Голем пакет со 10.646 акции од Винарската визба „Тиквеш“ оди на јавна берзанска аукција, која ќе се одржи идната среда. Почетната цена е 10.596 денари за акција. Или, за хартиите од вредност кои обезбедуваат 3,94 проценти од акционерскиот капитал на компанијата, треба да се платат минимум 112.805.016 денари, односно над 1,8 милиони евра.

„Ве известуваме дека на 20.08.2025 година (среда), на барање на членката Еурохаус АД Скопје, по пат на јавна берзанска аукција на акции при продажба на големи пакети на акции ќе се понудат за продажба 10.646 обични акции издадени од ВВ Тиквеш АД Кавадарци што претставува 3,94% од основната главнина на друштвото, со почетна продажна цена од 10.596,00 денари по акција преку моделот се или ништо“, наведено е во известувањето од Македонска берза.
Според податоците на Централниот депозитар за хартии од вредност, единствен голем акционер во ВВ „Тиквеш“ е трговското друштво за инжинеринг и услуги во прометот „М-6“ ДОО Скопје, кое поседува 80,08 проценти од вкупниот број акции. Станува збор за компанија зад која стои македонскиот бизнисмен Светозар Јаневски.
ВВ „Тиквеш“ е еден од најголемите производители на вино во Македонија. Во визбата годишно се преработуваат 55 милиони грозје и се произведуваат околу 35 милиони литри вино. Асортиманот опфаќа 24 видови вино, вклучувајќи црвени и бели вина, квалитетно и специјално одбрани типови вина. Вината на „Тиквеш“ се присутни на пазарите во Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Европската унија, Русија, Украина, САД, Канада и Австралија. Компанијата во последните три години бележи континуиран раст на добивката.
Инаку, компанијата во првото полугодие остварила приходи од продажба во врендост од 1.679.465 илјади денари (27,3 милиони евра). Најголемиот дел (над 15,8 милиони евра) се приливи од извоз, кои се проследени со годишен раст, исто како и ефектите од продажбата на домашниот пазар. Паралелно со тоа, зголемена е и полугодишната добивка, која по одработените шест месеци е во износ од 133.377 илјади денари или 2,2 милиони евра.