Во вториот квартал од годинава, Бруто домашниот производ (БДП) се зголеми за 2,3 проценти на годишна основа, забрзувајќи во однос на претходните квартали, оценува Фајнанс тинк (Finance Think) во Макроекономскиот монитор за септември 2024 година.

Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ (Finance Think), го објави најновиот Макроекономски монитор во кој дава пресек на најважните економски индикатори во изминатиот период. Од направените анализи институтот ги задржа претходните проекции за раст на БДП во 2024 од 2,7 отсто и за раст на цените од 3,8 отсто.

Како што посочуваат од „Фајнанс тинк“ во вториот квартал од 2024, БДП се зголеми за 2,3 отсто на годишна основа, забрзувајќи во однос на претходните квартали.

„Тоа е во линија со очекувањата изразени во претходниот Макроекономски монитор. Сепак, забрзувањето е резултат на забавениот пад на извозот (-2,9 отсто), и повторното интензивирање на падот на увозот (-4,5 отсто), како и на растот на јавната потрошувачка (3,5 отсто). Последното, пак, се поврзува со значајното продлабочување на буџетскиот дефицит од 5,8 проценти за првото полугодие од годината, наспроти првичната годишна проекција од 3,6 проценти.

Во вториот квартал, бруто инвестициите забележуваат благ пад (-1,7 отсто), додека приватната потрошувачка расте со благо забавена динамика (1,3 отсто).

На производната страна, како и претходно, растот на БДП произлегува главно од растот на услугите (3,6 отсто), иако во овој квартал позитивни движења бележат градежништвото (5,1 отсто) и преработувачката индустрија (0,7 отсто), по падовите во претходните квартали“, се вели во Макроекономскиот монитор.

Невработеноста во вториот квартал од 2024 понатамошно се намали на 12,5 проценти.

За првпат по повеќе квартали, пазарот на труд манифестира помала воздржаност од претходно, имајќи предвид дека се креирани близу 4.500 нови работни места, а активноста на населението се задржа како претходно (52,1 проценти).

Сепак, забележливо е дека најголем дел од работните места се создадени во земјоделството и индустријата, додека главните услужни дејности, како трговијата, забележаа намалување на бројот на работни места, и покрај растот на создадената вредност.

Во вториот квартал од 2024, инфлацијата благо забрза на 3,9 отсто (од претходните 3,4 проценти) на годишна основа. Иако овие движења кај цените се во линија со очекувањата за целата 2024 година, преостанатите пренесени ефекти врз цените, потенцијалните варијации кај одредни групи производи, притисокот што доаѓа од стабилниот пазар на труд и растот на платите (13,3 проценти), како и од потезите на фискалната политика, укажуваат на потребата од понатамошна претпазливост, посочуваат од „Фајнанс тинк“.

Благата позитивна динамика на економијата се очекува да продолжи во 2024 година. Изгледите во поглед на инфлацијата остануваат релативно поволни, но зависат од се’ уште присутни критични фактори. „Фајнанс тинк“ ги задржува претходните проекции за раст на БДП во 2024 од 2,7 отсто и за раст на цените од 3,8 отсто.