Околу 2.700 литри вода се користат за производство на една памучна маица, што е количество што просечна личност ја пие за три години, пишува Euronews Green. И додека трговските марки за „брза мода“ нудат евтина облека по најнов тренд, цената за планетата и економијата станува превисока. Просечниот Европеец создава 12 килограми текстилен отпад годишно, а само еден процент се рециклира во нова гардероба.

 

Затоа Европската Унија и поединечните земји-членки што го менуваат начинот на кој работи модната индустрија и директно го таргетираат во нејзиниот профитен модел.

Крај на даночните олеснувања за брзата мода

До 2021 година, милиони пакети од платформите како Shein и Temu, во вредност помала од 22 евра, пристигнуваа во Европа без да платат ДДВ. Така, тие имаа нефер предност во однос на домашните производители. Сега ЕУ предлага дополнителна такса од два евра по пратка, како и укинување на ослободувањето од царински давачки за нарачки под 150 евра.

Овие мерки, кои најмногу би ги погодиле кинеските гиганти за е-трговија (91 процент од сите пакети под 150 евра доаѓаат од Кина), ќе спречат злоупотреби и ќе го намалат протокот на облека со низок квалитет произведена во лоши работни услови.

Дополнително, новата Директива (ЕУ) 2024/825 „зелено перење“ ќе стапи на сила во 2026 година. Брендовите повеќе нема да имаат право да се рекламираат како „еко“ или „јаглеродно неутрални“ без докази и транспарентни податоци за трајноста и можноста за поправка на облеката.

 Франција воведува данок по парче облека

Франција беше првата во Европа што воведе данок на брза мода. Од 2025 година, ултра евтините брендови плаќаат дополнителни пет евра по парче, што ќе се зголеми на 10 евра до 2030 година. Данокот зависи од влијанието на секоја компанија врз животната средина и нема да надминува 50 проценти од цената на производот без ДДВ.

Целта е јасна: брендовите што произведуваат издржлива и рециклирана облека ќе бидат наградени, а оние што го загадуваат пазарот со „сезонско ѓубре“ ќе плаќаат повеќе.

Скандинавски решенија: поправка наместо купување

Шведска го намали ДДВ-то за поправка на облека и обувки од 25 проценти на 12 проценти, Холандија го задржува на девет проценти, додека Франција воведува дополнителни ваучери за поправки во сертифицирани работилници. Идејата е замената на патентот да биде поевтина од купувањето нова јакна.

Шпанија: регулатива за ослободување од данок

Во Шпанија, нов закон од 2025 година ги обврзува брендовите да финансираат системи за рециклирање и да објавуваат податоци за трајноста на своите производи. Меѓутоа, даночни мерки како француските сè уште не се воведени, па затоа земјата заостанува во фискалниот дел од борбата против брзата мода.

Новиот финансиски поредок на модната индустрија

Ваквите мерки веќе го менуваат пазарот. Елиминирањето на даночните дупки ги изедначи условите за игра, додека намалениот ДДВ за поправки ги оживува локалните работилници и малите занаети. Францускиот данок ќе ги зголеми цените на облеката за еднократна употреба и ќе ги принуди брендовите да инвестираат во дизајн, материјали и рециклирање.

Со овој курс, Европа поставува нов стандард за одржлива потрошувачка каде што трајната облека е инвестиција, а „брзата мода“ станува скапа навика, пишуваат Гардијан и Ле Монд.