„Филип Морис“ најави производи без чад на средбата со Бранко Азески, кој ја предводеше делегација на Стопанската комора на Северна Македонија. Работната средба на претседателот Азески со менаџментот на компанијата „Филип Морис – Тутунски комбинат – Прилеп“ (ПМТКП) ДОО Скопје, е продолжување на теренската активност во периодот на постковид, соопштија од Комората.

„Филип Морис“ најави производи без чад

Компанија има стратешка цел за воведување иновативни решенија, вложувајќи во поздрава животна средина, како и во истражување и развој. Шест од најдобрите светски меѓународни 15 брендови, кои опфаќаат повеќе од 180 пазари, се на „Филип Морис“, вклучувајќи го и „Марлборо“. Но, тука не завршува нивната визија за пушачите.

Помалку штетни алтернативи на цигарите


Во компанијата се посветени да направат нешто подраматично – производството на обични цигари да го заменат со производи без чад. Затоа, повеќе од 430 научници, инженери и техничари работат на развој на помалку штетни алтернативи на цигарите, во двата истражувачки капацитети во Швајцарија и во Сингапур.

Тоа е најголемата промена во историјата на оваа компанија, како и на нивните потрошувачи, акционерите и на општеството во целина.

„Во новата стратегија на Комората најзначајно место ќе имаат токму компаниите како вашата, со високи професионални стандарди, кои инвестираат во напредни технологии и кои создаваат производи со додадена вредност, со што ја зголемуваат конкурентноста на македонската економија“, порача претседателот Азески на средбата со менаџментот на компанијата.

Тој посочува: „Соработката со ‘Филип Морис’ постои од самите почетоци, а дејствувањето на нејзините претставници во телата на Комората и како експерти во одредени области е патоказ како треба да се соработува со домашниот бизнис.

- Токму затоа, Комората гради односи со вакви компании, со кои можеме да наметнеме свој став и решенија за одредени прашања кај Владата. И во наредниот период интензивно ќе работи за елиминирање на сивата економија и на корупцијата, за поддршка на извозните компании и за енергетски достапни решенија, со што ќе се намалат трошоците на домашните компании. Се работи и на забрзано воведување нови технологии во администрацијата“, констатира претседателот Азески, е наведено во соопштението.


Компанијата е добар пример за придонес во земјава


Генералниот директор на „Филип Морис – Тутунски комбинат – Прилеп“ ДОО Скопје, Иван Костиќ, информираше за сегашните активности, но и за идните планови на компанијата во делот на помалку штетни алтернативи на цигарите.

„Компанијата е добар пример за придонес во земјава, преку преземањето на ‘Тутунскиот комбинат’ во Прилеп и преку негово издигнување на едно повисоко професионално ниво.

Регионалниот центар на компанијата се префрли од Атина во Скопје и со добар кадар и со големи инвестиции се изгради добар и модерен центар во земјата. ‘ПМИ’ се менува како компанија и во соработката со Комората гледа можност за напредок.

Сивата економија силно ја погодува тутунската индустрија и во таа насока потребни се засилени заеднички активности. Процесот на дигитализација, со кој ќе им се олесни функционирањето на компаниите на македонскиот пазар, мора да се забрза, а пандемијата во изминатиот период засилено го наметна тоа како приоритетно прашање. Преку Комората, како најголема бизнис-асоцијација, да се чуе гласот на бизнисот и само на тој начин да се дојде до заеднички решенија со Владата“, истакна Костиќ.

Компанијата започна со работа во 2014 година како заедничко вложување меѓу „Филип Морис интернационал“ и „Тутунски комбинат“ – Прилеп, при што „ПМИ“ поседува 51  отсто, додека, пак, „ТКП“ држи 49 проценти од акциите на заедничкото вложување. „ПМТКП“ е подружница на „Филип Морис интернационал“ АД („ПМИ“), водечка меѓународна тутунска компанија со разновидна работна сила од околу 73.500 луѓе, кои потекнуваат од секој агол на светот