Градежништвото во исклучително тешки услови, „Гранит“ подготвен и за вакви времиња. Градежништвото: од раст од 8,9% во третиот квартал од 2019 година, поради пандемијата - пад од 12% во вториот квартал од 2020 година. Градежниците бараат од државата пакет мерки за поддршка на градежниот сектор. Не’ очекува уште потешка година од претходната, вели за Анторис Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија, член на Управниот Одбор на ГД Гранит АД Скопје и добитник на повеќе награди и признанија од областа на градежното конструкторство.

 


  • Колкави штети претрпе гадежната индустрија во време на епидемијата?


-Градежништвото не остана имуно на пандемијата која дополнително влијаеше на веќе забавената динамика на економски раст во секторот што почна да забавува уште во последниот квартал од 2019 година. Така, од раст од 8,9% во третиот квартал од 2019 година, во периодот непосредно пред и по почетокот на пандемијата, активноста се намалува за да заврши со пад од 12% во вториот квартал од 2020 година. Третиот квартал од 2020 година негативниот тренд беше привремено прекинат, со позитивен раст од 3,4%, меѓутоа, последниот квартал од 2020 година, градежништвото го заврши со пад од 1,4%. Во првиот квартал од 2021 година, секторот оствари реален годишен пад од 1% , при што последиците особено ги чувствува нискоградбата во која има намалување на извршените градежни работи од 16%, додека кај високоградбата има раст од 18,4%.

  • Кои гранки најмногу се погодени?


-Градежништвото, иако не беше директно погодено од пандемијата на КОВИД – 19, како други сектори (транспортот, угостителството), поради неговата поврзаност со најпогодените сектори, како и поради случувањата во рамките на глобалната економија, ги почувствува последиците со одложен, но не и со помал интензитет. Сепак, одредени компании во делот на производството на градежни материјали беа директно засегнати и значително ги почувствува импликациите од преземените мерки за превенција и справување со последиците од вирусот во екот на пандемијата, при што одредени производствени капацитети беа во целосен прекин. Други се соочија со значително намалување на нарачките од деловните партнери.

  • Дали има градежни бизниси што профитираа во време на кризата?


-Според нашето мислење и сознанија, немаше услови за тоа. Заложбите на членките на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите беа насочени кон одржување на деловната активност и задржување на бројот на вработените. Доказ дека вложиле напор да ги реализираат заложбите е податокот за бројот на компании во секторот во 2020 година кој е на речиси исто ниво како во 2019 година, како и бројот на вработените кој е намален за 1,5 %.

  • Ковид-кризата стивнува, дали има показатели дека бизнисот може да се опорави во некој оптимален рок и колку долг би можел да биде тој рок ?


-Специфичноста на градежништвото како стопанска гранка која е од витално значење за економијата, неговата поврзаност со уште дваесетина други стопански гранки и факторите што го условуваат работењето во секторот, придонесуваат градежништвото различно да реагира на случувањата во економијата и промените во деловното опкружување. Поради тоа, од почетокот на пандемијата постојано укажуваме дека е потребно да се посвети посебно внимание на дефинирање на приоритетните цели, како и на реализацијата на капиталните проекти во градежништвото, ако сакаме да се искористи неговиот потенцијал и да придонесе за развој на економијата. За жал, состојбите во моментот се неизвесни и според нашите прогнози не’ очекува уште потешка година од претходната. Зголемените трошоци за репроматеријали, организацијата на работењето во новонастанатите услови со почитување на мерките и на препораките за заштита од вирусот, намалените капацитети на централната и на локалната администрација, намалувањето на интензитетот на објавување јавни набавки за градежни работи, како и мораториумите, предизвикаа градежните компании, иако со задоцнување, сериозно да ги почувствуваат последиците од здравствено-економската криза. Тоа што особено загрижува е поскапувањето на цените на градежните материјали како резултат на порастот на трошоци за репроматеријали на светските берзи и проблемите при транспортот во глобалните синџири на снабдување, со што се доведува во прашање исплатливоста на реализацијата на одредени проекти особено на тие што се изведуваат врз основа на договори во кои се предвидени фиксни цени за изведба. Поскапувањето на цените е особено изразено во последните месеци, а исто така и времето на испорака е значително зголемено кај сите добавувачи. Честите и непредвидливи промени во понудата на репроматеријали директно влијаат на производните трошоци и иако производителите во нашата држава преземаат мерки што се во нивна моќ да ги амортизираат поскапувањата, сепак неизбежно е зголемувањето на цените на одредени производи. Поради тоа, со оглед на тоа што од почетокот на пандемијата градежништвото можеше да ги користи само општите мерки за ублажување на ефектите од кризата достапни за сите компании што ги исполнуваат условите од сите сектори, сметаме дека се созреани условите да се донесе пакет на конкретни мерки наменети за поддршка на градежниот сектор и ублажување на негативните ефекти предизвикани од поскапувањата на градежните материјали пред тие дополнително да се продлабочат. Како фела, работиме на нивното конципирање и во скоро време ќе ги доставиме до надлежните институции.

  • Како работи Гранит од почетокот на кризата?


-Работи во исти услови како и сите други градежни компании. Соочена со намалена продуктивност на трудот, ограничената достапност на човечки ресурси во најзначајниот период од сезоната, ограничената достапност на градежни материјали и производи, како и одложувањето на времето на нивна испорака, компанијата работеше во исклучително комплицирани и незавидни услови. Сепак, лојалноста на вработените, нивната желба за подобро работење, нивното искуство и знаење како и навремените одлуки и успешното раководење на менаџерскиот тим покажаа дека системот на работа на компанијата успешно се развивал, се негувал, се модернизирал низ годините и подготвен е да работи и во тешки и непредвидливи услови. Благодарение на тоа, успеавме да се справиме со предизвиците и во голема мера да и одолееме на кризата.

  • Нешто за вас лично: дали работите на некој проект, по вашата специјалност, градежно конструкторство?


-Секојдневно работам на повеќе проекти кои се во рамки на мојата стручност и специјалност со оглед дека извршувам позиција на технички директор на една од најголемите градежни компании на Балканот која бара динамичност, посветеност и сериозен ангажман на повеќе комплексни и сериозни градежни проекти.

 

Бране Стефановски