„А1 Македонија“ е една од водечките компании во телекомуникацискиот сектор со голем број на вработени. За тоа како компанијата го изоде патот на трансформација на процесите за работа во времето на пандемијата и денеска, раководителот на одделот за човечки ресурси, Стефан Јовановски оценува дека ковид-19 бил фасилитатор на сите тие процеси.

„Свесни бевме дека мора да се случи процес на дигитализација на општеството на компаниите, автоматизација на процесите, гасење на одредени места и менување на компетенции. Колку и да бевме неодлучни во тие чекори, во 2019-та лансиравме работа од дома. Имавме менаџери кои не дозволуваа вработените да работат од дома, веројатно плашејќи се повеќе од себе си отколку од проблемот на мониторирање на луѓето. Сепак, ковид-19 покажа дека бизнисот може да функционира. Работата од дома создаде нови навики и нови стравови кои останаа. Сега, плус дојдоа и проблемите со економската состојба, порастот на цените, егзистенцијални проблеми кои ги немавме во минатото и донесе дополнителен терет на функционирањето на компаниите. Сега функционираме во нов свет пред ковидот. Пазарот на труд се промени, опкружувањето се промени, а дел од работодавачите одбиваат да се променат. Тие што одбиваат да се променат ќе бидат губитници“, смета Јовановски.  

Според Јовановски, улогата и работата на тим за човечки ресурси никогаш не била посложена и покомплексна. За компаниите вели дека мора да бидат флексибилни. Бидејќи завршила приказната компаниите да ги бираат вработените и сега се случува спротивното – вработените да ги бираат компаниите.

„Едноставно, се смени и пазарот на труд. Луѓето станаа фриленсери. Се отворија границите, на пазарот се случува дефицит на кадар. Глобалниот и локалниот недостаток на работна сила не принудува да работиме со постоечкиот кадар. И кога има потреба за преквалификација или доквалификација, потребно е да понудите на сопствените вработени пред да одите надвор на пазарот. Затоа се и програмите за обуки и развој, програмата за стратешко развивање на работната сила. Секоја година сте приморани да направите одредени предвидувања на идните компетенции, па да проверите што имате внатре , а што е тоа што го немате. На крај правите план за развој на постоечките луѓе. Имате луѓе кои сакаат развој, учат и читаат но имате и нефлексибилни луѓе кои мислат дека се знаат.

Неговата порака до младите е да бидат отворени за нови знаења и усовршување на постоечките. Вели дека она што младите го стекнуваат во образованието или првото работно место станува застарено или надминато и на нив останува дали се спремни да видат што се случува понатака или да живеат во светот во кој не им треба ништо повеќе.

„Тој филтер или признанието ќе го добиете од пазарниот труд и од работодавачите. Некои од нив можеби веруваат дека производните циклуси не се менуваат, но, за жал конкуренцијата ќе го убеди дека тоа не е така. Тоа што го знаеме денеска може и да не биде веќе релевантно утре или задутре. Јас неодамна регуритирав нови кандидати за човечки ресурси. Барав Data Analyst,  функција што досега не сме ја имале во секторот. Имав проблем колегите во секторот зошто барам таква позиција. Тој што ги поседува дигиталните вештини, јас ќе го научам да работи во човечки ресурси“, вели тој.

Како што наведува Јовановски, идните вештини на секое работно место се флексибилност, отпор кон стрес, емпатија, желба и глад за доживотно учење.

„За мене тоа е иднината на вработените. Оној што е специјалист за нешто и нема намера да провери дали се уште така се работи, таквиот за мене не е добар кадар. Каде ќе следите што е тоа што се случува на пазарот. Отворете ги прозорците и патот до постојан прилив до нови информации во подрачјето каде сакате да работите“, вели Јовановски.

Тој оценува дека од друга страна, е потребно и приближување на образовните институции до реалниот сектор.

„Пракса нема или е сведена на минимум. Дојди потпиши ми, а не дај ми нешто да работам. Неопходна е поинтензивна соработка меѓу образовните институции и компаниите да се приближат едни кон други и на крај кога ќе се појават на пазарот на труд да бидат спремни за тоа што ги очекува. Имам чувство дека денеска, тоа, едноставно, не е така“ е ставот на Јовановски.