Нови обврски за енергетски сертификати во приватните станбени згради. Неодамна усвоениот Закон за енергетска ефикасност, кој стапи на сила среде септември, воведува значајни промени за приватните згради наменети за домување. Сега, секој нов или реконструиран станбен објект мора да има енергетски сертификат пред да се упише во имотниот лист на Агенцијата за катастар на недвижности. Овој сертификат ќе се внесува во посебна графа при издавање на употребна дозвола од општината, а без него уписот едноставно нема да биде можен.
Сертификатите ќе бидат класифицирани со букви од А до Ц, слично како етикетите на домаќинските апарати, за да им овозможат на потенцијалните купувачи јасна слика за енергетската ефикасност на станот. Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објаснуваат дека ова ќе ги поттикне инвеститорите да вложат повеќе во изолација, модерни прозорци и системи за греење, што на крај ќе доведе до помали сметки за енергија за граѓаните. Законот не важи ретроактивно, туку само за објекти одобрени по неговото донесување, што значи дека првите случаи ќе се појават следната година.
Од Агенцијата за катастар на недвижности потврдуваат дека институцијата е технички подготвена: направени се софтверски промени, а општините ќе мора да доставуваат сертификати за секој нов упис.
Сите објекти кои ќе дојдат на упис по законот ќе го бараат овој документ, од пребележување до конечен имотен лист. Оваа мерка е дел од реформите за усогласување со ЕУ стандарди и ќе помогне во борбата против високите цени на енергијата во домовите.

Реконструкција и на државни згради
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини тргна во амбициозен процес на целосно пребројување на државниот имот, фокусирано на илјадниците згради во јавниот сектор. Не станува збор само за попишување на квадратни метри, туку за создавање на Национален инвентар на јавни објекти кој ќе ги собере сите податоци за енергетската потрошувачка, емисиите на јаглерод диоксид, цврсти честички од греење, физичката состојба и итните потреби за реновирање. Овој регистар, за првпат воведен, ќе послужи како основа за систематски интервенции кои ќе ги намалат трошоците и загаденоста.
Владата веќе го одобри тригодишниот План за реконструкција на 14 приоритетни јавни згради со вкупна површина од 102.992 квадратни метри. Во нив функционираат 33 институции, а ги користат повеќе од 5.000 граѓани дневно, што ги прави идеални кандидати за енергетска оптимизација. Планот ги дели објектите во три групи според состојбата и итноста, базирано на евалуација од странски ЕУ консултанти кои анализираа енергетската ефикасност, фасадите, прозорците и системите за греење.
Првата, најкритична група вклучува згради во лоша состојба: најголемиот енергетски потрошувач е зградата на Министерството за здравство, заедно со Институтот за јавно здравје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Дополнително, тука се Државниот завод за статистика, главната зграда на Агенцијата за катастар на недвижности и објектот на Управата за хидрометеоролошки работи. Директорот Живковски потврдува дека веќе имале средби со министерството и се во завршна фаза за реконструкција: „Останува да се усогласиме или да пристапиме сами“.
Втората група опфаќа објекти во релативно добра состојба, но со сериозни потреби од санација – дел од комплексот на Министерството за економија и труд, зградата на Агенцијата за администрација, Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, како и мултифункционалната зграда на НИП „Нова Македонија“ каде се сместени повеќе министерства и агенции. Третата група се осум претходно реновирани објекти кои бараат дополнителна енергетска надградба со современи технологии.
Секоја зграда ќе помине низ детална енергетска контрола, по што ќе се имплементираат конкретни мерки: топлинска изолација на фасади, замена на стари прозорци, инсталација на соларни системи за топла вода, фотоволтаици на кровови, модерни системи за греење, ЛЕД осветлување и автоматска контрола на потрошувачката. Министерството проценува дека овие промени драстично ќе ги намалат високите сметки за енергија во буџетот на институциите. Според анализите, емисиите на CO2 ќе се намалат за 29 отсто, или 1.091 тони годишно, што е голем чекор кон подобар квалитет на воздухот во градовите.
Првичната проценка за целиот проект е 11 милиони евра за околу 110.000 квадратни метри, со тековни преговори со Француската развојна банка. Податоците за регистарот сè уште се финализираат преку Службата за општи и заеднички работи и Агенцијата за катастар. Ова е во согласност со законската обврска за реконструкција на најмалку 3 отсто од вкупната површина на јавни згради годишно, како дел од агендата на Енергетската заедница и ЕУ директиви.