Заграден простор со тараби, започнати, но одамна запрени градежни активности. Ваква е сликата долги години на кампусот на УКИМ. Покрај Правниот, Енономскиот и Филолокиот факултет, тука на овој простор треба да никнат и два нови - ФИНКИ и ДИФ - факултетот за спортска култура. Но, засега нема ниту најава кога ќе финишира нивната градба. На терен, нема никакви градежни активности. 

 Од друга страна, студентите во овие два факултети, учат во тесни простории и мали амфитеатри, неретко имаат предавања и на други факултети, а невозможни се и условите за исполнување на потребните вежби. 

Професорите говорат дека имаат потреба од новите згради конечно да профукнционираат. Бидејќи оние во кои сега се одвиваат наставните и вонанаставните активности, не го исполнуваат до крај образовниот процес. 
Затоа, барем на ФИНКИ, проблемот веќе извесно време се решава со рентање на предавални на други, соседни факултети - Електромашунски или пак Технолошкиот факултет.  

Веќе неколку години наназад, ова претставува проблем за ФИНКИ, бидејќи тоа е всушност факултетот кој е најмногу популарен кај младите за запишување. 
Податоците на Државниот завод за статистика од јули 2023 година, покажуваат дека на ФИНКИ има вкупно 4.468 студенти. Од нив, над 1.000 се запишани во прва година

„Предавања не се губат, простор се наоѓа, професорите се организираат, но, голем број сме, неретко знае да биде тесно со луѓе. Мислам дека е ред факултетот да добие нови големи амфитеатри“, вели Бојана, студентка на ФИНКИ. 

Проблеми и на ДИФ

Во споредба со ФИНКИ, бројот на академски граѓани запишани на ДИФ е значително помал и изнесува 402 студенти. Но, и таму има проблем. Бидејќи во еден објект покрај факултетот, функционираат и спортската гимназија и спортската академија.

И овде се вложуваат максимални напори за да се организираат предавањата и студентите да не трпат штети. 

МОН упорно со ветувања, слабо на реализација

Пред една година, министерот за образование Јетон Шаќири најави продолжување на изградбата на двата факултети. Но, ветувањето сепак не се реализираше. Државата ги гради преку Министерството за образование, но, процесот на изградба застана пред 4 години - компанијата која беше ангажирана, штипски „БЕТОН“ отиде во стечај. После тоа, немаше ниту еден тендер за продолжување со градбата. 
Од МОН тврдат дека работат на ревидирање на проектите, надворешниот изглед на двата факултети да не бидат во барок, а со тоа ќе се намали и сумата која е потреба за изградбата. 

Ако се земе во предвид и буџетот за 2024 година кој МОН го има предвидено за доизградба на објектите - тоа практично е тешко да се случи. За таа намена предвидени се само три милиони денари.