Германските компании незадоволни од корупцијата и криминалот во Македонија, покажува анкетата за деловната клима во земјата која традиционално ја спроведува Македонско-германското стопанско здружение од март до април годинава кај 30 свои членки.

Триесет проценти од странските инвеститори или скоро една третина од германските компании би ја напуштиле државата и би го префрлиле својот бизнис од Македонија во друга држава.

Криминалот и корупцијата, неефикасната јавна администрација и нефункционалниот едношалтерски систем се најголемите пречки за работа во земјава.

Ова се дел од заклучоците на новата анкета спроведена од македонско=германското стопанско здружение за деловната клима во земјава - анкетата покажала и дека инвеститорите имаат проблем со правната несигурнос, политичката нестабилност и инфраструктурата.

Анкетата за деловната клима се спроведува по 17 пат во земјава, а паралелно се прави и во 13 други држави во Југоисточна Европа.

– Од испитаниците, 70 отсто се задоволни од состојбите во сопствената компанија и повторно би инвестирале во земјата. Оваа година тоа го видовме кај повеќе компании, тие го проширија своето производство и го зголемија бројот на вработени, што претставува одличен показател, а и трговската размена бележи рекордна година и за шест години е двојно зголемена, рече Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Македонија и раководен член на Управниот одбор на Македонско-германското стопанско здружение, кој ги презентираше резултатите.

Тој потенцира дека во нивното истражување на прашањата поврзани со оценката на локалните улови, испитаниците одговориле дека се задоволни од трошоците за придонеси, продуктивноста и подготвеноста за работа на персоналот.

– Испитаните компании со најслаба оценка ја оценија борбата против корупција и криминалот. Но, сметаа дека треба да има подобрување и во правната сигурност, политичка стабилност, инфраструктурата, како и поголема транспарентност при јавните набавки. Даночниот систем, даночните оповарувања и наплатата на побарувањата се оценети како мошне подобри во споредба со изминатите години, рече Мартенс.

Највисока оцена за продуктивноста на стручниот кадар

Тој нагласи дека компаниите се најзадоволни од своите вработени и со највисока оценка ја оценуваат продуктивноста на стручниот кадар и мотивацијата на вработените.

– Војната која се води во Украина остава последици и врз стопанството. Во однос на очекувањата за деловната состојба во своите компании, дури 96,4 отсто одговориле дека се соочуваат со зголемени трошоци за енергија и репро материјали. Дури 64,3 отсто од компаниите очекуваат прекин во глобалниот синџир на снабдување, а 46,4 отсто веќе се соочуваат со недостиг на материјали кои им се потребни за производство. Можен прекин на производството очекуваат 28,6 отсто и исто толку испитаници очекуваат пад во нарачките. До нарушување на трговската размена очекуваат да дојде 25 отсто, а само 14,7 отсто очекуваат дека војната ќе предизвика губење на деловни партнери. Само 13,8 отсто очекуваат до крајот на 2022 година да дојде до нормализирање на меѓународниот синџир на снабдување, а 55,2 отсто очекуваат тоа да се случи дури во 2023 година, прецизира Мартенс.

Во 2021 година, како што рече, стопанството се уште ги чувствуваше последиците кои ги предизвика пандемијата на Ковид-19, но и покрај оваа состојба трговската размена помеѓу двете земји забележаа рекордна година.

– Во 2021 година од Македонија во Германија се извезени добра во вредност од 3,474 милијарди евра, увозот од Германија беше 1,244 милијарди евра, додека вкупната трговска размена изнесуваше 4,719 милијарди евра и е зголемена во споредба со 2020 година за 907 милиони евра, истакна Мартенс.

За германскиот заменик амбасадор Ото Граф, двете земји имаат многу сличен менталитет и се разбираат и токму тоа е причината за одличната економска соработка.

– Имаме и одлични односи со Владата и ни излегува во пресрет на сите барања, но сепак е потребно да има поефикасна администрација и подобро справување со корупцијата. Неопходно е и целосно усогласување на царинските стапки со европските за привлекување повеќе инвеститори, рече Граф.

Во Македонија има околу 200 компании со германски капитал кои вработуваат околу 20.000 лица.