Првта емисијата на граѓанска обврзница, што вчера за првпат беше ставена за тргување на Македонска берза, беше издадена во текот на овој месец, при што на аукцијата одржана на 13 јули беа запишани вкупно 1 448 030 000 денари. Берзанското ѕвонче го заѕвонија главниот извршен директор на Македонкска берза, Иван Штериев и министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Меѓутоа првиот ден на котација помина без тргување со граѓанската обврзница, немаше заинтересирани ниту да продадат, ниту да купат. Брокерите велат дека тоа е очекувано, бидејќи во граѓанската обврзница инвестираат пред се домашни физички лица, кои граѓанската обврзница ја гледаат како сигурна инвестиција на подолг период која ќе им донесе и сигурен принос. Поради тоа и  е н некој начин очекувано дека ќе нема тргување со оваа хартија од вредност на првиот ден на котација.

-Граѓаните кои учествуваа на аукцијата на 13 јули 2023 година сега и официјално можат да тргуваат со своите граѓански обврзници преку Берзата, и на тој начин можат да си ги добијат парите што ги инвестирале пред истекот на обврзницата. Од друга страна тоа дава можност граѓанската обврзница да се купи од страна на оние што не успеале да учествуваат на аукцијата на 13 јули, смета министерот за финансии.

Тргувањето на граѓанската обврзница ќе може да ја направат граѓаните преку банките (Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стоапнска банка АД Скопје, ТТК Банка и Шпаркасе банка) и брокерските куќи.

-Граѓаните ги препознаа предностите на овој нов иновативен производ што го понудивме на финансискиот пазар. На првата емисија интересот беше 2,5 пати поголем од објавениот износ и сѐ уште има интерес од граѓаните од кои добиваме прашања кога и како можат да купат граѓанска обврзница. Беа запишани вкупно 1 448 030 000 денари од страна на 1 283 граѓани. Минималниот износ со кој можеа граѓаните да учествуваат на аукцијата, што се одржа на 13 јули, беше 10 000 денари, односно купување на една обврзница, а каматата што ќе ја добијат е пет отсто на годишно ниво, односно вкупно 10 проценти за двете години. Приносот ќе им биде исплатен на 20 јули 2024 и 20 јули 2025 година, истакна министерот.

Главниот извршен директор на Македонска берза посочи дека котацијата и отпочнувањето со тргување на Берзата со граѓанските обврзници, покрај тоа што на нивните иматели ќе им обезбеди централизирано место за продавање и купување на истите, претставува и проширување на понудата на финансиски инструменти на нашиот пазар.

-Големиот интерес за купување на овие обврзници при примарната емисија ја потврдува тезата на Берзата дека побарувачка за квалитетни и атрактивни инструменти на пазарот и тоа како постои – треба само да се сака и да се знае како тоа да се искористи. Со издавањето на граѓанската обврзница Министерството за финансии го препозна ова и делуваше во вистински правец. Се надеваме дека ова е само почеток и дека ќе следуваат нови вакви или слични емисии на државни хартии од вредност, при што Берзата, како институција и инфраструктура, е секогаш подготвена да ги поддржи овие активности во функција на дополнителен развој на инвестициската култура и македонскиот пазар на капитал во целина, рече Штериев.

Како што информира Министерството за финансии, граѓанската обврзница како безризичен и сигурен инструмент за граѓаните, ќе биде присутна на пазарот во континуитет и се планира до крајот на годината да се издаде уште една емисија. Бенефитите за граѓаните се повеќекратни од инвестирањето во овој инструмент, а дополнително инвестирањето во нив значи и придонес во растот на економијата, како и намалување на сивата економија. Покрај граѓансакта обврзница, до крајот на годината ќе се понуди уште еден нов инструмент „зелената обврзница“ која ќе биде наменета и за граѓаните и за правните лица, а средствата ќе бидат искористени за зелени инвестиции.

Покрај граѓанската обврзница на Берзата котираат обвзниците за денационализација и континуираните државни обврзници. Согласно потпишаниот Договорот помеѓу Министерството за финансии и Берзата, во наредниот период ќе продолжи котацијата на сите идни емисии на државни обврзници за кои ќе биде поднесено барање од Министерството до Берзата.