Фондот за иновации и технолошки развој денеска го објави јавниот повик „Стартапувај 5“, преку кој со два милиони евра неповратни финансиски средства се ставаат на располагање на македонскиот стартап еко систем.

Јавниот повик „Стартапувај” е петти по ред ваков повик, кој обезбедува олеснети услови за аплицирање и олеснет финансиски пристап за старт-ап и спин-оф компаниите. Целта е да се поттикне иновативноста кај новооснованите компании преку обезбедување на неопходната финансиска поддршка за активности поврзани за истражување и развој. Поддршката преку овој повик е наменета за проекти кои имаат најмалку „потврден концепт” и јасна амбиција на комерцијализација, како и проекти кои се во фаза на потврден концепт до предкомерцијална (предпазарна) фаза.

Добиените средства на овој повик се неповратни, со што македонските стартап компании добиваат огромна пподдршка, но и можност да воведат иновации во своето работење, да го унапредат својот производ или услуга и да остварат успех на пазарот. Од вкупниот буџет на повикот, Фондот ќе обезбеди 40.000 евра (до 90 проценти) од вкупниот буџет на проект за трговски друштва до три години на постоење, односно до 60.000 евра (85 проценти) од вкупниот буџет на проект за трговски друштва со над три, а помалку од шест години постоење. Преостанатиот износ од 10отсто односно 15 отсто од вкупниот буџет за проектот ги обезбедува апликатнот.

На овој повик, може да аплицира и тим кој се состои од најмногу пет членови – физички лица. Во овој случај, Апликантот е обврзан во рок од 30 календарски дена по прием на Известувањето за селекција на предлог проектот, да основа трговско друштво во кое како основачи ќе се јавуваат најмалку 51 отсто од членовите на тимот.

Во однос на активностите кои ќе бидат одобрени за финансирање, ќе бидат поддржани активности за истражување и развој, развој на пилот линии, производ или услуга, активности за тестирање и валидација, активности за тестирање и други. Како подобни трошоци ќе се сметаат: бруто платите за лица кои се или ќе бидат вработени кај корисникот, набавка и изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој, како и под -договорни услуги за истражување и развој.

Во однос на процесот на евалуација, сите пристигнати проектни апликации ќе поминат низ две фази, односно фаза на претселекција, која се спроведува од страна на три, домашни стручни лица, две стручни лица од областите што соодветствуваат со критериумите за евалуација и едно лице од областите што соодветствува на предлог проектот. Фазата на селекција се спроведува од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции, кој ја донесува и конечната одлука за финансирање преку овој Инструмент.

Јавниот повик „Стартапувај 5” е отворен до 15 Јуни 2023 година, до 14.00 часот. Целата проектна документација и начинот на аплицирање се достапни на веб страната: https://shorturl.at/hwxLP