Научниците успеаја да создадат дијамант за само 150 минути иако е добро познато дека за создавање на природните дијаманти потребни се милијарди години, екстремни притисоци и температури длабоко под земја.

Новиот научен метод се базира на мешавина од течни метали, а резултатот од процесот е создавање на вештачки дијамант за неколку минути. Ваквите дијаманти се формираат на температура од 1.025 степени Целзиусови, при вредност на притисок од една атмосфера, што е еквивалентно на притисокот што го чувствуваме на нивото на морето.

Тимот кој стои зад иновативниот пристап, предводен од истражувачи од Институтот за основни науки во Јужна Кореја, е уверен дека процесот може да се забрза за да се направи значителна разлика во производството на синтетички дијаманти.

Претворањето на јаглеродот во течен метал што се користи за производство на дијаманти не е ништо ново. General Electric ги користеше овие процеси пред половина век користејќи стопен железен сулфид.

Синтетичките дијаманти се создаваат со брзи процеси за неколку дена

Тие процеси и понатаму бараат притисоци од пет-шест гигапаскали и дијамантско „семе“ за кое би можело да се залепи јаглеродот.

„Откривме метод за создавање дијаманти при притисок од една атмосфера и на умерена температура користејќи легура на течен метал“, велат истражувачите во студијата.

Намалувањето на притисокот е постигнато со користење на внимателно избрана мешавина од течни метали: галиум, железо, никел и силициум. Внатре во графитната обвивка бил изграден вакуумски систем што многу брзо го загревал, а потоа го ладел металот додека бил изложен на комбинација од метан и водород.

Овие услови овозможуваат атомите на јаглеродот од метанот да се шират во стопениот метал, делувајќи како семе за дијаманти. По само 15 минути, мали фрагменти од дијамантски кристали се екструдираа од течниот метал под самата површина, додека два и пол часа експозиција произведува непрекиден дијамантски филм.

Иако концентрацијата на јаглеродот што ги формира кристалите се намали на длабочина од само неколку стотици нанометри, истражувачите очекуваат дека процесот може да се подобри со неколку корекции.

За прилагодување и постојани корекции ќе биде потребно време, а додека истражувањето на овој процес е сè уште во рана фаза, научниците веруваат дека ова е метод со голем потенцијал. Процесот кој моментално се користи за создавање на повеќето синтетички дијаманти трае неколку дена и бара многу повисоки притисоци. Доколку се оптимизира, оваа нова техника би можела значително да го забрза и олесни производството на синтетички дијаманти.

Истражувањето именувано Growth of diamond in liquid metal at 1 atm pressure е објавено во списанието Натура.