Електричните возила на батерии учествуваа со 16,4% од сите новорегистрирани автомобили во Европската унија во периодот јануари–октомври 2025 година, покажуваат податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA). Ова претставува пораст во однос на 13,2% во истиот период минатата година.
Вкупно 1.473.447 електрични автомобили биле регистрирани во ЕУ27, што е над 301.000 повеќе отколку во 2024 година. Германија останува водечки пазар со повеќе од 434.600 нови регистрации и годишен раст од 39,4%.
Меѓу најголемите економии, Шпанија го забележа најсилниот скок – 89,7% или 81.100 нови електрични возила. Италија порасна за 26,5%, а Франција за 5,3%.
.jpg)
Најголем процентуален раст во целата ЕУ оствари Полска, со зголемување од 124,6% и 30.641 ново електрично возило, иако тие сè уште покриваат само 6,4% од вкупниот пазар. Силни растови има и во Словенија (+99,3%), Словачка (+77,5%), Литванија (+62,7%) и Бугарија (+58,1%). Сепак, регистрирани се падови во Хрватска, Луксембург, Малта, Романија и Естонија.
Пазарот на нови автомобили во ЕУ (без разлика на типот на гориво) пораснал за 1,4% во првите десет месеци од 2025 година, што е четврти месец по ред на раст. Хибридните возила остануваат најпопуларни со 34,6% удел, додека бензинските и дизел моделите паднаа на 36,6% од 46,3% една година претходно.
Кај производителите, „Фолксваген“ бележи раст на продажбата од 5,1%, „БМВ“ 6,3%, „Мерцедес“ 2%, а „Рено“ 7%. Намалувања има кај „Стелантис“ (-6%), „Тојота“ (-5,7%) и „Хјундаи“ (-4%). Продажбата на „Тесла“ опадна за речиси 40%, додека кинескиот „БЈД“ оствари речиси 240% раст од почетокот на годината.
Светскиот пазар на електрични автомобили во септември 2025 година постигна историски резултат во продажба. Според анализите на Benchmark и RhoMotion, во еден месец се продадени над 2,1 милиони електрични возила, што претставува нов апсолутен рекорд. Овој резултат не е изолиран случај – целата 2025 година досега се одвива во знакот на континуиран раст. Продадени се повеќе од 14,7 милиони електрични возила во првите девет месеци.
Овој податок е јасен показател дека електричната мобилност веќе не е иднина, туку сегашност. Производителите ширум светот се натпреваруваат со понуда на нови модели, поефикасни батерии и подобрена инфраструктура. Од друга страна, евидентно е дека купувачите во сè поголем број ги заменуваат класичните мотори со електрични.
Главните двигатели на растот на електричните возила се земјите со напредна инфраструктура. Таму, комбинацијата од политики за поттикнување на купување, проширување на мрежите за полнење и поволни камати за „зелени“ кредити овозможува стабилен развој без ослонување на краткорочни субвенции. Овие мерки создаваат долгорочни услови за зголемена употреба на електрични автомобили.
Во глобални рамки, Кина и понатаму останува убедлив лидер во глобалната продажба на електрични автомобили. Таму се реализирани околу девет милиони продажби од почетокот на годината. Тоа претставува раст од речиси една четвртина во споредба со истиот период лани. Доминантната позиција на кинеските брендови, како BYD, Geely и SAIC, не се должи само на ценовната достапност. Клучни фактори се и брзиот развој на технологијата и домашното производство на батерии.
Кинескиот пазар веќе функционира како „тест-полигон“ за светската индустрија, каде што прво се пласираат новите модели, па потоа се извезуваат во Европа, Латинска Америка и Африка.