Германската компанија „Гересхајмер“ денеска ја претстави изградбата на својата втора фабрика во технолошко-индустриската развојна зона Скопје 2 за производи од медицинско стакло и шприцеви за вакцини и во која ќе се вработат 180 лица и каде што просечната плата ќе изнесува над 1.000 евра. Станува збор за инвестицијата од над 126 милиони евра што претставува рекорден износ на инвестиција од основањето на тирзовите во државата, а со досегашните вложувања на компанијата, вкупниот износ на инвестициите достигнува над 180 милиони евра што ја прави најголема поединечна гринфилд инвестиција на некоја компанија во земјава од нејзиното осамостојување.

 

„Гересхајмер“ најголем закупец и поединечен инвеститор во ТИРЗ 

-Пред околу четири години компанијата направи смел чекор инвестирајќи во фабрика за медицинска пластика во Технолошко индустриски развојната зона Скопје 2.

„Нашата држава беше избрана како дестинација на овој германски концерн кој веќе ги постави темелите на својата втора фабрика во ЈИ Европа во оваа технолошка зона, во време кога целиот свет се соочуваше со една од најголемите кризи, онаа со короната, што остави последици со кои се соочуваме и денес. Од оваа временска дистанца заедно со нашите германски партнери го делиме мислењето дека инвестицијата на ‘Гересхајмер’ била и е вистинска одлука во вистинско време“, рече Ковачевски.

 Тој додаде дека „Гересхајмер“ остана најголемиот закупец и најголемиот поединечен инвеститор во технолошко индустриските развојни зони во Северна Македонија и највисок инвеститор во ТИРЗ зоните по висина на инвестициите.

Во ТИРЗ Скопје 2 се реализира првиот проект за производство на технолошки продукти за фармацевтската индустрија на „Гересхајмер“ и во првата фаза минатата година ја проширија инвестицијата од првичните 35 милиони евра на 65 милиони евра. Во овој капацитет веќе се вработени 100 лица кои земаат плати далеку над просечните.

„Сега со изградбата на втората фабрика за специјализирани производи од медицинско стакло и шприцови за вакцини висината на инвестицијата ќе достигне над 126 милиони евра што претставува рекорден износ на инвестиција од основањето на тирзовите во државата. Ова значи вработување на дополнителни 180 вработени од нашата држава. Со ова ‘Гересхајмер’ реализира инвестиција од вкупно над 180 милиони евра“, рече Ковачевски.

И додаде: „Нашата цел е граѓаните да останат да работат тука во земјава во современи услови и да имаат подобар животен стандард“, рече Ковачевски.

Луѓе произведуваат за луѓе

Потпретседателот на „Гересхајмер“, Оливер Бургел обраќајки се пред присутните рече дека компанијата има свои капацитети во Европа, Северна и Јужна Америка, Азија во кои вкупно работат околу 10 илјади лица, како и дека остварува приходи од 1,8 милијарди евра годишно.

„Неколку пати ме прашаа како во вака несигурно време ‘Гересхајмер’ одлучува да инвестира и да се шири. Едноставно. Мислиме дека е вистинското место и вистинското време да го направиме она што го правиме и она што го гледаме тука докажува дека сме во право“, рече Бургел.

Тој нагласи дека компанијата е глобален играч и дека им е мило што Северна Македонија е еден од најголемите проспекти кој што се во нивниот опсег.

Бургел неколку пати го нагласи нивното мото дека „луѓе произведуваат за луѓе“ која е важната порака која што сака да ја пренесе.

„Сите производи овде се важни за некој кој што има некој здравствен проблем“, рече тој.

Бургел исто така нагласи дека доколку се погледне во големина и во проценти, проширувањето што го прави компанијата во земјава, ако се види колкава е државата во проценти, може да се види дека станува збор за едно од најголемите проширувања што ги имаат и една од најголемите инвестиции направени во толку краток временски период и во толкава димензија.

Тој додаде дека поради ковид кризата инвестицијата била за кратко одложена, но дека според планот до крајот на 2023 ќе биде завршена 50 проценти, а во 2024 година ќе биде целосно реализирана.

„Многу сме горди што сме ние корпорацијата која што ќе ја донесе најголемата инвестиција“, рече Бургел, посочувајќи го важниот факт дека сите може да направат проширување, сите може да трошат пари ако имаат, но дека разликата се луѓето, вработените, квалификуваните вработени кои што ги имаат најдено во Северна Македонија.

„Тоа е причината зошто соработуваме со универзитетот во Скопје, затоа што тоа ја прави разликата“, рече Бургел, додавајќи дека имало многу околности кои придонеле за да инвестираат тука потенцирајќи ја соработката со ТИРЗ. Тој посочи дека најголем дел од позициите во новиот капацитет се високо квалификувани вработени со просечна плата од 1.000 евра и кои што ќе управуваат со високо софистицирани машини.

„Ако го погледнете плацот тука, може да ги триплираме капацитетите, а ако го видите нашиот раст, растеме со повеќе од 10 отсто секоја година Тоа се големи можности за нас како корпорација, но исто така и голема можност да работиме заедно со Северна Македонија“ рече Бургел.

 Просечна плата од илјада евра

Првиот човек на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски, рече дека иако како држава сме мали на мапата, сепак, покажавме дека може да дадеме сериозен придонес во тие предизвици.

„Она што не прави различни и успешни и потврдува дека луѓето работат за луѓето е што имаме инвестиција во дејност која што е сосема различна од тоа што го наследивме. Дејноста е фармација, дејност на 21 век, и по технологијата на производите со кои што компанијата работи и со кои што ќе работи во наредниот период“, рече Деспотовски.

Тој нагласи дека следниот предизвик ќе биде како ова што го гледаме, да се дуплираме или да го направиме три пати поголемо. Тој е убеден дека до крајот на годината или на почетокот на следната ќе зборуваме за двојно поголема инвестиција која што ќе треба да  се случи во наредните две или три години.

„Она што е исто така важно е просечна плата од илјада евра, всушност е 1.100 евра, и тоа се случува кога луѓето работат за луѓето. Тоа веќе се случува. Ако минатата година успеавме да го зголемиме бројот на вработени во компаниите во ТИРЗ за повеќе од 2.500 или речиси за 20 отсто, паралелно со тоа платите се зголемија за минимум 20 отсто. Тоа се реални ефекти“, рече Деспотовски.

Пред присутните се обрати и заменик-амбасадорот на Германија, Ото Граф, кој рече дека за двете држави производството е важен дел од животот и затоа смета дека е сосема природен избор германска компанија да дојде во Северна Македонија.

Минатата година странските директни инвестиции во земјава достигнаа 430 милиони евра, најмногу до сега, а компаниите кои што работат во ТИРЗ остварија рекорден извоз од 3,7 милијарди евра. Во нив се вработени вкупно 16.400 лица.