Македонскиот проект, паметен медицински кревет, има за цел да им помогне на лицата со инвалидитет и невролошки заболувања кои не се подвижни. За краток временски период, компанијата „Елисиум центар“ успеа да дојде до прототипот на медицинскиот кревет. Следна фаза е усовршување на софтверот. Првиот човек на компанијата, Димитар Шошев за „Анторис“ вели дека очекува производството да почне кон крајот на 2021 година. 

Димитар Шошев, CEO во „Елисиум Центар“

 

Кон крајот на минатата година потпишавте договор со ФИТР за развивање на паметен медицински кревет. По неколку месеци работа, до која фаза сте стигнати? Успеавте ли да развиете прототип?

Да, како што кажавте ,ние кон крајот на минатата година го потпишавме договорот со ФИТР за развивање на нашиот паметен медицински кревет "ИЛИН". Тој е иновација не само на нашиот пазар, туку и на светскиот пазар. Ние како компанија работиме посветено на развивање на нашиот проект и сме во завршна фаза на развивање на истиот. Односно, имаме прототип и сега работиме на усовршување на софтверот преку кој ќе се контролира креветот со помош на eye-tracking control.

Прототип на паметниот медицински кревет

Односно, нашиот софтвер го надградуваме со уште неколку функции. Покрај командите кои се за самиот кревет, корисникот преку софтверот ќе може да го контролира и други уреди. Како клима уредот, телевизорот и преку самиот таблет во склоп на креветот да користи интернет услуги.

За која целна група е наменет паметниот кревет и можете ли да ни го објасните начинот на кој е замислен да функционира?

Нашиот паметен кревет е наменет пред се’ за пациенти од невролошките заболувања како што се: MND,ALS,MS, изливи. Но, и за комплетно инвадилизираните лица. Нашиот паметен медицински кревет, комплетно ќе го олеснува животот на корисникот. Но, и на луѓето кои се грижат за истиот односно и за медицинскиот персонал кога ќе биде користен во медицинските установи.

Прототип на паметниот медицински кревет

Кога се очекувањата да се добие првиот паметен медицински кревет?

Ние имаме изработено прототип кој во моментов е на користење односно тестирање кај лице кое има има потреба од истиот. Засега добиваме позитивен повратен одговор. Што се однесува за производството, очекуваме да го започнеме кон крајот на оваа година.

Прототип на паметниот медицински кревет

Какви се проекциите во однос на производството? Дали главниот фокус и приоритет сепак ќе се даде на македонскиот пазар? 

Како што претходно наведов, сериското производство очекуваме да го започнеме кон крајот на оваа година. Што се однесува на приоритетот на пазарот ние ќе почнеме со домашниот и регионалниот пазар на почетокот на наредната година , а со проекции дека кон средина на истата ке почнеме да го освојуваме и европскиот пазар со сигурност кон крајот на 2023 нашиот производ односно паметниот медицински кревет "ИЛИН" ќе биде присутен на неколку континенти и ќе биде амбасадор на нашата земја што се однесува за производство на медицинските помагала.