Европските банки создаваат конкурент на Visa и Mastercard. Групата, во која се Дојче банка, БНП Парибас и УниКредит, иницираше формирање на пан-европски сервис за плаќање, а е поддржана и од Брисел.
Повеќе од 30 најголеми европски банки и процесори за картички планираат да воспостават услуга за плаќање што ќе може да им конкурира на група американски финансиски и картични џинови, како што се Visa, Mastercard, PayPal и Apple.
Европските банки создаваат конкурент на Visa и Mastercard
Според Фајненшл тајмс, групата е собрана во Европската иницијатива за плаќања (EPI), а нејзиниот претседател Јоаким Шмалцл истакнува дека идејата е да се создаде европски платен гигант, способен да се натпреварува со американските компании.
Нацрт на EPI до септември
Иницијативата, со седиште во Брисел, во моментов обединува околу 40 стручњаци во платниот промет и трансакции со картички. Тие започнаа да работат пред девет месеци, а до септември треба да подготват нацрт за пан-европски платен сервис. Сервисот би требало да се користи за плаќање во физичка и онлајн трговија, за наплата на сметки помеѓу индивидуални потрошувачи и за подигање готовина на банкомати.
Банките што се дел од оваа иницијатива вклучуваат гиганти како германската Deutsche Banka, француската BNP Paribas, италијанската UniCredit, шпанската Santander и холандската ING. Клиентите на овие банки и процесори сочинуваат повеќе од половина од сите трансакции со картички во Европа.
Според наводите на FT, проектот има поддршка од Европската комисија и европските финансиски регулатори. Јоаким Шмалцл посочува дека EPI досега има добиено повеќе од 30 милиони евра од субјектите што го поддржуваат. Инаку, Шмалцл е исто така член на управниот одбор на Здружението на германските штедилници. Тоа е најголемата организација на германски банки кои работат со граѓани и ревносен поддржувач на иницијативата.
Првата EPI апликација што ќе овозможи електронско плаќање во реално време помеѓу потрошувачите може да биде лансирана уште во 2022 година. Следните алатки за плаќање може да следат во втората половина, посочува Шмалцл.
Стратешка автономија на ЕУ
Буркард Балц, член на управниот одбор на Бундесбанк, посочува дека германската централна банка го поддржува EPI. Според него со ова „ќе се зајакне стратешката автономија на Европската унија на пазарот на платни услуги. A, ќе се подобри и конкуренцијата и со тоа ќе се подобри изборот на потрошувачот“.
Иницијативата ја поздрави и Европската централна банка. Европската комисија ја опиша оваа иницијативата како „нов, амбициозен и европски проект“. Брисел верува дека граѓаните и компаниите на ЕУ треба да имаат корист од брзи, ефикасни и сигурни решенија за плаќање.
„EPI ќе биде клучен и одлучувачки чекор во таа насока, особено ако опфаќа широк спектар на европската банкарска заедница“, сметаат во Европската комисија.
Плаќањата со картички во Европа најчесто ги обработуваат компании со седиште во САД. Според податоците на лоби групата на европски трговци EuroCommerce, четири од пет плаќања со картички на „стариот континент“ се обработени од „Мастеркард“ и „Виза“.
Јоаким Шмалцл предупредува дека ваквиот доминантен удел на пазарот на американските сопственици на картички може да им наштети на потрошувачите и трговците. И тоа, како преку релативно високи давачки, така и од аспект на заштита на личните податоци.
Проектот „ Monnet “, кој беше поддржан од 24 банки во 2011 година, пропадна поради недостаток на политичка поддршка и неуспех да се развие одржлив деловен модел. Ова не е лесно затоа што одреден платeн систем е привлечен за трговците само доколку го користат многу потрошувачи. Истото важи и од аспект на потрошувачот, платежните картички се интересни ако ги примаат повеќе трговски субјекти.