Во т.н „гиг економија“, односно економија на хонорарни работи, глобално работат од 4,4 до 12 проценти од работоспособното население . Тоа е меѓу 154 до дури 435 милиони луѓе, според проценките на Светска банка објавени во публикацијата „Работа без граници: предности и опасности од дигиталната гиг работа,“ сеопфатен извештај кој дава јасен преглед на пазарот на трудот создаден од развојот на технологија.
И додека проценката за точниот број на луѓе кои заработуваат преку дигиталните платформи е тешко да се направи, бидејќи нема веродостојни податоци, она што е сигурно е дека станува збор за растечка економија во која е вклучена се повеќе работна сила.
Побарувачката за т.н платформски работници, односно оние кои работат преку дигитални платформи (кои не се само доставувачи и возачи, туку и фриленсери од различни профили) од 2016 година до првиот квартал на 2023 година, се зголемиле за цели 41 отсто. Исто така, овој вид на работа има бројни предности, но и недостатоци.
Благодарение на појавата на дигитални платформи, многу вработени, кои се ниско платени можат да го подобрат својот буџет, надвор од редовното работно време, работејќи хонорарно за една од глобалните или локалните платформи.
Исто така, платформската работа овозможува флексибилност и вклучување на пазарот на труд на чувствителни социјални групи како што се жени, млади луѓе, мигранти и лица со попреченост. Покрај тоа, работата преку дигитални платформи им овозможува на нискоквалификуваните работници да стекнат клучни дигитални вештини.
Како стојат работите во Европската Унија
Податоците од 16 европски земји и Норвешка покажуваат дека во последната година три проценти од населението работеле барем еден час преку дигитални платформи.
Меѓутоа, новите форми на работа создадени со појавата на дигиталните платформи носат и бројни предизвици. Тоа се работни места во кои работниците често немаат заштита - во огромно мнозинство земји за нив не важат законите за работни односи, а често не се ниту социјално ниту пензиски осигурани. Последователно, работодавачот, односно алгоритмот, може на пример, утре да им ја откаже соработката.
Не треба да не изненадува фактот што, според податоците од публикацијата на Светска банка, платформската работа е многу пораспространета во земјите во развој отколку во развиените земји. Исто така, проценките велат дека „гиг работите“ се главниот извор на приход за 132,5 милиони луѓе. Останатите 302,5 милиони луѓе повремено вршат такви работи.
На светско ниво, има 545 дигитални работни платформи со седиште во 63 земји, со 186 клиенти во нив: Дури третина од вкупниот број на платформи може да се сметаат за локални, покажува публикацијата на Светската банка. Исто така, земјите со низок и среден доход учествуваат со 40 отсто од прометот на дигиталните платформи, а во тоа предничат Индија и Украина од земјите со низок приход и Русија и Бразил од земјите со среден приход.
Платформски работници
Но, кои се т.н платформски работници, односно оние кои работат преку платформи? Публикацијата на Светска банка дава одредена слика.
Глобалните податоци покажуваат дека најголемиот број работници на платформа, 54 отсто од нив, работат помалку од десет часа неделно. Повеќе од 20 часа неделно работат 29 отсто, а 18 отсто работат меѓу 10 и 20 часа неделно. Работењето преку дигитални платформи најчесто го вршат млади луѓе (повеќе од 40 отсто од нив се на возраст од 15 до 24 години), и повеќето мажи.
Главните мотиви за работен ангажман преку платформи се флексибилноста (23 проценти) и дополнителната заработка (17 проценти). Само 13 отсто од нив би се вклучиле во оваа нова форма на работа за да бидат „свој газда“. Оние на кои работните места на платформата им се споредна работа, што значи дека поминуваат помеѓу 10 и 19 часа неделно на нив, заработуваат од 25 до 50 проценти од нивниот приход.
Од друга страна, дури 60 отсто од компаниите, посегнуваат по ‘гиг работници’ најчесто кога им требаат посебни вештини кои во тој момент ги немаат во рамките на компанијата и затоа што тоа е пофлексибилна опција за нив, особено во однос на трошоците, во споредба со вработените со полно работно време (40 проценти).
Профилот на таквите работници на европско ниво делумно го дава Еуростат преку експериментална статистика. Податоците од истражувањето спроведено во 16 европски земји и Норвешка покажуваат дека во минатата година три отсто од населението на возраст од 15 до 64 години работеле најмалку еден час користејќи дигитални платформи.
Најголем број луѓе во Европа кои одлучуваат да работат онлајн се со високо образование (4,3 отсто), а најмалку се оние со пониско средно образование (1,8 отсто). Исто така, статистиката на Евростат покажува дека мажите се повеќе склони кон овој вид на деловен ангажман отколку жените (3,2 наспроти 2,8 проценти). Огромното мнозинство од работниците на платформите во анкетираните европски земји не биле осигурени по ниту еден основ. Здравствено осигурување немале 54 отсто од нив, а 62 отсто од нив немале никаква заштита во случај на губење на работното место.
Ниво на дигитални вештини
Денес технологијата ни овозможува различни можности за работа, можности кои не можевме да ги замислиме пред само неколку години. Меѓутоа, онлајн светот претставува опасност и за работниците бидејќи со себе носи одредени несигурности. Авторите на публикацијата на Светска банка велат дека владите можат да ги искористат придобивките од „ гиг економијата“ и тоа за да го подигнат нивото на дигитални вештини на нивните жители, но и да обезбедат поголеми можности за заработка и зголемување на приходите.
Со цел успешно да воспостават рамнотежа меѓу работниците и платформите, владите мора да преговараат со имателите на платформи за проширување на социјалните права преку внимателно дизајнирани програми. Дополнително, тие мора да воспостават модел на колективно преговарање, моментално целосна непознаница меѓу работниците кои ги остваруваат своите приходи „онлајн“.
На крајот на краиштата, европската директива донесена од Европскиот парламент во април оваа година налага поголема безбедност во извршувањето на работните абгажмани преку платформи, како и спречување на лажно самовработување. Државите допрва треба да воспостават таква практика. (Poslovni.hr)