Едукацијата на децата е клучна во процесот за прилагодување кон климатските промени. Ова констатација е дел од иницијативата насловена : „Климатска едукација –сега и веднаш“ што Рурална коалиција ја спроведе во ООУ „Кузман Јосифоски–Питу“ од Кичево. Во практичната едукација за почеток беа вклучени учениците од трето и четврто одделение од оваа училиште. Тие имаа можност да слушнат што всушност значат климатските промени, како тие влијаат на призводството на храна, но и како може да делуваме кон ублажување и прилагодување кон ефектите кои што климатските промени ги создаваат, а кои што влијаат на нашето секојдневно живеење.

Според податоците со кои располага Рурална коалиција, секоја деценија обемот на земјоделското производство се намалува за шест проценти, што значи дека се намалуваат и количества на храна. Според податоците на Обединетите Нации само во 2020 година бројот на луѓе во светот кои што немаат доволно оброци во текот на еден ден е зголемен за 20 отсто. Во голем дел ваквите загрижувачки податоци се должат и на климатските промени, а сѐ уште најголемиот дел од населението во нашата држава смета дека не придонесува директно кон оваа живпотно загрижувачка промена а уште помалку презема мерки за ублажување на нивните ефекти.

Една од клучните активности со кои што може да се промени моменталната состојба кога се во прашање климатските промени е едукацијата. Рурална Коалиција помина два месеци во кампања и неформална едукација за климатските промени во земјоделството при што посети над 30 села на целата територија во државата. Меѓутоа, за да може промената да се направи од корен потребно е за климатските промени да се говори, но и да се делува од најмали нозе.

Токму затоа во соработка со ООУ „Кузман Јосифоски–Питу“ се спроведе практична едукација и работа на тема: „Климатска едукација – СЕГА и ВЕДНАШ!“ Климатската едукација со учениците ја спроведоа активисти на Рурална коалиција во текот на месец ноември и декември. Меѓу другото беше опганизирана и изложба на ликовни творби, преку кои децата ги пресликаа своите гледања и разбирање за климатските промени.


Климатските промени-тема на која мора многу посветено да се работи


„Климатските промени се една тема на која што мора многу посветено да се работи, како и да се зголемува фондот на часови и едукација на учениците на оваа тема, како би можеле да создаваме образовани, но и подготвени млади луѓе за акција за ублажување и прилагодување кон климатските случувања на кои што сите сме сведоци денес, а нашето училиште тоа настојува да го прави на секој можен начин, како што впрочем е и оваа акција,“ истакна директорката на училиштето, Илинка Анѓелеска.

„Ние сме меѓу првите генерации на луѓе која што ги чувствува ефектите од климатските промени, но и последната која што може да преземе нешто за да се ублажат ефектите, а во исто време и да се прилагодиме на новите климатски услови и да продолжиме со она најважното, а тоа е  производството на храна. Сектор што за жал како што доаѓаат годините се повеќе се намалува, а земјоделските производи се поскапи. Токму затоа ни се потребни ваквите акции и соработки за да може реалните случувања и можности за делување на оваа тема да ги пренесеме и во образовниот процес и при тоа истите да станат пракса во сите образовни институции. Затоа што младите се тие кои што ги потикнуваат, но и ги носат промените со себе, а најдобро на нивната свест може да влијаеме од најмали нозе, па така нашата крајна цел е воведување на редовна и задолжителна едукација за клима и климатските промени како посебен наставен предмет,“ вели Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција.

Во таа насока, како и заради заедничките заложби Рурална коалиција и ООУ „Кузман Јосифоски – Питу“ вчера потпишаа и меморандум за соработка во кој што се обврзаат и понатаму редовно да работат на заеднички едукативни активности на полето на климатските промени. Но, исто така и на сите останати теми кои што се поврзани со производството на храна и создавањето на одржлив развој во заедницата.

Едукативната кампања е дел од проектот „Климатска акција за климатските промени во земјоделството“ кој што Рурална коалиција го спроведува со финансиска поддршка на Фондација отворено општество – Македонија, а годишниот план за работа на Рурална коалиција е поддржан од Цивика мобилитас.

Цивика мобилитас е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) за поддршка на граѓанското општество во Македонија, која ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и ФЦГ од Шведска.

М.Б