Стопанската комора за енергетика на Македонија иницира референдум за враќање на електродистрибутивната мрежа во државна сопственост. За таа цел како што кажа Ѓорѓи Манасков, претседателот на Комората веќе е поднесена инцијатива до Државната изборна комисија и се собрани неопходните 100 потписи.  На 1. декември од Комората очекуваат иницијативата да биде доставена до Собранието кое треба да им дозволи да соберат 150 илјади потписи за спроведување на референдум за укинување на Законот за приватизирање на електродистрибутивната мрежа од 2004 година со кој електродистрибутивниот систем и беше продаден на приватната австриска компанија ЕВН.

-Од Собранието, ќе бараме поништување на Законот од 2004 година и со тоа на државата по автоматизам да ѝ се врати електродистрибутивната мрежа, категоричен е Манасков.

Според него, независна и стабилна енергетска состојба во Македонија може да се реализира само ако се решат трите најголеми проблеми кои ги имаме во моментов.

- За да излезе Македонија од енергетската криза мора прво да си ја вратиме во државна сопственост електродистрибутивната мрежа заради финансиите загуби кои изнесуваат речиси 500 милиони евра годишно и одат надвор од државата. Со тие средства би можеле да ги изградиме Чебрен и Галиште и наши хидроцентрали со кои ќе можеме да ја балансираме енергијата“, рече Манасков на Петтата меѓународна конференција за енергетика што се одржа во Скопје на тема: „Независна стабилна енергија во Македонија“.

Според Манасков за да може нашата земја и самите ние понатаму да се развиваме и да добиваме подобри цени во услугите и производството и да имаме конкурентни цени кон нашите добавувачи, потребни се само три работи: решение на три причини за нормализација на независна електриќна енергија во државата.

Дистрибутерот ништо не вложува и нема никаква одговорност

Прва и главна причина за враќање на електродистрибутерот под државата е да се намалат трошоците што сега ги плаќаме за загубите на енергија при транспорт кои се околу 150 до 200 отсто повисоки од цената на потрошената електрична енергија, иако реалната загуба не е поголема од 33,5 проценти. Замислете колкава е разликата од 33,5 отсто до 150 или 200 проценти која оди надвор од државата“, дециден е Манасков.

Друг проблем со кој се соочуваат и граѓаните и компаниите се регулативите и финансиите околу изградбата на приватна  фотонапонска централа. Постапката, како што посочи Манасков, започнува со барање кое чини 7000 денари, по што поголемиот број добиваат одговор дека немаат техничка можност (со образложение да се изработи проект и обезбеди потребна документација, па ќе го разгледаме барањето каде можеме да ве поврземе). „Такви барања (особено сега со поставувањето на фотоволтаици) има и до 500-ни на ден. Или калкулацијата прикажана преку пример на 100 барања по 7 000 денари, изнесува околу 12 000 до 13 000 евра дневно. Тоа помножено со 30 дена во месецот по 12 месеци доаѓа и до шест милиони евра годишно само по основ на внесување барање. И таква можност не постоеше сѐ додека Регулаторна комисија не им го дозволи тоа,“ категоричен е Манасков.

Тој како проблем го посочи и приклучувањето и отстапувањето на  фотонапонските централи. Иако граѓаните и компаниите сами вложуваат и градат за да бидат приклучени на мрежата, централата мора да ја отстапат и да ја дадат во владение на ЕВН. Додека при прекин на струја во кое било  време, за штетата што ја прави ЕВН не сноси никаква одговорност, штетите ги трпат и сносат само граѓаните и компаниите.

 Интересна работа се случува и на релацијата, општини- ЕВН, вели Манасков. -Токму окога ќе се реновира или изгради некој патен правец во која било општина, ти настапува ЕВН , копа за да пушти некој нов кабел, без да платат за штетата и каде сакаат таму си градат трансформатори, без дополнителни трошоци кон општината, што не е случај во обратна насока, веднаш ја исклучуваат енергијата.

Според претседателот на Комората затоа е најбитно да се најде начин да ја вртиме целата електродистрибутивна мрежа во претходна состојба. Да ја вратиме на државата и да се прекине овој монопол, а тие средства, околу половина милијарда евра  која моментно и до една милијарда евра одат надвор од државата да се искористат за градење на инфраструктура, за градење на Чебрен и Галиште и сопствено производство на енергија.

„Затоа ја поднесовме нашата граѓанска иницијатива до Собрание од каде очекуваме можност за распишување на референдум. Ова е желба на сите нас и ќе ги собереме тие 150 000 потписи, затоа што граѓаните бараат“, потенцира претседателот на Комората.

Е-централи

Вториот проблем, на кој треба да се обрне внимание е инвестирањето во нови видови на енергија како што се е-централи, односно безжични електрични централи.

„Кога би ја имале електродистрибутивната мрежа под сопствена капа би можеле да имаме безжични трансформатори и да има такви приемници со кои би се приспособиле новитетите од иднината“, рече Манасков.

Третиот проблем, како што кажа Манасков, е секој што сака да гради фотоволтаици да може да гради со онолкава моќ колку што му треба без разлика дали станува збор за домаќинство или производствен капацитет.

„Малку е да се ограничи капацитетот на фотоволтаиците на шест киловати за домаќинство и 40 киловати за производствен капацитет. Треба да се направи поголем опсег и секој да си изгради колку што му е потребно и без многу проблеми со дозволи од општини. Тоа е така зашто треба да имаме што поевтина електрична енергија за да имаме поконкурентно производство и да можеме да извезуваме надвор по многу пониски цени од сегашните“, потенцира Манасков.

Нагласи дека во моментов увезуваме многу електрична енергија и додаде дека е неопходно да се формира Министерство за енергетика за, како што рече, да се стави крај во безредието.

„Нашата цел е да станеме енергетски независна држава. Моменталните капацитети се мали. Термоцентралите треба да се префрлат на гас за да можат и понатаму да функционираат, треба да почнат да се градат хидроцентрали за да може да се балансира електричната енергија од фотоволтаиците“, посочи Манасков.