Некогашната оаза меѓу Бутел и Радишани, „Флораком“, сега е претворена безмалку во џунгла, па човек не може да сфати – како од толку многу растенија, украсни дрвја и цвеќиња што ги продаваше „Флораком“, сега на таа површина гледа само неискосена трева и ретко некое коренече жива ограда. Царува глувоста, како да е „Флораком“ лоциран во некое планинско село до кое нема ни пат ни пристап. Порано, особено напролет, не можеше да се дочека рад за да се купат украсни дрвца, жива ограда, некои цвеќиња и се’ што е потребно за добро уреден и украсен двор.

Сега, на целиот просотр на „Флораком“ нема струја, исклучена е поради долгови кон ЕВН. Поради тоа, не можете да платите со готови пари, ниту со картичка, па благајничките ви даваат про-фактура со која морате да одите во банка, нјаблиску е банката кај пазарчето во Бутел, па тоа што сте имале намера да го купите од „Флораком“, од тоа што останало, ќе ве чини време и нервоза, потрошен бензин и метеж во сообраќајот, а банката во која уплаќате наплаќа провизија за услугата. Патем, тие благајнички, бидејќи нема продавница во околината, за да купат појадок одат или до Бутел, или до Радишани, па нивната пауза од поливина час, се протега на час и половина, тоа е времето на вашето чекање да се вратат на работното место. Со еден збор, жална атмосфера, неделовна, застанато време меѓу висока трева и меланхолија.

Околу куќичката, во која се наоѓа канцеларијата за благајничките и една поголема просторија за работниците, двајца-тројца разочарани работници, кои одвај чекаат да направат муабет со некого, да се пожалат дека гратското јавно претпријатие „Паркови и зеленило“ ги оставило и дека не води никаква грижа за нивната ситуација. Плата не земаат редовно, сметката им е блокирана, тоа што ќе го земат го земаат од „Паркови и зеленило“, зашто нивната сметка 2 години е блокирана, па ако легне некој денар на неа - веднаш ќе биде конфискуван од извршителите. Ни самите не знаат како ја земаат таа нередовна плата и на кој начин се исплаќаат! Работнците кажуваат дека, во „Паркови и зеленило“ пролетоска на конкурс се примени 56мина работници, од кои 55мина се Албанци, а само еден Македонец и тврдат дека според односот на раководството на „Паркови и зеленило“ се тешко дискриминирани по национална основа, на прво место се стваат Абанците, на второ Ромита, а по третман и по однос тие се на трето место. Тој еден Македонец, што е примен на почетокот на март, имал поднесено приговор за тоа што вработувањата не се соодветни, односно неизбалансирани, но од раководството добил укор и порака да го повлече приговорот. Тие тврдат дека сите новопирмени работници не доаѓаат на работа, а земаат плата, а дека еден што доѓа со еден огромен џип на работа, се задржува само час – час и пловина и си оди без да бара дозвола од никого, односно дека никој неговото отсуство не го евидентира.     

Работниците што ги затекнавме во „Флораком“ се крајно депримирани, а крајно љубезни во советите околу садењето на садниците што ги купувате.  

За да ја чуеме и втората страна, вртевме на сите телефони што се наоѓаат на страницата на „Паркови и зеленило“, но никој не дига слушалка. Само на еден мобилен телефон се јави машки глас, кој, на нашето прашање за судбината на „Флораком“, одговори – „не знам, јавете се на друго место“, типичен одговор ако имате среќа да ви се јави некој во било која институција во оваа држава.

На веб страницата на „Флораком“ ќе најдете:

„Флораком“ ДОО Скопје е основано од ЈКП Комуналец во 1991 година, од 10.12.2001 година е трансформирано во „Флораком“ ДООЕЛ – Скопје, чиј основач е ЈП „Паркови и зеленило“. „Флораком“ ДООЕЛ врши хортикултурно уредување на различни површини, како дворови и балкони со сезонско цвеќе и дендролошки материјал. Внатрешно уредување со саксиско цвеќе во фирми, но и на приватни лица, како и уредување на различни видови манифестации, изработка на цветни аранжмани и букети“, но во практиката нема ништо од ова.

Прашање е зошто „Флораком“ се држи ни живо ни мртво? По две години блокирана сметка, логичо и законски е да се поведе стечајна постапка и, ако не го бива ни тогаш, ако не се најде некој што ќе ги откупи долговите, тоа треба да оди во ликцвидација.  

Порано, во залтните времиња, во „Флораком“ се чекаше ред, сега никој не влегува, конкуренцијата од приватните фирми е огромна, според тоа „Флораком“ нема приходи, па ако е така, можеме да заклучиме дека постои само за вработување партиски кадри и тоа општи работници.

Секогаш ќе се најде некое претпријатие кое не е многу на увид на јавноста, кое добро доаѓа за партиската ладовина, а ладовината во „Флораком“ е многу попријатна со нејзината зелена подивена трева, скриено од јавноста дури и со отстранувањето на таблата на која порано стоеше името на овој расадник.