостивар“, со вкупен износ од 2,27 милиони евра.

Доделувањето на наградите се одржа во просториите на Стопанската комора во Скопје, во присуство на претставниците од Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан 6 (ЗБ6-КИФ), германската амбасада, Германската развојна банка KfW, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), Министерството за образование и наука, Регионалниот фонд за предизвици и наградените конзорциуми од Северна Македонија.

 -Нашата цел е зголемување на вработливоста на младите и продуцирање на кадри со вештини и компетенции што им се потребни на компаниите и им овозможуваат на младите по завршување на средното стручно образование успешно да влезат на пазарот на трудот или доколку сакаат да продолжат во високото образование. Со помош на нашите европски партнери во стручното образование го воведовме и дуалниот модел на стручно образование. Нивните модели на дуално образование не ги пресликавме во целост, туку воведовме  системски елементи кои им се потребни на компаниите од нашата земја. Воведовме дуален модел на стручно образование кој има атрактивен пристап, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на доделувањето на грантовите.

Тој посочи дека во последните години се зголемува процентот на запишани ученици во средното стручно образование и додаде дека во учебната 2020/21 година 64 отсто од вкупниот број на средношколци се запишале во средното стручно образование, во учебната 2021/22 година 67 проценти и во учебната 2022/23 година 69 проценти.

Тој потсети дека дуалното стручно образование почна во учебната 2017/18 година, но интензитет се зголеми од 2020/21 година и додаде дека сега повеќе од 500 компании се вклучени во овој вид на образование.

Постигнат таргетот на ученици во стручните училишта

Извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев посочи дека Комората уште во 2007 година побарала од Владата да се изврши темелна  реформа на образовниот систем во државата, особено во делот на средното образование бидејќи земјава нема квалификувана работна сила.

Тој нагласи дека и денеска 36 отсто од населението не е вклучено во пазарот на работната сила, а 80 отсто од нив воопшто немаат квалификации соодветни на пазарот на работната сила.

-Во првите неколку години, според Пешев- повикот за дуалното образование бил како повик во празно, бидејќи требало да се променат големи стигми во општеството ..... Една од тие стигми беше дека семејствата не сакаа нивните деца да учат во стручните училишта. Втората, стручните училишта не беа атрактивни,  а за да се постигне тоа, програмите мораа динамично да се менуваат, иако за тоа тогаш немаше законска основа ниту можност. Третата стигма - многу малку се вложуваше во опремата на средните училишта поради што не можеше да се спроведува програмата. И четвртата е дека со знаењето што децата излегуваа од тие училишта не беа употребливи во индустријата. Повеќе од 10 години упорно со поддршка на нашите пријатели од Германија успеавме да го промениме менталниот склоп. Денес се движиме до таргетираниот простор од 70 отсто на деца запишани во средно стручно образование што е навистина успех- постигнати се таргетите“, рече Пешев.

Тој порача дека Комората и понатаму ќе биде партнер сѐ додека овој систем не заживее во потполност и сѐ додека во државата не стане проблематично запишувањето во гимназија, а не во средно стручно образование.

Дуалното образование исплатлива инвестиција

Заменик германскиот амбасадор Ото Граф порача дека индустриското производство нема да биде возможно  без добро едуцирана работна сила.

-Токму тоа беше стартната точка за програмата за дуално образование овде во Северна Македонија, бидејќи компаниите почувствуваа потреба од повеќе работна сила. Неодамнешната анализа во Германија покажува дека животните приходи на луѓето со стручно образование ќе бидат малку над животните приходи на академски образованите. Овој тип на образование е многу важно да се продолжи,” изјави Граф. Тој ја поздрави идејата, истакнувајќи дека ова е натпревар на кој победува добрата идеја. Граф им честиташе на конзорциумите кои победија во вториот повик и ги повика неизбраните конзорциуми, повторно да учествуваат на следниот повик, изјавувајќи дека дуалното образование ќе се исплати и на компаниите, и на земјите и економските односи меѓу земјите, истакна Граф.

Директорот на Канцеларијата на Германската банка за развој (КфВ) во Северна Македонија и Косово, Мориц Реме посочи дека од вкупно доделените грантови на 27 –те проекти од шесте земји од Западен Балкан шест се од земјава што, нагласи, е извонреден успех кој покажува голема заинтересираност и потреба.

„Поради позитивниот одзив на првиот и вториот повик, сакаме да најавиме дополнителни инвестиции во износ од 9,7 милиони швајцарски франци од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC)“, изјави тој во својот говор. „Горди сме што со овој инструмент ќе ги усогласиме стручните училишта со потребите на економијата и ќе ги подготвиме матурантите за пазарот на труд со подобри вештини, со цел да се намали невработеноста на младите и да се елиминира недостигот на кадар во компаниите. Сепак, овој инструмент нема веднаш да ги трансформира целокупните системи за стручно образование и обука (СОО) во земјата, туку ќе даде предлози и стимулации за понатамошен развој на системот за СОО од страна на Министерството за образование и сите актери во секторот“, нагласи Реме.

Реме очекува во следните повици на Регионалниот фонд за предизвици да види повеќе просперитетни програми за обука низ Северна Македонија. Ги охрабри и сите конзорциуми кои беа неуспешни на првиот или вториот повик да учествуваат на следниот повик, кој ќе биде објавен кон крајот на овој месец. Им се заблагодари на Единицата за управување со Фондот и на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) за нивните напори и им честиташе на победничките конзорциуми, посакувајќи им успех во спроведувањето на нивните програми.

Тој ги повика оние кои не добиле грант во рамките на вториот повик повторно да аплицираат на некои  од наредните повици.

Стопанските комори од регионот- клуч за развој на дуалното образование

Татјана Штерјова Душковска, Генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан, истакна дека повеќе фактори влијаеле да се стигне до овој стадиум денес, да се разговара за набавка на најсовремена опрема и технологии во училиштата каде ќе се реализира практичната настава на учениците.

–Клучна улога во развојот на тој процес имаат стопанските комори од регионот кои беа активни долго пред да биде основан РЦФ и пред ние да се вклучиме во овој проект. Иницијативата од германската влада дојде во вистинско време кога веќе се разговараше за потребното менување на легислативната рамка за да може да се воведе дуално образование во секоја од шесте држави во различни форми и модалитети во согласност со потребите на пазарот на трудот во различните држави и веќе се работеше на менувањето на менталитетот и подигнувањето на свеста на родителите, но и на компаниите за да вложуваат во децата уште во првите денови од нивното средно образование, рече Штерјова Душковска. Таа го најави третиот повик, кој треба да се отвори кон крајот на мај

Во шесте земји од Западен Балкан доделени се грантови во вкупна сума од 12,1 милиони евра за 27 проекти. Од вкупно 37 апликации од нашата земја избрани се шест проекти.

Грант добија конзорциумот предводен од Техничкото средно училиште од Гостивар во кој се и компаниите Фриготехника, МН инженеринг и Леар корпорејшн Македонија, конзорциумот од СОУ „Јосиф Јосифовски“ Гевгелија со компаниите Контихидропласт, Фурниметал, Глобал логистик, Гевгелија мотор, АМД Гевгелија, Дием, Дием дом, Трио консалтинг, Негорски бањи и Боко Бородел, СОУ „Гоце Делчев“ Валандово со компаниите Дојран стил, Дим комерц, МТ страјш, Кортенија, Пего агрифуд, Глобал трејд, Еко оранжерија Анска Река, Перси комерц и Тера мегдан, СЕТУГС „Михајло Пупин“ Скопје со компаниите Либертис, Раде Кончар контрактори и релеи и Макстил, Машински факултет Скопје со компаниите Актив сервис Македонија, Мертинг, Торакс, Лавинитиком, Ламинати ком, Актива, Ролопласт, Вангел Македонија, ТТ плас и Вемак стил, Институтот за текстилно инженерство при Факултетот за технологија и металургија Скопје со компаниите Текстил солушн, Мотив плус и Аретекс ЛТК.

Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ) е финансиски механизам дизајниран да ја зголеми вработливоста на младите и да ја зајакне конкурентноста на претпријатијата во економиите на Западен Балкан, преку вложување во избрани проекти на кооперативна обука имплементирани од установи за стручно образование и обука, во партнерства со претпријатија. Германското федерално министерство за економска соработка и развој намени 64,43 милиони евра за РЦФ, а Владата на Швајцарија преку Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), вложи дополнителни 9,7 милиони швајцарски франци. Средствата се доделени на Германската развојна банка (KfW), а проектот се спроведува од Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан 6 (WB6- CIF) како заедничка иницијатива на стопанските комори од регионот.