На српскиот форум за управување со Интернет - IGF Србија што вчера се одржа во Белград повторно во фокус се најдоа теми кои се под лупа на меѓународната интернет заедница и Форумот за управување со Интернет на Обединетите нации- процеси и политики кои имаат влијание не само на начинот на кој ги користиме технологиите овозможени на Интернет, туку и околностите во кои живееме во дигиталната ера.

Како да се одржи и подобри координацијата и управувањето и каква е иднината на Интернетот воопшто, имајќи ги предвид глобалните и локалните предизвици што ги носи сложената геополитичка ситуација, беше една од клучните теми на Форумот.

Се разговараше за дигиталните права и предизвиците што ги носи прашањето за дигитален надзор, дигиталниот отпечаток што сите го оставаме користејќи ги дигиталните технологии, кои се нашите права во дигиталната средина, како најчесто се прекршуваат, како да ги заштитиме или да ги реализираме.

Вториот дел од програмата беше посветен на сесии со фокус на вештачката интелигенција и деловните околности во ИТ индустријата. За време на панелот „Вештачката интелигенција меѓу правата и слободите на технологијата“ беше разгледано технолошкото ниво на развој на алгоритми, како и ставот на меѓународните организации и наднационалните институции за предизвиците што ги создава развојот на вештачката интелигенција, како и за предизвиците што ја очекуваат правната наука во иднина.

ИТ бизнисот во време на криза и брз развој на технологиите беше уште неминовна тема на која соговорници од српските ИТ компании и организации поврзани со ИТ пазарот се обидоа да укажат и на предизвиците и на можностите што ги носат континуираните промени во пазарните услови и технологии.  

Како панелисти се појавија претставници на меѓународни организации, владини институции, невладиниот сектор, водечки ИТ компании, универзитети... 

Во рамки на Форумот, како дел од паралелната програма, во просторот „Коска“ се одржа работилница за новинари за сајбер безбедност.

Работилницата ја водеше Јован Милосављевиќ од Националниот ЦЕРТ (РАТЕЛ). Тој посочи неколку од најчестите типови на сајбер напади, објасни како да ги препознаете, какви мерки на претпазливост да преземете и како да се одбраните од нив со практични совети како поединците и редакциите можат да бидат побезбедни. Дијана Милутиновиќ од Фондацијата RNIDS зборуваше за нападите врз DNS, начините за нивно спречување, но и важноста на интегритетот на интернет доменот за интегритетот на известувањето.

За време на работилницата се разговараше за начинот на известување за сајбер напади, важноста на улогата на медиумите во подигање на јавната свест за сајбер заканите и едукација на интернет корисниците. Сето тоа проследено со практична вежба, симулација на ситуација во која е неопходно да се искористи знаењето стекнато во текот на работилницата.

Домаќин на Српскиот форум за управување со Интернет беше Фондацијата „Регистар на националниот интернет домен на Србија“ (РНИДС). Коорганизатори на форумот се Министерството за информации и телекомуникации, Фондацијата Дипло, Интернет општеството на Србија, огранок во Белград и компанијата Гранси, со поддршка на USAID/Internews, RIPE NCC и ICANN, како и Канцеларијата на Комесарот за заштита на еднаквоста.