Извозниот промет бележи пораст од 25 пати во однос на истиот период лани, а заедно со „Лидл Северна Македонија“, 20 македонски компании реализирале извоз во три земји од регионот - Србија, Бугарија и Хрватска.
„Минатата година „Лидл Северна Македонија“ оствари посериозен извоз на македонски производи во регионот и покрај тоа што не е сеуште оперативна компанија со маркети во државата. Првпат, во Лидл Србија, Бугарија и Хрватска, организиравме неколку тематски недели посветени на традиционалните македонски производи и претставување на автентичноста на македонската кујна. Производите ги задоволуваат сите потребни стандарди за врвен квалитет и особено нè радува што се одлично прифатени од потрошувачите. Ова е доказ за одличната соработка и успешните партнерства кои Лидл ги гради со локалните производители и добавувачи. Со овој позитивен тренд за поддршка на македонските компании ќе продолжиме и оваа година, проширувајќи го извозот и во други земји, вели во пишана изјава Стефан Георгиев, директор за набавки на „Лидл Северна Македонија“.
Во 2024 година прометот од извоз на овошје и зеленчук од македонско поднебје преку Лидл е над два милиони евра, а најголем е извозот на грозје, зелка, црвена пиперка, домати и сливи. Тие се од домашни производители кои поседуваат Global G.A.P. и GRASP меѓународно признати стандарди за земјоделско производство гарантирајќи дека производите се безбедни и одговорно одгледувани.

На почетокот на минатата година „Лидл Северна Македонија“ започна со изградба на логистички центар во Куманово. Компанијата денес има повеќе од 200 вработени со намера, како што соопштуваат, тој број да расте во иднина.
„Лидл“ е најголемиот европски синџир за малопродажба на храна. Заедно со „Кауфланд“ е дел од групата „Шварц“ (SCHWARZ) чие седиште се наоѓа во Некарсулм, Германија. Присутен е во 31 земјa, каде оперативно работи со околу 12.000 продавници и вработува повеќе од 360.000 луѓе. „Лидл“ од септември 2021 година е присутен и во земјава.
На 13 јуни 2024 година компанијата објави дека во Скопје започна со подготовки за градежни активности за првиот маркет во метрополата на местото на некогашниот Бриколаж. За таа цел Лидл го купи имотот од 16 000 метри квадратни и ќе инвестира вкупно 14 милиони евра во изградба на маркет. Маркети се предвидени и во други градови во Македонија.
На крајот на јануари минатата година, Лидл започна со инвестиција – изградба на логистички центар во Куманово, и тој објект треба да се простира на 63.000 квадратни метри и ќе биде опремен со специјализирани машини, системи за автоматизација и логистичка опрема, целосно посветени на оптимизација на работењето.
Во мај 2024 година во Стопанската комора над 130 компании беа запознаени со можностите за соработка со „Лидл“. Овој тип на соработка со локални компании е еден од основните постулати на „Лидл“ во секоја земја каде работи, беше соопштено од средбата.