Забавата „Гет ЕГЗИТед“ (Get EXITed) во септември пристигнува во Струмица! Големиот еднодневен настан, во организација на тимот на фестивалот „Егзит“ и во соработка со градот Струмица, ќе биде одржан во среда, 7. септември, со настапи на познати интернационални и регионални музички ѕвезди. Целата листа на изведувачи и местото на одржување ќе бидат објавени наскоро, како и почетокот на продажбата на првиот контингент влезници.

Единствениот концепт на музичкиот настан „Гет ЕГЗИТед“ беше претставен на неодамнешната прес-конференција во Струмица, на која пред многубројните претставници на медиумите се обратија градоначалникот на Струмица, Коста Костадинов, и претставници на „Егзит“.

– Ветуваме многу дружење, добра музика и убави изненадувања. Ги повикувам сите народи на Балканот да дојдат во Струмица, заедно да започнеме едно убаво и големо поглавје на нашиот отворен Балкан – изјави градоначалникот на Струмица, Костадинов.

А од тимот на „Егзит“ порачаа дека од самото основање, пред две децении, постои силна врска помеѓу Македонија и светски познатиот фестивал.

– Дојде време да ја возвратиме посетата. Добрите односи меѓу нашите земји се нераскинливи, токму поради историјата и заедничката култура, многу ни е драго што во семејството на настаните на „Егзит“ конечно ни се придружува и Македонија, а почетокот на оваа соработка е токму големиот музички настан „Гет ЕГЗИТед“, кој ќе се случи во септември во Струмица. Една од основните визии на овој проект е вовед во креирањето на новиот македонски фестивал следната година, кој ќе стане нова важна туристичка атракција на Балканот. Но во овој момент фокусот ни е на големата претстојната журка. Многу сме возбудени што конечно ќе се собереме со нашата македонска екипа – порачаа од „Егзит“.

„Гет ЕГЗИТед“ како концепт на еднодневен музички настан ќе направи одличен вовед во првото издание на големиот македонски фестивал што е планиран за следната година. „Егзит“ е најголемата организација на музичката индустрија во Југоисточна Европа, која има свои девет фестивали во седум држави. Покрај матичниот фестивал, кој повеќе од 20 години традиционално се одржува во Нови Сад, „Егзит“ досега има организирано голем број фестивали и големи концерти, како што се фестивалот „Но слип“ во Белград, „Си денс“ и „Ада Дивајн авејкенинг“ во Црна Гора, „Револушн“ во Романија, „Си стар“ во Хрватска, „Еховејвс“ во Грузија, „Фестивал 84“ во Босна и Херцеговина, „Санленд“ на плажата Перла во Бугарија, концертите на Роби Вилијамс и Мадона во Белград, „Ред хот чили пеперс“ во Инѓија и многу други.

Мисијата на „Егзит“ од самото настанување е поврзување на регионот и промоција на мирот, како и брендирање дестинации и изградба на нивниот препознатлив имиџ.