Германскиот софтверски гигант SAP ја освои титулата највредна јавно тргувана компанија во Европа, надминувајќи ја данската фармацевтска фирма Ново Нордиск. Пазарната вредност на SAP на берзата во Франкфурт во понеделникот скокна на 314 милијарди евра, додека на Ново Нордиск е на 310 милијарди.

 

Компанијата, со седиште во Валдорф, југозападна Германија, има корист од технологијата на облак и експлозијата на вештачката интелигенција. Германскиот софтверски гигант минатата година објави реорганизација на бизнисот со вештачка интелигенција (ВИ) во кој ќе бидат вклучени околу 8.000 вработени.

„Со нашата планирана програма за трансформација, ние сè повеќе ги пренасочуваме инвестициите во области за стратешки раст, првенствено вештачка интелигенција“, рече тогаш извршниот директор на SAP, Кристијан Клајн, додавајќи: „Ова ќе ни овозможи да продолжиме да развиваме пионерски иновации додека ја подобруваме ефикасноста на нашите деловни процеси“.

Практично акциите на „SAP“, кои уживаа во растечкиот оптимизам на инвеститорите за софтверот базиран на облак, пораснаа за 1,6 отсто во понеделникот, вреднувајќи ја германската компанија на околу 314 милијарди евра. Ова го става пред „Novo Nordisk“ по вредност, чии акции паднаа за 16 проценти оваа година бидејќи испитувањата на следната генерација на лекот за слабеење на компанијата, „CagriSema“, беа разочарувачки.

Цената на акцијата на „SAP“ порасна за 42 отсто во изминатата година, поттикната од забрзаното преминување на клиентите од традиционалните физички сервери на облак ИТ инфраструктурата. Овој процес и овозможи на компанијата да продава попрофитабилни производи во комбинација со карактеристики на вештачка интелигенција, поттикнувајќи раст на приходите.

Просечната проценка на аналитичарите е дека продажбата на „SAP“ ќе се зголеми за 12 отсто оваа година. Доколку ова се постигне, компанијата ќе ја забележи најбрзата годишна стапка на раст во последната деценија. Оперативната добивка се очекува дополнително да се зголеми по објавувањето во јануари 2024-та година на програмата за реструктуирање.

Инаку на глобалниот пазар на капитал доминираат американски компании. Консултантската компанија EY наведува дека само три германски компании се во првите 100 во светот: SAP, Siemens и Deutsche Telecom. Меѓу првите 100 има 62 американски компании.