„Ги нема жените, го нема напредокот!“ е насловена Руралната мартовска акција која Рурална коалиција ја спроведува во општините во пет различни плански региони Југозападен, Југоисточен, Полошки, Пелагониски и Североисточен.

Тезата е јасна, жените од руралните средини имаат клучна улога во производството на храна, но и во креирањето на одржлив развој во локалната заедница.

„Ги нема жените, го нема напредокот!“

Рурална коалиција секоја година месец март го одбележува како месец на родова еднаквост со фокус на жените од руралната средина. Во таа насока е овогодинешната Руралната мартовска акција која пак е во согласност и со главната порака која оваа година ја испраќаат и Обединетите Нации: „Жените од руралните средини произведуваат здрава и безбедна храна за СИТЕ нас!“ Порака со која го одбележаа и Меѓународниот ден на руралната жена. Но, како сега стојат работите, здравствената криза во голема мера ги погоди земјоделците. Така што 84 проценти од жените во руралните средини за време на Ковид пандемијата имаат намалување на нивните приходи поради ненавремено продадени земјоделски производи.

Eкономско јакнење на руралната жена


Според анализите на Рурална коалиција, дури 56 проценти од жените во руралните средини немаат информација за можностите за финансиска поддршка кои што им се нудат, иако работат и по 11 часа на ден. Работа која што никаде не е евидентирана и платена!

Една од основните пречки поради која што не бараат работа, или, пак, не основаат сопствен бизнис е тоа што нема кој да им ги чува децата, ама и фактот дека имотот се уште припаѓа на сопругот и го наследуваат машките членови во семејството.

Жената ја нема ниту во донесувањето одлуки во месните заедници каде што од 270 месни заедници од 17 општини, жената како претседателка може да ја сретнете само во три. Советите на општините се се уште доминантно машки тела, додека влијанието и учеството на жената во политичкиот и јавниот живот е сведено на минимум. За тоа  говори и фактот дека од 350 жени од руралните средини само три проценти или десетина жени биле во општината да поднесат иницијатива, или, пак, учествувале на јавна седница на Советот на општината. Ваквата состојба најреално е претставена и со податокот дека од 80 општини и град Скопје, во земјава има само две жени градоначалнички.

„Иако сме во период на изготвување на нови стратешки документи и закон за родова еднаквост жените од руралните средини се споменати само начелно и тоа најчесто како земјоделки. А, факт е  дека сите жени во руралните средини не се занимаваат само со земјоделство. Кога сме кај законската регулатива тука би ја споменале и законската пречка во законот за здравствено осигурување кој што не им ја дава можноста на жените од руралните средини регистрирани согласно законот за пензиско и инвалдиско осигурување да користат породилно боледување или боледување при повреда на работа односно на нива,“ вели Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција.

Во рамки на Руралната мартовска акција, Здружението организира информативни сесии за економско јакнење на руралната жена,  ама и за механизмите за вклучување во процесите на донесување на одлуки во локалната заедница.

Денес тие го поддржаа и осмомартовскиот генерален марш во Скопје како членки на Платформата за родова еднаквост под мотото „Сиромаштијата има женско лице“.

Утре ќе учествуваат на дебатата за можностите за развој на социјалното претприемништво преку Наша тезга во Центарот за социјални претпријатија во Скопје со жените пратенички во Собранието на РСМ. Потоа, акцијата до крајот на месец март ја пренесуваат на социјалните медиуми преку објава на колумни, текстови, инфографици кои што говорат за различните улоги на жената во руралната средина, а при тоа не заборавајќи ја онаа главната – носителка на промените и одржливиот рурален развој.

Заедно до успех


Независно од Рурална коалиција и Националната федерација на фармери бара и предлага остварување на правото за користење на платено родителско отсуство и боледување за регистрираните земјоделки. Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на вчерашната презентација на Анализата за изнаоѓање на правен механизам – „Заедно до успех“, подготвена од Националната федерација на фармери на Македонија, посочи дека процесот во унапредувањата на правата на жените земјоделки ќе биде транспарентен со вклученост на сите засегнати страни.

„До сега направивме многу активности во насока на унапредување на положбата на жените од руралните средини, меѓутоа тука нема да застанеме. Ќе продолжиме да креираме нови политики кои ќе значат дополнително подобрување на статутот на жените од руралните средини. Во новите законски решенија за родовата еднаквост и за работните односи, се вметнати најдобрите европски практики, и очекуваме да дадат нова димензија во концептот на еднаквост. Тие се подготвува во соработка со сите засегнати страни, бидејќи напредок може да има само со вистински партнерски однос. Заедно треба да работиме и на промена на традицијата и менталитетот, земјоделскиот имот подеднакво да се дели и на момчињата и на двојчињата во семејството,“ нагласи министерката Тренчевска.

На презентацијата на Анализата, министерот за земјоделие Љупчо Николовски, посочи дека руралната жена треба да биде силна и успешна и најави  дека на денешната владина седница ќе биде донесена Програма за рурален развој.

Претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска, смета дека со остварување на породилно отсуство и боледување ќе се овозможи земјоделките и земјоделците да бидат еднакви како и сите други граѓани бидејќи ќе се надмине обесправеноста и дискриминацијата.

М.Б