Кампањата „Домашно, квалитетно, евтино“ ја најави Групацијата на месопреработувачи, а е иницирана од драстично намалената потрошувачката на месо како резултат на опаѓањето на куповната моќ на граѓаните, од една и на опаѓање на обртот на производството од друга страна. Од Групацијата уверуваат дека оваа заедничка акција ќе донесе бенефит и за граѓаните и за Владата и за стопанството. А, за нејзина успешна реализација потребно е да се активира и акцијата „купувајте домашни производи“.

Оваа е прва акција која потекнува од примарното производство. Ова е суштина на подобрувањето, затоа што како сега стојат работите не само што нема развој туку има опасност голем дел од преработувачките капацитети во месната индустрија да се затворат, коментираат добро упатени извори во земјоделската проблематика.

Прв пат, тој што произведува, тој што консумира и тој што го контролира увозот се можни партнери во иста акција.

-Потрошувачите сакаат поевтино, Владата сака контрола на инфлацијата, ние сакаме да продаваме поевтино за да имаме поголем обрт. Сите имаме заедничка цел, нашиот производ да биде поконкурентен, поевтин, поквалитетен и подостапен за секој наш потрошувач. Тогаш зошто со нереални зафаќања. Ако другите производители имаат нула влез за истата суровина зошто само ние да плаќаме царина за стоки што ги нема во Македонија. Јас сум сигурен дека цените на месото и преработките од месо ќе паднат не за 10 туку и повеќе од 15  проценти во истиот ден кога ќе се донесе мерката за укинување на царината за увозните стоки што се користат во месната индустрија. Вака ја опишува кампањата „Домашно, квалитетно, евтино“ Влатко Ѓоргиевски, генерален менаџер на МИК Свети Николе. Тој во разговор за Анторис магазин подетално зборува за иницијативата, реализацијата на оваа кампања,  но и воопшто за состојбите во месната индустрија.

Методот на субвенционирање не даде резултати
  •  Месото и преработките од месо се еден од производите за кои Владата бара намалување на цената. Постои ли реална можност за тоа без поголеми последици за производството?

„Условно сме зависни во секој поглед. Едноставно како да постои тенденција за затворање на компаниите кога се на мака и условно да бидеме зависни од увоз. Секако на тоа во голема мера му кумуваат цените на земјоделските производи. Практично се покажа дека методот на субвенционирање не е погоден бидејќи не даде резултати. Затоа што од година во година, покрај проблемот со буџетот имаме и еден друг голем проблем: секоја година издвојуваме нови 100 милиони за да го прехраниме оној малку народ што ни остана. На пример, оваа година Македонија потроши 750 милиони евра за увоз на храна, за да го покрие дефицитот и повеќе од 100 милиони субвенции директно вложување во земјоделството. Тоа се 850 милиони евра за да прехраниме 1,5 милиони луѓе, колку што останаа.

Не може да очекуваме она што те донело во проблем да те извади од него. Секако дека треба да се бара решение, но не со продолжување на истиот начин. Со други зборови, можеше да се субвенционира семенски сортен материјал, нафта, да се стимулира примарното производство, ама не со купување гласови и давање пари по хектар. Во најдобар случај може да се вложува во сточниот фонд, по килограм производ, а не по површина.

Субвенционирање значи праќање порака, читање резултати и врз основа на тоа давање пари. Ако ги нема трите сегменти се е промашено.

Нам ни треба заеднички концепт: поголемо примарно производство за народот да јаде поквалитетни домашни (проверени) производи. Бидејќи тоа што доаѓа од увоз секако дека не е проверено. Од друга страна што правиме со увезените производи на кои им е истечен рокот. Каде се? (н.з. дали се во прашање нови етикети со употребливи рокови).

  •       Колку квалитетна храна консумира македонскиот граѓанин?

На пример, „Мик Свети Николе“ имаше 246 инспекциски контроли во текот на 2021 година, сите документирани со записници. Од една страна некој би рекол дека тоа не е нормално, но од друга страна тоа е за поздравување. Но, дали постои инспекциска контрола за увоз на месо и месни преработки?

Тука се наметнува уште една дилема, колку во Министерството за земјоделство се почитуваат правилата за увоз на безбедна храна на ЦЕФТА. Како може увезените конзерви од 200 гр. да чинат само 30 денари, и да се  поевтини од 100 гр. домашно месо. Да се продаваат конзерви со 1% пилешко месо (си пишува и на  декларацијата).

Контролите за жал се применливи само кај домашните компании.

Слична е состојбата и со неконтролираниот увоз на пестициди. Владата може да субвенционира во увоз на хемиски заштитни средства коишто се одобрени. Но, бидејќи добар дел од нив подлежат на давачки, подобро би било да се стимулираат само одредени од нив кои немаат штетно влијание или не содржат опасни материи кои во Европа се означени со посебни броеви. Да биде безбедно и за нас и да можеме рамноправно да учествуваме на европскиот пазар.

  • Имајќи го предвид вашето искуство што предлагате за надминување на ваквата состојба?

-Наместо парични субвенции, предлагам да се субвенционираат наменски производи за заштита, коишто ќе бидат достапни на секој производител, бидејќи со тие заштитни производи земјоделецот не може да тргува туку ќе ги користи за производство.

Исто така, многу е значајно да се спроведуваат контролите, барем една при  увозот. Значи решение ако се бара, има.

Законски во Македонија може да се увезува се, но порано (Законот од 2007 година) беше нагласено „Се што е дозволено во ЕУ“, затоа што ние сме мали потрошувачи и не е исплатливо да правиме анализи на сите увозни препарати. Но, токму тој нагласок по неколку години со измени на законот се избриша, па сега се увезува буквално се.

 Рамноправен статус со увозните компании
  • Што е битно за опстанок на месната индустрија во Македонија, покрај актуелните барања околу цените и субвенционирањето на струја само на оние кои немаат зелена енергија?

- Многу е едноставно. Целиот развиен свет се базира на поддршка на домашните компании и дава одредени погодности во одреден временски период. Но, најбогата е она држава која може да си го прехрани сопствениот народ. Бидејќи во кризни ситуации прво се забранува извозот за да има доволно количества  за домашните консументи. Такво нешто во нашата држава немаме. А за да трагедијата биде поголема, заради членството во СТО, сите готови производи од кој било дел од светот влегуваат слободно: и оние со еден посто месо и оние со сушено говедско (Аргентина) и разни батаци од САД - условно производи кои не ги трошат на домашниот пазар, а ги носат кај нас.

Ние сѐ уште имаме неразумни зафаќања од сопствената држава и не е решен рамноправниот статус на месната индустрија. Не дека очекуваме да добиеме било какви субвенции или приоритети, ние месарите бараме само изедначување со светските компании од нашата бранша. Сакаме да произведуваме под исти рамноправни услови како во другите земји. Можност имаме. Географски сме така организирани, но и технолошки сме опремени и можеме да се носиме со светските компании. За да се изгради нова фабрика за месо во Европа се потребни стотици милиони заради строгите основни планирања, заради скапите нус-продукти што ги има при производството. Во Македонија тоа е решено. Имаме фабрики кои се опремени и можат да произведуваат, сега треба само да опстојуваме за што ни е неопходно изедначување на пазарните услови. Со други зборови, државата конечно треба да има разбирање ако готовиот производ влегува без царини и домашните производители да можат подеднакво да набавуваат. Ако е доволна една или две контроли за увозните производи на годишно ниво, зошто ние да правиме контроли секојдневно, бидејќи и тие го оптоваруваат нашето производство. Значи, бараме само изедначување на условите. Ние како групација се чувствуваме подготвени да произведуваме за Европа под типот на лон производи. Европа моментно е преоптоварена. Еве на пример, Холандија веќе затвора фирми заради преголемата загаденост на почвата со азот од голема искористеност во минатото. Поради тоа бараат дислокација. Македонија сѐ уште во тој правец е слободна. Во Германија пак, сите фарми вршат изѓубрување на слободните површини и на тој начин имаат органско производство. Па исто тоа можеме да го примениме и кај нас. Меѓутоа за да имаш фармерско производство потребно е да имаш и сопствена земја. Неправедно е земјата да се дели на некои кои сакаат да искористат субвенции, а не да произведуваат.

Србија е добар пример. Таму не можеш да имаш фарма со крави, ако немаш барем хектар ипол по грло сопствена површина. И автоматски со самото подигање на сточниот фонд би требало на фармерството да му се доделат повеќе површини, каде ќе го врши изѓубрувањето и каде ќе има сопствено производство на домашна храна, која економски е најоправдана. И,  најпосле да се заокружи целиот процес со подигање на сточниот фонд. Тоа е шанса руралното село кое веќе го немаме да го вратиме и да почнеме да произведуваме по економски оправдани цени. И да не заборавиме дека целиот свет надмина осум милијарди жители, а земјата е една иста.

Примарното производство во земјоделството добива се повеќе на цена и тек ќе добива. Во мината година го доживеавме како криза, затоа што прв пат земјоделските производи на светско ниво се покачија меѓу 20 и 30 проценти. Да не забораваме дека тој третман кај примарното производство ќе продолжи да расне. Следува ново економско преусогласување на светско ниво, кое ние како држава мора да го следиме.

 Примарното производство на сопствена сточна храна- неминовно
  • Колку според реалното производство би требало да чини еден килограм месо?

Во Македонија моментно произведуваме доволно консумно месо само за сопствени потреби, но само свинско. Додека со пилешко и јунешко сè уште никој не се занимава со организирано производство. Има повеќе обиди, но пак, се сè сведува на поврзаноста во земјоделството. Прво треба да ги подобриме условите за примарното производство на сопствена сточна храна, па потоа ќе си дојде сточниот фонд како нормален расплет. Србија на пример, има 3,2 милиони свињи годишно. Македонија нема 160 000 годишно, но потенцијалот на напуштено село си го направи своето. Сега е време и можност за некои нови планови во земјоделството кои ќе придонесат да се подигне сточниот фонд во земјава.

Реалната цена на килограм свинско месо не може да се дефинира едноставно, бидејќи сѐ зависи од која цена се поаѓа кај јачменот, пченката, сојата, рибиното масло-сите производи кои влегуваат во цената на производство на месото. Во зависност од цената на сточната храна и сите други суровини се формира и цената на месото. Кипар е интересен пример. Тоа е земја која нема вода за развој на аграр, но сепак е позната по производство на свињи, како и по производството на сирењето „Халуми“ што е распространето низ цела Европа. Токму на оваа релација има интересен спој, остатокот од производството на сирење-сурутка ја користи како храна за свињите кои дури се поскапи од другите и имаат многу поголемо производство од нас.

  • Дали „Мик Свети Николе“ има сопствен сточен фонд?

- Соработуваме со кооперанти со кои имаме долгогодишни наменски договори за текот на целата година со однапред дефинирана неопходна количина, со неделни позиции колку месо ни треба за производство. Го гарантираме и откупот по фиксни цени за целиот тој период. Политика на компанијата барем досега е исплата на откупеното месо во истиот ден кога е предадено, а патем и никој што понудил не сме го вратиле. Постои само еден услов, мора да се почитуваат сите безбедносни и биосигурносни мерки кои се наменети, бидејќи подлежиме на строгата домашна контрола.

  •  Каде ја гледате иднината за месната индустрија?

Зголемување на сточен фонд.