Македонските инвеститори покажале силен интерес за купување на новите хартии од вредност по пат на иницијална јавна понуда (IPO) на Македонската берза, објаснуваат од компанијата Свод Мастер АД Скопје (сопственик на стриминг платформата „Глеј”).

Ова е прва историска продажба на акции преку иницијална јавна понуда на која се понудени 200.000 обични акции со продажна цена од 600 денари по акција и вкупна вредност на емисијата од 120.000.000 денари.
„Граѓаните и компаниите имаат можност да учествуваат во првата историска IPO трансакција на акции на една македонска компанија, која покажа храброст и транспарентност да излезе јавно на нашата берза и да понуди дополнителни акции како алтернативен начин на дофинансирање.
Поради ова, Илирика Инвестментс го поддржа IPO-то на Свод Мастер како современ бизнис модел. Исто така, Глеј ја отвора вратата за продажба на акции на овој транспарентен начин за кој веруваме дека ќе биде успешен и позитивен пример за другите компании во земјава”, вели Васко Митев од Илирика.
Дарко Перушески, извршен директор и ко-основач на Свод Мастер АД е задоволен од интересот на јавноста за акциите на Глеј.
„Интересот за купување на акцијата е одличен. Задоволни сме, постојано добиваме повици од граѓани и компании кои сакаат да инвестираат, а веќе во првите 10 дена од тргнувањето беа купени речиси 5000 акции што ја покажува довербата во нашиот бизнис модел. Веруваме дека до крајниот рок, 25 август 2025 година, ќе имаме успешна ИПО за да го градиме моделот на раст преку транспарентност, иновативност и вклучување на јавноста”, вели Перушески.
Според него, средствата од продажбата на дополнителните акции во најголем дел ќе бидат инвестирани во квалитетна домашна продукција достапна во секое време за секое семејство во Македонија и дијаспората.
Досега „Глеј“ продаде речиси три проценти од понудените акции, што е очекуван динамичен почеток за македонскиот пазар на хартии од вредност, кадешто најголемата мобилизација на инвеститорите се случува во завршната фаза од тргувањето, особено по завршувањето на летните одмори.
Компанијата Свод Мастер АД АД Скопје наместо да користи банкарски кредити се реши да излезе на Македонска берза и да обезбеди капитал за инвестирање во проекти преку Јавна иницијална понуда. Сите заинтересирани инвеститори и граѓани за јавната понуда на нови хартии од вредност и идните планови на компанијата , може да се информираат преку официјалните беб страници на Свод Мастер АД Скопје и Македонска берза.