Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад, денес склучија Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).

Со ставање на потпис на првите луѓе од овие две институции, на Марко Бислимоски, претседател на РКЕ и неговиот колега професор Атанасиос Дагумас, претседател на RAAEY, двете регулаторни тела ја потврдија соработка и дефинираа постулати врз основа на кои ќе се унапреди функционирањето на националните и регионалните енергетски пазари, како и услугите за управување со вода и отпад.
„Потпишувањето на меморандумот, протоколарно е свечен чин, но лично за нас како институција има повеќе димензионално значење. Со ова се формализира долгогодишната традиционална соработка со што поставуваме стандард во квалитетот на решенија, применувајќи регионален пристап кога е во прашање: конкурентен, безбеден и одржлив пазар на енергија, што ќе биде бенефит за граѓаните и индустријата на двете земји.
Циклусите низ кои поминуваа нашите две земји политички е сосема различно од она искуство кое го имаме ние регулаторите. Малку се знае во јавноста дека заедно со грчкиот регулатор (RAAEY) имаме изградено беспрекорна комуникација и доверба. Тоа првенствено е резултат на менталитетот на регулаторите кои посебно во време на пандемија и енергетска криза заедно бараа решенија за амортизација на ценовните шокови. Среќни сме дека оваа соработка ќе се продлабочува и во секторите за регулација на вода и отпад. Секако и во делот на природниот гас и нафтените деривати стоиме на располагање со сето наше знаење и искуство“ изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Професорот Атанасиос Дагумас, претседателот на грчкото регулаторно тело посочи дека со потпишувањето на меморандумот ќе се зајакне регионалната експертиза во областите кои регулаторите ги регулираат.
„Имаме одлична и долготрајна соработка со Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Северна Македонија. Овој Меморандум е круната на нашата соработка и сега ќе претставува службена отскочна штица за размена на знаења и експертиза во три области: енергетика, комунален отпад и вода. Покрај тоа, воспоставувањето на стабилна регулаторна рамка во овие три области е наш приоритет. Со потпишувањето на овој Меморандум RAAEY ја потенцира својата посветеност кон зацврстување на регионалната соработка на Балканот – соработка што ќе придонесе кон регионален развој и ефективно справување со прашањата кои нè загрижуваат нас, како регулатори“. изјави Атанасиос Дагумас, претседател на RAAEY.