BlackRock, Microsoft и државниот инвеститор MGX од Обединетите Арапски Емирати ќе станат партнери во новиот инфраструктурен фонд за вештачка интелигенција кој има за цел да собере 30 милијарди долари за инвестирање во центри за податоци и поврзана енергетска инфраструктура.
По собирањето приватен капитал од инвеститорите, партнерството би можело да распореди до 100 милијарди долари вкупен капитал откако ќе се вклучи финансирањето на долгот, пишува Волстрит журнал. Најголем дел од инвестициите во инфраструктурата ќе бидат направени во САД.
Системите што ги напојуваат новите производи со вештачка интелигенција се многу енергетски интензивни. Неодамнешното „лудило“ да се градат центри за податоци за да ѝ служат на експлозивната побарувачка за вештачка интелигенција доведува до недостиг на делови, средства и енергија потребни за големите магацини на суперкомпјутери, пишува весникот.
Мајкрософт и другите големи технолошки играчи инвестираат милијарди во сопствените центри за податоци. Новото партнерство - наречено Глобално партнерство за инвестиции во инфраструктурата на вештачката интелигенција - ќе го здружи капиталот од инвеститорите како што се пензиските фондови и осигурителните компании кои бараат стабилен, скромен принос од приватните инфраструктурни инвестиции.
Фондот ќе финансира проекти низ инфраструктурниот екосистем на вештачката интелигенција, вклучително и енергетската инфраструктура. До 2030 година, само центрите за податоци би можеле да ја зголемат побарувачката за електрична енергија во САД за осум проценти, велат истражувачите.
Целта е да се финансираат некои капитално-интензивни инфраструктурни потреби со пари надвор од технолошкиот сектор, смета извршниот директор на BlackRock, Лери Финк.
Од друга страна, Бред Смит, претседател на Мајкрософт, вели дека вештачката интелигенција е главниот двигател на економскиот раст на земјата и дека „сето тоа треба да се изгради за да се зголеми растот“.
Доколку ја постигне својата цел, фондот би бил најголемиот алтернативен инвестициски фонд кој некогаш бил лансиран од BlackRock. Најголемиот менаџер на средства во светот проценува дека се потребни трилиони долари за финансирање на долгорочниот раст на центрите за податоци и енергетските ресурси.