Европскиот парламент денес ќе гласа за предлогот да се продолжат трговските поволности за земјите од Западен Балкан до 2030 година, јавува N1.

Станува збор за измени на постојната Уредба на Европската унија, која ги регулира трговските односи со земјите што учествуваат или се поврзани со Процесот на стабилизација и асоцијација.

 

Поволности за шест земји од регионот

Овие поволности им овозможуваат на земјите од регионот – Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Косово – да извезуваат одредени земјоделски производи, како овошје, зеленчук и вино, без царини или со намалени царински стапки.

Предлог: Продолжување без нови поволности

Авторот на извештајот, европратеникот Крис ван Дајк, предлага постојниот режим да се продолжи до 2030 година, без воведување нови олеснувања, но со задржување на сегашните услови и контролни механизми.

„Ова продолжување претставува сигнал на предвидливост и континуитет за нашите партнери од регионот и јасна порака дека трговските поволности се поврзани со демократските реформи и усогласувањето со европските вредности,“ изјави Ван Дајк. 

Поволности под услов

Како и досега, поволностите ќе важат само за земји кои ги почитуваат принципите на демократија, владеење на правото и човековите права. Во случај на сериозни прекршувања, Европската комисија може привремено да ги суспендира мерките.

-И покрај нивниот ограничен опсег, сегашните автономни трговски мерки остануваат важни и обезбедуваат вредна поддршка за економиите на партнерите од Западен Балкан и нема негативни ефекти за ЕУ. Комисијата предлага да се продолжи со поддршката на ранливите економии во регионот на Западен Балкан со продолжување на периодот на примена за уште пет години, до 31 декември 2030 година,- -Европски парламент – Комитет за надворешна трговија.

Од Комитетот за надворешна трговија на Европскиот парламент, нагласуваат дека ова петгодишно продолжување на трговските мерки е усогласено со Планот за Раст на ЕК преку кој се одвива забрзана интеграција на земјите од регионот во единствениот европски пазар и тоа во следните сектори.

  • Тутун и производи од тутун 93 милиони евра
  • Житни производи 61 милион евра
  • Зеленчук 57 милиони евра
  • Овошје 36 милиони евра
  • Производи од овошје 39 милиони евра
  • Останати земјоделски производи 148 милиони евра 

Трговијата меѓу ЕУ и регионот расте

Според податоците на Европската комисија, вкупната трговија меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан во 2024 година изнесувала 83,6 милијарди евра.

Европската унија е најголем трговски партнер на регионот, учествувајќи со 78 проценти од неговиот извоз и 59 отсто од увозот.

Само минатата година Унијата направила увоз на земјоделски производи од земјите од Западен Балкан во вредност од над три милјарди евра, додека пак извозот е над 6,5 милијарди евра. 

Вредноста на трговската размена што е опфатена со поволностите се зголемила за повеќе од 120 проценти, од 60,5 милиони евра во 2018 година на 137 милиони евра во 2024 година.

Европската унија од Македонија најмногу увезува житни производи, зеленчук, вино и тутун.  Минатата година, извозот на тутун од Македонија кон ЕУ бил во износ од 93 милиони евра, на житни производи 61 милион евра додека пак на трето место е зеленчукот со извезена количина во вредност од  57 милиони евра.