Работи од свои 16 години. Професионалниот ангажман го има стекнато во продукциски куќи, маркетинг агенции, радио, телевизии, односи со јавноста. Зорица Црношија во моментот е маркетинг менаџер во „Студио Модерна“. Раните почетоци во работата вели дека ја направиле свесна што значи трудот, вложувањето во себе и бенефитот од тоа отпосле. Со годините, стекнала и широко познавање и разбирање на различните индустрии во кои работела, со оглед на нивното постојано менување.
„Во различни периоди од животот, човек различни нешта го интересираат. Јас сум чесен и транспарентен играч. Она што го наумам, сакам да го реализирам. Да не биде само на хартија, туку и во пракса. Можеби таа чесност во пристапот ја чувствуваат од другата страна. Јас сметам дека мојата екстровертност помага во одреден момент, но можеби писменоста е тежина која најмногу тежела. Тоа што сум писмена за многу работи, телевизија, она што го бара пиарот, севкупната комуникација во една кампања го разбирам“, раскажа Црношија на „Creative Talks“.

За себе вели дека има опсесивен карактер. Тоа е особина која и' помага, но смета дека ги загрозува другите.
„Тој интензитет што јас го живеам е тешко да се разбере. Кога работам проект, сакам да знам дека сум на максимлано сигурно тло и ќе ја имам максималната доверба дека ќе испорачам квалитет. Тие подготовки се длабоки и многу прецизни“, вели Црношија.
Во одредени работи, каде таа е фокусот на исполнувањето, не може да се помири со испорака на прифатлив квалитет, туку максимален. Се сеќава и на некои непријатни ситуации од минатото.
„Еднаш требаше да водам настан за државниот врв. Имаше 2 500 гости, јас не знаев како да се справам со големиот притисок, иако одев на курсеви за јавно говорење. Да не ме понесе треба, да не ме однесе водата надвор од контекстот каде сум се нашла. Се советував со Сашко Коцев кој ми ги даде најдобрите совети. Тие припреми некогаш траат со денови, некогаш станувам во 5 часот наутро“, се сеќава Црношија.
Себе си се смета за креативен човек, иако признава дека во последно време има впечаток дека нејзината вештина за креирање нови работи избледнала. Како што вели, се потешко и е да најде начин да оформи нова идеја или да предложи нешто ново. Најчесто рециклира стари идеи и се повикува на претходни концепти за работа. Инспиарција бара во книгите и луѓето.
„Кога работев односи со јавноста, сакав да знам што сродните индустрии и компании напишале за нешто што јас треба да го сработам. Обично сакам да знам што е тоа што друг гледа во оваа содржина како вредност. Јас би издбрала можеби друг аспект да афирмирам. Убедена сум дека живееме во микросфетови, она што е референтна вредност за нас, не е и за пошироката јавност. Сакам да испитам што се зборува на темата што е важно. Си помагаме кога ќе заглавиме. Јас работам директен маркетинг, системот на работа компанијата го изградила сама од себе и не го копирала од друга. Имаме уникатни политики и протоколи за работа. Имаме база на податоци, сервер полн со други креации, тука си помагаме со идеи кога ќе заглавиме“, вели Црношија.
Во компанијата каде сега работи, кажува дека нема помесување на рокови. Нејзиниот совет до луѓето кои работат во креативната индустрија е дека ниту еден ангажиран поединец, не треба да се лишува од искуства и нешто повеќе од неговата сфера. Бидејќи губењето време, волја и нерви значи и напредок во кариерата.
„Не треба да се оградува од повеќе работа, повеќе работи кои не се во неговиот домен на работа. Вештината повеќе од другиот ќе те направи поконкуретен на пазарот на трудот. Мене секоја изложеност на ново искуство експонираност ме прави понезаменлива. Ако јас сум човек кој има опсег на знаење и вештини, која компанија сака да ме изгуби? Што ме спречува да не знам?“, советува Црношија.