Владата, која и досега е доминантен акционер на АД „Железници транспорт“ ќе ги купи акциите од четвртата емисија по пат на приватна понуда во вредност од 15,6 милиони евра.

МЖ-Транспорт  доби одобрение од Комисијата за хартии од вредност да ја издаде четвртата емисија на акции по пат на приватна понуда. Со четвртата емисија, Друштвото ќе издаде 962.913 обични акции со продажната цена од 1.000 денари по акција, што е еднаква со номиналната вредност.

– Вкупната продажна вредност на емисијата е  962.913.000 денари (15,6 милиони евра). Друштвото издава хартии од вредност заради зголемување на основната главнина, односно заради создавање на услови  за непречено функционирање. Приватната понуда е наменета за познат купувач, постојниот доминантен акционер – Владата на Република Македонија, како институционален инвеститор – се наведува во соопштението од КХВ.

Колку парите од оваа емисија ќе помогнат друштвото да ги реши со години напластените проблеми е тешко да се прогнозира, дотолку повеќе што тоа работи со минимален капацитет и без доволно стручен кадар. Односно ако се изземе транспортот на стока од граница до граница со соседните држави, и превоз на патници со намален број на возови на само два патни правци: Скопје –Битола- Скопје и Скопје –Гевгелија –Скопје, иако има 941 вработен, посебен проблем претставува и стручниот кадар, од машиновозачи, мајстори за поправање на локомотивите и ред други последователни активности важни за одржување на железничкиот сообраќај. И додека во светот брзите возови се приоритет на државите особено од аспект што се најеколошко и најбрзо превозно средство, во нашата држава железничкиот сообраќај не е ставен на ниту една агенда за зелени и еколошки проекти, и покрај тоа што постојано говориме за чиста животна средина.

Значи состојбата во друштвото подолг период е алармантна. Фигурира како долгогодишен загубар и должник, иако вработените велат дека само со транспортот на стоки ги заработуваат не само своите плати, туку и за другите, но сепак ги водат како должници, бидејќи Владата платите им ги води како позајмица. Само во првата половина од годинава како загуба им се препишуваат 65 милиони евра.

 Либерализација на Законот ќе доведе и нови железнички превозници

Инаку, Владата подолг период планира да го реши проблемот со либерализација на железничкиот транспорт за што подготви измени и на Законот за железнички систем според кој се предвидува – превозот на патници и стока да се врши од приватно домашно или странско правно лице, т.е. да го отвора пазарот за други железнички превозници.

Во членот 16 од Предлог законот од Комисијата за транспорт и врски е наведено дека се овозможува јавниот железнички превоз на патници и стока да се врши од приватно домашно или странско правно лице, т.е. се отвора пазарот за други железнички превозници.

-Целта е усогласување со европското законодавство во делот на отворање на пазарот за железнички услуги што ќе се даваат од повеќе железнички превозници и усогласување и со националното законодавство во делот на употреба на јазиците, стои во образложението за Предлог-законот.

Според министерот Благој Бочварски, со либерализацијата на железничкиот транспорт и отворањето на пазарот во идниот период ќе може  да се разговара на темата за, како што рече, отворање на границите на некој начин и влегување и на други оператори на територијата на државава.

По намалувањето на влијанието на економско-енергетската криза ќе се разговара и за третата опција, односно преструктурирање на ова претпријатие со што, како што потенцира Бочварски, ќе следуваат подобри и навремени услуги и задоволство кај граѓаните во однос на железничкиот транспорт.

Според него, за оние делници каде што има интерес од граѓаните за патување со железница е обезбедена поддршка за претпријатието, но засега не се планира обнова на возниот парк на возовите кои сообраќаат кон Кичево и Кочани затоа што интересот за тие две линии е намален.

Со измените на Законот за железничкиот систем во 2010 година беше овозможена либерализација во однос на операторите, односно клучната задача му се даде на сѐ уште единствениот оператор во земјава МЖ Транспорт АД – Скопје). Потоа следуваа најави за измени во законот со цел усвојување на европската рагулатива, но работите се закочија во 2012 година кога во законот се воведе одредба дека приватно домашно или странско лице ќе може да врши јавен железнички превоз по пристапувањето на Република Македонија како полноправна членка на ЕУ.

Европската Комисија бара да се отвори пазарот преку влез на нови транспортни компании што ќе може да сообраќаат по нашите пруги. Либерализацијата во делот на железничкиот превоз е барање на ЕУ старо речиси една деценија наназад и досега било наведено и во претходните извештаи на Европската Комисија.

Предлог-законот е денеска на разгледување пред собраниска комисија за транспорт и врски.