Производството на изолациони материјали кои се произведуваат од рециклирани материјали од текстилната и други индустрии е од огромен интерес за градежната индустрија.

Квалитетот на акустиката и звучната изолација во објектите е веројатно една од најзапоставените теми во фазите на проектирање и реализацијата. Објективните мерења и искуства на терен укажуваат дека е потребно поголемо внимание и деталност од страна на проектантите во соработка со експерти од областа на просторната акустика и градежната физика.

Токму на ова поле започнува конкретни истражувања и активности Виктор Мицковски, инженер за акустика, информатичар и уметник со меѓународно искуство во градежната акустика и заштитата од бучава.

Тој е основач и управител на М-акустик, иноватор кој ги разви флексипот и флексикон, првите македонски производи од рециклирани полимери со потврдени акустични перформанси.

И како што самиот раскажува, компанијата е основана  2021 г., со цел да реализира повеќе нешта, но тој функционира преку 15 години. Започнал да се надградува во Италија: „Ме интересираше информатика, музика, оперско пеење, уметност, ме интересираше како функционира природата на звукот, но и како може да се контролира. Да се подобри тој акустичен комфорот во кој ние секојдневно живееме, но не го забележуваме често, бидејќи бучавата велат е тивок убиец којшто не е видлив, но сепак функционира“, раскажува Мицковски.

М-акустик користи oтпад за изолациони градежни материјали

„Компанијата ја формирав со цел да ја подигнеме свеста во Македонија. Што тоа значи? Што значи звучна акустика, што значи изолација, и како таа може да го подобри нашиот комфор во живеењето.

Кога почнав да работам во нашава држава сакав да направам нешто што ќе биде релативно достапно, економично и кое може да се изработи од ресурси кои ги има овде во Македонија, но да не е егзотично ниту скапо. И што имаме ние во изобилство –отпад, текстил, сунгер итн. Сите порозни, влакнести материјали коишто по самата нивна структура го апсорбираат звукот, односно звучните бранови, звучната енергија во топлинска. И така доаѓаме до материјали кои можат да помогнат“, вели нашиот соговорник.

Тој објаснува дека таа идеја ја реализира со Фондот за иновации. Практично  на овој проект работел две години со градежен и машински факултет и негови колеги од Италија. Истражувале и нашле компании во Македонија кои можат да го процесираат тој отпад, кои можат да изработат по нивната рецептура одреден материјал којшто ќе биде употреблив во градежништвото и во други индустрии, како и во машинската.

На пример, во Жито Лукс реализирале изолација на силос на канали за вентилација. Спровеле изолација и на повеќе комерцијални објекти.Изолациониот материјал може да се изработува во разни форми за да може да најде примена во повеќе области.

„Главниот производ што го создадовме е флексипот, што се користи во меѓукатните конструкции во зградите, каде е проблематичен ударниот звук меѓу становите и тоа е нерешен проблем и во многу други реалности.

За жал сè уште немаме оформено доволна свест кај инвеститорите и популацијата, градежната фела дека бучавата и акустичниот комфор на долги патеки може да биде пречка, што особено доаѓа до израз по вселувањето, кога стануваме свесни за проблемот. Ова е нешто на што треба да се поработи. Меѓутоа, во Македонија сè уште немаме правилници, закон. Регулатива, закони имавме по ЈУС, но тие се напуштија и сега нема. Но, се надевам дека ќе може да направиме нешто во таа насока.“, верува Михајловски.

Отпадни материјали има во изобилство- треба правилно да се искористат

На прашањето: Кои отпадни материјали најчесто се користат во изолациските производи? Од каде доаѓаат до нив?, Михајловски вели:

-Отпадни материјали има во изобилство, но најчесто оние кои се користат во акустиката се меки, порозни, влакнести материјали. Најголем процент од нив се отпаден сунѓер, којшто се користи во индустријата за мебел, тој сунѓер го мелеме до одредена гранулација, потоа се додаваат одредени адитиви, врзувачи, одредена количина на измелен текстил и се создаваат блокови на одредена температура од кои потоа се сечат плочи во посакувани димензии и форми во зависност од намената.

- Дали е потребно да се направи изолација од вибрации, дали треба да се апсорбира звукот, во сали, индустриски објекти, може да се користи во градежни подни, кровни и меѓукатни конструкции.

Тој додава и дека сега работат на истражување за користење на други материјали. Имаат проект за имплементација на гумен отпад, односно она што го имаме најмногу како отпад, потоа градежни материјали, како минерална волна.

 – Меѓутоа, главно користиме сунгер, но додаваме и друго. Всушност користиме материјали во зависност од карактеристиките кои сакаме да ги постигнеме,  било да се механички или физички, вели овој истражувач.

 Каква е реакцијата на пазарот?

Но како што самиот вели реално нашиот народ не е спремен за вакво нешто, но треба и легислативата да се промени во таа насока.

-Ние сме интересен пазар, функционираме само ако има притисок, односно ако е тоа строго регулирано. Во спротивно свеста или одговорноста за некои нешта што се во наш домен не секогаш лесно ги прифаќаме.

Генерално во градежниот сектор регулативата е оскудна кога се работи за звучна изолација, акустика, практично не постои (солидните стандарди од Југославија се напуштија и не се донесоа нови) и едноставно не се продуцира кадри кои ќе можат да ја работат таа тематика. Во основа пазарот е секогаш заинтересиран, љубопитен, меѓутоа и конзервативен. Односно нема доверба, научен е да користи веќе етаблирани материјали - де факто не постојат вакви иновативни производи. Но неговата употреба во некој сегмент во градежништвото е одлична/ Производите се тестирани и можеме квантитативно да го покажеме подобрувањето, односно 99 отсто намалување на звукот и енергија со примена на овој материјал во одредена конструкција за разлика од други термички материјали, кои не можат да ја дадат таа придобивка.

Инвеститорите се заинтересирани за материјал којшто е евтин. Ценовната разлика е најважна за инвеститорите. Иако, последниве години започнуваат да ги применуваат и се шири приказната за циркуларната економија, односно за искористување на отпадот.

Во соработка со проектните архитекти, инженери, надлежни власти и изведувачи, М-акустик е во можност да испорачаме резултати кои комбинираат не само акустика и звучна изолација, туку и естетика, ергономија, економска исплатливост и други критични аспекти кои се неопходни за секој проект. Компанијата нуди консултантски и инженерски услуги во архитектонска акустика, звучна изолација и заштита од бучава, контрола и заштита од вибрации, мерење и испитување.