Најголемата приватна пошта Еко Логистик Сервис (ЕЛС) на денешната средба со новинарите најави повеќе новини за идните проекти на компанијата. Освен доставата на пратките од двете најголеми шопинг платформи, Али експрес и Тему, директорот на ЕЛС, Игор Гешовски, најави соработка со неколку нови онлајн платформи за нарачки. 

Шеин, најголемата платформа во светот за текстил, се очекува да почне да функционира во земјава кон крајот на овој месец, а најдоцна до почетокот на април.

„Шеин годишно изработува 3 милиони модели. Тие го прават целиот процес, преку набавка на платно, ткаење, кроење, шиење, моделирање и продажба. Нема да бидат толку евтини, но се високо квалитетни производи. Очекуваме првата пратка да пристигне во земјава најдоцна до почетокот на следниот месец“, најави Гешовски.

Во меѓувреме, најавена е и соработка со платформите ForDeal и GD, а во тек се преговори со ТикТок и со Амазон.

Што се однесува до популарната платформа Тему, директорот на ЕЛС најави дека месецов веќе граѓаните ќе можат да купуваат и производи до 90 евра, на што ќе се плаќа ДДВ. Досега, максималниот износ за нарачка во Македонија беше 22 евра.

Гешовски најави уште еден новитет, односно отворање на фулфилмент центар што ќе почне со работа наредниот месец. Станува збор за магацин од 1000 квадратни метри каде што ќе им се чува робата на компаниите.

„Сето тоа ќе биде кодирано, сѐ е под камери, робата се евидентира. Компаниите ќе ни пишуваат која роба каде треба да се однесе, ние ќе ја сортираме, пакуваме, бележиме и ќе ја носиме до крајната дестинација. На тој начин компаниите ќе заштедуваат оти инаку секој треба да има магационери, управа, објекти, шофери и сл“, изјави директорот на ЕЛС, Гешовски.

Уште една поволност за македонските компании, како што рече тој, е иницијативата да се направи платформа и да им се помогне на компаниите да направат свои веб-страници и производите да ги пласираат на други пазари, и регионално но и пошироко. Дополнително, се прави кампања за поддршка на старт-ап компании, со промотивни попусти – 30% попуст во првиот месец, 20% попуст во вториот месец и 10% попуст во третиот месец на сите пратки преку ЕЛС.

Гешовски на денешната средба со медиумите информираше дека сега ЕЛС испорачува по 500.000 пратки месечно, а целта е до крајот на годината да се испорачуваат по еден милион пратки. Со оглед на зголемениот обем на работа, планирано е да се воведат пакетомати, уреди кои на корисниците им овозможуваат самопослужување со преземање на својата пратка во кое било време.

ЕЛС дополнително ќе воведе новитет во своето работење, преку достава на пратки за еден ден насекаде низ Македонија. Доколку пратката не биде доставена во рок од два дена, доставата ќе биде бесплатна.

Еко Логистик Сервис е единствената приватна пошта во земјава која ги поседува сите домашни и интернационални лиценци, има повеќе од 250 вработени, располага со повеќе од 200 сопствени возила и има 50 хабови низ државата.

Неодамна прослави седум години од постоењето. 

ЕЛС во последнава година ја презеде доставата за пратките од двете најголеми шопинг платформи, Али експрес и ТЕМУ, со што значително се зголеми и обемот на работа. Само во декември 2024 година, приватната пошта која ги поседува сите меѓународни и домашни лиценци, има доставено 417 777 пратки до потрошувачите.

Во моментов компанијата располага со повеќе од 220 возила и над 250 доставувачи, а достава се врши и во попладневните часови. За поголема безбедност и заштита од манипулации, ЕЛС е единствената компанија која користи безбедносен код при подигањето на пратките. За 2025 година, од компанијата најавуваат соработка и со други светски познати платформи.