Уникатниот научен и уметнички проект CO₂ntext, кој ги комбинира естетиката и екологијата, се појави во центарот на Виена. Обоениот двор на станбениот комплекс Ханушхоф во градот стана пример за тоа како иновативната уметност може да придонесе за ублажување на климатските промени и подобрување на микроклимата во урбаните средини, пренесува енергетика.ба.

Бојата лади и штити
Уметничкиот колектив Holla Hoop од Грац користел специјална боја отпорна на штетните УВ зраци, која ги рефлектира сончевите зраци и ја намалува температурата на површината за најмалку пет степени Целзиусови. Оваа технологија го намалува загревањето што нормално се јавува поради темниот асфалт кој апсорбира поголем дел од сончевата енергија.
Покрај ладењето, обоената површина спречува пукање и оштетување на тлото предизвикано од високи температури.
Уметноста како потсетник за климата
Секое од 40-те шарени полиња во дворот симболизира една година, а точките во нив претставуваат милијарди тони емисии на CO₂ на глобално ниво. Проектот е исто така визуелна архива на климатските промени, охрабрувајќи ги минувачите да размислат за нивната околина и потребата од промени.
Темните асфалтни површини во градови како Виена, Берлин и Минхен создаваат таканаречени термални острови, каде што температурата може да биде до десет степени повисока отколку во околното подрачје. Ваквите услови особено ги загрозуваат постарите лица, децата и хронично болните, а сè почестите топлотни бранови дополнително го интензивираат овој проблем. Примери како овој ги охрабруваат градовите да бараат нови, креативни начини за намалување на топлинските оптоварувања и заштита на своите жители.